Конференција „50 години дипломатија": Дипломатијата е националниот идентитет на секоја земја

Секоја земја во дипломатијата го истакнува својот идентитет, својата културна вредност, својата историска традиција.

Улогата на дипломатијата е да гради мостови, пријателства, а првите 50 години се секогаш најтешки во градењето на дипломатијата. Ова беа пораките од конференцијата „50 години Македонска дипломатија", што во организација на Министерството за надворешни работи на Македонија и Дипломатскиот клуб – Скопје денеска се одржа во МНР.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека професионалната дипломатија е темелот на нашиот успех и Министерството за надворешни работи е куќата која ги чува, ги надградува и ги мобилизира искуствата научени низ годините.

– Поучени од минатото кога некои отворени прашања ги блокираа интегративните процеси, но и служеа како изговор за неодговорна домашна политика, избравме одлучен и проактивен пристап при етаблирање на државата како стабилен и одговорен регионален и европски чинител. Практикувањето политика на отворен пристап насочен кон решавање на проблемите и отворените прашања, треба да остане во основата на нашите дипломатски активности, рече Димитров.

Тој истакна оти постојано треба да се зацврстуваат и надградуваат темелите врз кои ќе почива нашата дипломатија, ориентирана кон резултати во нашите надворешно-политички приоритети и интереси и додаде дека квалитетна и професионална дипломатска служба е врвен државен интерес од кој зависи нашата долгорочна стабилност и просперитет.

– Компасот на мултилатерализмот го покажува најкраткиот и најбезбеден пат до било која дестинација, тој компас треба да продолжи да ја води нашата дипломатија. Треба да задржиме видлива, проактивна и препознатлива позиција во мултилатералната арена и да бидеме дел од државите кои директно придонесуваат кон колективните решенија на денешницата, рече Димитров.

Тој посочи дека визијата го одредува патот на нашата диполоматија и токму визијата што ја имаме пред очи ни овозможува да ја видиме Македонија како рамноправна членка и партнер во светското семејство на држави.

– Водени од изворните европски вредности и нејзиниот потенцијал за квалитативна трансформација на земјите членки, нивната стабилност, безбедност и просперитет, членството во Европската Унија претставува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Наша крајна цел е преку процесот на европско пристапување, да создадеме предуслови за зрело и одговорно демократско општество по урнек на докажаните европски демократии. Верувам во нашите европски амбиции и потребата од брз европски пробив, заклучи Димитров.

Словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец истакна дека првите 50 години во градењето на една дипломатија се најтешки.

– Вие денес одбележувате 50 години дипломатија. Тоа значи дека сте успеале. Македонија и Словенија се многу слични и во дипломатијата почнаа со неформален капацитет, рече Јазбец, и додаде дека дипломатијата е исто со националниот идентитет на една земја.

Изрази надеж дека Македонија наскоро ќе го заврши формалниот дел и ќе стане дел од процесот на европската интеграција и ќе почне да дејствува како да е дел од него.

Претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Виктор Габер рече дека денеска се одбележува 50-годишнината од формирањето на органот на извршната власт за односи со странство.

– Денес го заокружуваме процесот на одбележување на оваа 50-годишнина, која претставува симболичен, но многу значаен датум за нашите односи со странство. Имаме институционален однос кон овие проблеми во одбрана на интересите на државата и нејзините субјекти имаме значаен канал на афирмација на интересите на државата, но и афирмација на ситд капацитети, рече Габер.

Рече дека секоја земја во дипломатијата го истакнува својот идентитет, својата културна вредност, својата историска традиција и затоа ние сме горди оваа генерација на овие 50 години да остави таков белег.

