Литл Џон: Одговорноста во борбата против корупцијата не е само на Владата, туку на сите партии

Напредокот што е направен во Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста е резултат на заедничките напори на Владата, на граѓанското општество и на приватниот сектор.

Тоа го изјави денеска вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава, Џенифер Литл Џон во обраќањето на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ во Скопје.

– Направени се важни напори во борбата против корупцијата, но уште многу треба да се направи и да се покаже една трага на истражување, гонење и судење случаи на висока корупција. Значајно е да се донесе нов закон за Јавно обвинителство, да се покаже национална заложба за борба против корупцијата и градењето силно обвинителство. Велам национална заложба затоа што ова е над политиката и е значајно за земјата и за нејзината иднина. Тоа значи дека одговорноста не е само на владината коалиција, туку на сите парламентарни партии. Опозицијата исто така има одговорност да биде конструктивна и да се вклучи во напорите. Без учество на сите политички актери овие позитивни реформи нема да напредуваат и нема да бидат ефективни, изјави Литл Џон, истакнувајќи дека градењето на понезависни, посилни и поотпорни судски институции е важна цел.

Нагласувајќи дека колективната заложба за суштински реформи е апсолутен предуслов за успех за борбата против корупцијата, Литл Џон констатира напредок во некои области, како што се слободата на медиумите, чекорите што ги прави Државната комисија за справување со корупцијата, отчетноста за трошењата на Владата достапни он лајн, како и на законските измени на судството и Обвинителството.

– Но, и покрај оваа подобрена клима, корупцијата се уште е огромен проблем. Справувањето со корупцијата е во интерес на сите нас. Според извештајот на ОН за 2018 година, вкупните трошоци за корупција во светот изнесуваат три трилиони евра. Речиси еден трилион евра се плаќа за мито, додека 2,3 трилони се украдени, што е повеќе од пет отсто од годишниот глобален БДП, изјави Литл Џон.

Амбасадорката потенцира дека никој не е имун на корупцијата и оти откако таа ќе се појави никој не поштеден од штетата што ја предизвикува.

– Но, владите не може да го направат тоа сами, бидејќи таа борба мора да биде партнерска со вклучување на сите страни, како што се граѓанските организации кои имаат суштинска улога во организирање на граѓанското општество, а потоа и стопанските комори кои треба да проговорат, нагласи Литл Џон. /МИА

Рекорден број новозаболени во Словенија,се воведуваат построги мерки

Во Словенија, во последните 24 часа биле потврдени 137 нови случаи на инфекција со коронавирус од 3557 тестови, што е за 33 повеќе од претходниот ден и е нов рекорден број на потврдени дневни инфекции од почетокот на епидемијата.

Досега најголем број на нови инфекции во еден ден е забележан на 15 септември, кога биле потврдени 123 нови случаи, од извршени 3.123 тестови.

Поради големиот пораст на бројот на новоинфицирани во последните две недели, Словенија е ставена на списокот на епидемиолошки небезбедни дестинации од страна на британската влада, откако тоа го направија и Норвешка, Шведска, Литванија и Естонија претходните денови, објавија денеска словенечките медиуми.

Бројот на активни случаи на инфекција во Словенија во моментов е 1116, од вкупно 4195 потврдени инфекции регистрирани од почетокот на епидемијата, објави Министерството за здравство.

Во болниците има 67 пациенти со ковид-19, што е за седум повеќе од претходниот ден, а 11 од нив се на интензивна нега. Биле забележани четири нови смртни случаи, а бројот на жртвите се искачи на 138.

Бидејќи следните десет дена се сметаат за клучни за смирување на епидемиолошката состојба, владата на Јанез Јанша ќе воведе задолжително носење маски на јавни простори како што се пазарите, но и во училниците и универзитетските сали.

Владата разгледува и можно ограничување на дозволеното дружење на луѓето на најмногу до шест лица. Покрај тоа, од следната недела ќе се ограничи работата на кафулињата, клубовите и другите локали, па ќе им биде дозволено да работат до 22 часот, а предвидени се и некои ограничувања за работата на продавниците, објавија медиумите.

Од друга страна, владата го повикува населението да преземе одговорност и доследно да се придржува до основните епидемиолошки мерки - одржување на потребното растојание, хигиена на рацете и избегнување приватни собири надвор од семејниот круг, како што се родендени и други прослави.

Со цел да се намали можноста за ширење на инфекцијата во работните средини, владата на Јанез Јанша ги повика работодавците во четвртокот да ја мерат температурата на сите вработени кога ќе дојдат на работа и со тоа да овозможат безбедна работа, за која тие се законски одговорни, и да го дефинираат степенот во договор со докторите на трудот за ризикот од инфекција во нивните простории и превентивно да го прилагодат начинот и времето на работа.

Во САД се појави смртоносна болест што ја пренесуваат комарците

По повеќе месечни обиди да се спречи пандемијата на коронавирус, службениците за јавното здравје во Мичиген се соочуваат со друга закана и потенцијално поубиствена болест - источен коњски енцефалитис.

Болеста се пренесува преку комарци, а властите ја засилија дезинсекцијата откако се разболе 28 коњи и еден човек.

Источниот коњски енцефалитис, како што сугерира името, е присутен во источниот дел на Соединетите држави, но и во другите делови на земјата, пишува Ројтерс.

Општо е редок кај луѓето и убива 30% од луѓето кои се заразуваат.

Пет лица биле заразени во САД оваа година и таа пресметка не го вклучува горенаведениот случај.

Властите ги повикаа граѓаните да ги покриваат украсните езерца и да размислат за откажување на активностите на отворено за да се намали ризикот од каснување од комарец.

На „Инвеститорскиот ден" на Берзата склучени 339 трансакции, најголем број од јуни досега

На денешниот „Инвеститорски ден" на Берзата склучени се вкупно 339 трансакции што е најголем број од јуни до денеска.

– Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво во овој период е 169, а просечниот дневен број на трансакции изнесува 62 трансакции, соопшти Македонската берза.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот денеска надминал милион евра, односно изнесува повеќе од 63 милиони денари, што е пораст од четири пати во споредба со просечниот дневен промет во БЕСТ во последниот квартал кој изнесува 15,3 милиони денари и е прв најголем промет на Берзата во овој период во класичното тргување. Воедно, денеска во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 620 налози за тргување, што е втор најголем број на внесени налози во текот на оваа година.

– Дополнително, податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност покажуваат голем пораст на бројот на новоотворени сметки за хартии од вредност по најавата за одржување на „Инвеститорскиот ден", односно за една седмица се отворени над 50 сметки во ЦДХВ, што значи дека тоа се инвеститори кои никогаш претходно не тргувале на Берзата. За споредба, просечниот број на новоотворени сметки во ЦДХВ последниот квартал изнесува 73 сметки месечно. Сите овие показатели потврдуваат дека иницијативата „Инвеститорски ден", на кој домашните физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на промет до 10.000 евра, е моќна алатка за промоција на инвестирањето во македонски акции и затоа овој настан ќе стане традиција на македонскиот пазар на хартии од вредност, велат од Берзата.

„Инвеститорскиот ден" го иницираше Берзата по повод одбележувањето на 25 години од нејзиното основачко собрание, а иницијативата ја прифатија ЦДХВ и осум членки на Берзата и ЦДХВ (Еурохаус, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија). Иницијативата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност. /МИА

притисни ентер