Ветингот на „стенд бај" до изборите

Дебатата за ветинг, како и започнувањето на процесот не може да се заврши пред изборите, рече министерката за правда Рената Дескоска

Дебатата за ветинг, како и започнувањето на процесот не може да се заврши пред изборите, рече министерката за правда Рената Дескоска, образложувајќи дека за да се почне процес на ветинг во правосудството потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот, додека претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во однос на ветингот посочи дека не е проблем само малиот број на обвинители, туку и тоа што на јавното обвинителство му е загарантирана самостојноста согласно Уставот и треба да се внимава тоа да не биде прекршено.

– Тоа е реалност, ниту еден процес не треба да биде избрзан. Драго ми е дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење, така што тоа 99 отсто, ако не и 100 отсто ќе остане за после изборите, нагласи Дескоска.

Во однос на моделот и кој ќе го спроведе, Дескоска рече дека се можни повеќе варијанти, односно една варијанта е да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но можно е тоа да оди и преку активност на повеќе институции.

– Можни се повеќе варијанти, една варијанта е дека може да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но исто можно е и прочистувањето да оди преку активност на повеќе институции почнувајќи од постојни институции кои постојат во комбинација со вршење на нивните надлежности, но имаме и модели што ги гледаме дека постојат и се спроведувале во други земји, односно комисија што целосно ја презема таа надлежност и го спорведува процесот. Тоа треба да биде процес договорен со консензус од двотретинско мнозинство, рече Дескоска.

Колевски смета дека Советот на јавни обвинители би требало да учествува во процесот на ветинг и тоа да се спроведе со внатрешни сили.

– Најпосле тука е Владата која го именува јавниот обвинител и надзор врз работењето на јавните обвинители секогаш врши повисокото јавно обвинителство, односно јавниот обвинител така да во секој момент тој може да нареди да се изврши вонредна контрола врз работењето на јавните обвинители покрај редовната контрола што се врши два пати годишно, рече Колевски.

Тој додаде дека во процесот на ветинг може да се вклучат и меѓународни структури, но само како советници, затоа што целата операција околу стручното работење на јавните обвинители го врши самото јавно обвинителство.

Колевски смета дека домашните институциите треба секојдневно да вршат проверки ако има сомневање за извршена корупција и веднаш да стапат во дејство, а не да се чека посебна акција.

– Тоа е нивна работа и овластување согласно Уставот и законите, доколку тие затаат тогаш грешката е во нивна страна, односно тука се работи за нивно неработење во откривањето на криминалитетот, оцени Колевски.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека ДУИ сака добро да го осмисли ветингот за да се се врати кредибилитетот на носителите на јавни функции. /МИА

Гир: Да се исполнат препораките од ОЛАФ, нема да се намалат средствата за Еразмус+

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

Амбасадорот на Европската унија во државава Дејвид Гир изјави дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската унија за Националната агенција за Еразмус+, како и дека програмата од која придобивки имаат младите, ќе продолжи понатаму да се имплементира.

Во одговор на новинарско прашање откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара поврат на 2,2 милиони евра од Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ Гир денеска рече дека очекува државава да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ.

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

– Очекуваме од страна на Националната агенција за Еразмус+ тука во Република Македонија да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки коишто се дадени од страна на ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата Агенција за Еразмус+ што значи дека остануваме убедени дека количеството на финансиски средства кои што се определени за Еразмус+ нема да се намалува, напротив ние сме среќни да споделуваме со вас дека Еразмус+ ќе остане да се имплементира и од неа ќе имаат придобивки младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја, рече Гир, на новинарско прашање по учеството на панел-дискусијата „Разобличување на антиродовите дезинформации“.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски вчера на прес-конференција соопшти дека биле информирани дека постојат неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Ѓорѓиевски рече дека не може да соопшти повеќе детали, бидејќи предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражната постапка. Агенцијата,, како што рече, е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.

„Туркиш ерлајнс“ по 10 години ги обнови летовите за Триполи

Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги обнови своите летови за Триполи по 10-годишен прекин, означувајќи ново поглавје во односите меѓу Турција и Либија, пишува турскиот весник „Туркије“.

Авионот на авиокомпанијата слета на меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина и беше пречекан со церемонија на која присуствуваа министерот за транспорт на Либија, Мохамад Салем Аш Шахуби, турскиот амбасадор во Триполи, Кенан Јилмаз, генералниот директор на турската цивилна авијација проф. Кемал Јуксек, генералниот директор на цивилното воздухопловство на Либија, Абдурахман бин Јусуф и генералниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екши.

Министерот за транспорт на Либија, Мохамад Аш Шахуби, изрази благодарност до турската влада за нејзините напори да ги обнови летовите на авиокомпанијата. Според него, тој чекор ќе ги поттикне и другите меѓународни авиокомпании да преземат слични чекори.

Турскиот пратеник Јилмаз рече дека Турција и Либија се решени да ги зајакнат своите односи на полето на транспортот, како и на сите други полиња. Тој подвлече дека обновувањето на летовите претставува историски пресврт во односите меѓу двете земји. /МИА

Мицотакис: Од 1 април минималната плата се зголемува на 830 евра

Зголемување на минималната плата во Грција за 50 евра соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната владина седница истакнувајќи дека од 1 април ќе изнесува 830 евра, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот премиер посочи дека ова е четврто зголемување во изминатите пет години откако Нова демократија дојде на власт, потсети дека во 2019 година, изнесуваше 650 евра и сега „во суштина има пораст од 27 отсто“.

-По покачувањата во државниот сектор, по покачувањето на пензиите, се спроведува во пракса уште еден чекор во реализацијата на нашите заложби. Воведуваме трајни мерки, го нагласувам ова, трајни мерки, кои се однесуваат на милиони домаќинства и кои очигледно ќе важат и откако ќе поминат меѓународните зголемувања на цените, за да можеме да ја постигнеме поставената цел: во 2027 година просечната плата во нашата земја да биде1.500 евра, а минималната плата 950 евра, рече Мицотакис.

Објасни дека зголемувањето на минималната плата ќе значи и зголемување на уште 18 додатоци и бонуси. /МИА

притисни ентер