– Во надворешната политика клучно влијание има развојот на внатрешните односи. Ние денес како држава сме самостојна суверена, етаблирана на меѓународен план. Имаме многу добра основа за понатамошен развој на сите субјекти за афирмација на земјата. Не е лесно и не е ниту едноставно, бидејќи вие мора да имате материјални и човечки ресурси кои ќе одговараат на предизвикот, кои ќе одговараат на другиот партнер и ќе одговараат со своите знаења да ги спроведат тие интереси. Затоа ние сме многу горди што успеавме во овие години од осамостојувањето да изградиме еден орган, што првично беше од 33 луѓе, а сега имаме една разгранета структура на Министерство за надворешни работи и на многу значајни субјекти кои помагаат. Тука е научната фела, медиумите, инситуциите во државата, рече Габер.

На вториот дел на Конференцијата свои обраќања имаа и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, државниот секретар Зоран Попов, дипломати и амбасадори во Министерството за надворешни работи. Во фокусот на нивните обраќања беше развојот на дипломатската служба од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, кое е претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое се етаблираште во 1991 година, на Денот на независноста. /МИА

АВМУ: ТВ Алфа со објава на злонамерни информации врши притисок врз АВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро реагира на обидот на ТВ Алфа да изврши притисок врз регулаторното тело преку објава на злонамерна информација. 

Имено, во изданието на емисијата „Заспиј ако можеш“, премиерно емитувано вечерта на 16 април 2024 година, новинарот Горан Момировски, меѓудругото тврдеше дека Агенцијата:

се меша во уредувачката политика на ТВ Алфа; и дека

неформално ѝ се заканува на ТВ Алфа дека може да биде затворена доколку нема „некаква избалансираност којашто е многу субјективна“.

Од почетокот на изборната кампања за Претседателските избори, вработени во ТВ Алфа во повеќе наврати се обратија до Агенцијата за појаснување на одредбите од Изборниот законик. И покрај тоа што Законикот во однос на обврската за избалансирано известување години наназад не е изменет и ТВ Алфа медиумски го покриваше секој изборен циклус, Агенцијата, на секое барање од телевизијата секогаш навремено одговара со појаснување на законските одредби. Секако, секој радиодифузер треба да донесе независна уредничка одлука и тоа регулаторот го потенцира во секоја комуникација со медиумите.

ТВ Алфа се пожали во повеќе наврати дека СДСМ и претставниците во власта од оваа партија одбиваат да гостуваат во нејзините програми. Агенцијата ја потсетуваше телевизијата дека во Претседателските избори учествуваат 7 кандидати, а во Парламентарните – 17 партии/коалиции, и имајќи го ова предвид може да постигне баланс при покривањето на кампањата доколку за првите издвои еднакво информативно време, а за вторите известува пропорционално, според бројот на потврдените листи со кандидати. Впрочем, ТВ Алфа не е единствената телевизија којашто се жали дека е игнорирана од некои политички субјекти, а Агенцијата, вообичаено при извлекувањето оценки за балансот ќе има предвид доколку медиумот ги поканил политичките субјекти а тие одлучиле да не учествуваат.

Воедно, ТВ Алфа намерно ја доведува во заблуда јавноста дека критериумот – според кој на радиодифузер нема да му биде обновена дозволата за емитување доколку не известува избалансирано во текот на еден изборен процес, произлегува од Агенцијата. Оваа воопшто не е точно бидејќи тоа е критериум којшто е пропишан во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

За жал, ТВ Алфа избра да ги погази професионалните новинарски стандарди и да објави злонамерна информација којашто е една од најлошите форми на манипулација со информациите, бидејќи е создадена со јасна цел да наштети некому, во конкретниов случај – на Агенцијата, се наведува во соопштението на АВМУ.

Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, е во одбрана на раскажувачите и писменоста

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.

Костадиновска-Стојчевска, денеска во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.

„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.

Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.

Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.

Тиесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот, соопштуваат од Министерството за култура.

Две девојчиња се повредени во напад со нож пред училиште во Франција, напаѓачот е уапсен

Две девојчиња се полесно повредени во напад со нож кај Суфелвајсхајм, соопшти денеска француската полиција.

Според извештаите, повредените девојчиња се на возраст од шест и 11 години, јавува француската ТВ БФМ.

Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач е уапсен.

притисни ентер