Косово се заблагодари, Вучиќ се налути за Петер Хандке

Петер Хандке синоќа ја прими Нобелова награда за литература, го подели Балканот и одново ги оживеа сенките на минатото. 

Бојкотот на церемонијата на шесте балкански земји, на кој се приклучи и Македонија, ги доби првите политички реперкусии за земјава. Српскиот претседател Вучиќ, кој Хандке го доживува како српски великан, упати директна и помалку контроверзна порака до македонската влада, особено по образложението на министерот Димитров дека отсуството на Македонија во Стокхолм е чин на спротивставување на негирањето на геноцидот.

-Изненаден сум од образложението на луѓето од С.Македонија, но како да ви кажам... Секој нека си ја тера својата работа. Нека си ја врши својата работа и им покажаа на Србите во С.Македонија како и за кого треба да се определат, како и за кого треба да гласаат. Мислам дека нивниот проблем е многу поголем отколку нашиот., изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Со пораката на Вучиќ, Македонија практично се најде меѓу два огна, откако вчера косовскиот министер за надворешни Пацоли изрази јавна благодарност до Димитров. Синоќешното доделување на наградата на австрискиот нобеловец го бојкотираа и Косово, Албанија, Босна, Хрватска и Турција, а церемонијата во Стокхолм мина со протести против одлуката на Нобеловиот комитет. Чинот на незадоволство кулминираше, но покрена и многу контроверзи, откако шведската лекарка Кристине Доктаре, во свое име ја врати Нобеловата награда за мир од 88-та, како дел од колективот мировници на Обединетите Нации.

-Додека сум жива ќе сведочам за вистината за ужасната војна никогаш да не биде негирана. Нобеловиот комитет му честиташе и му ја даде наградата. Сега својата јас ќе ја вратам, Кристина Доктаре, лекарка од Шведска

77—годишниот Хандке е драмски писател, романсиер и поет, кој за време на војните во екс Југославија отворено го негираше геноцидот во Босна и јавно го поддржуваше режимот на Милошевиќ, на чиј погреб одржа и говор.

Италијанскиот министер за одбрана, Кросето во посета на Косово

Кросето во базата на НАТО ќе ги посети војниците од италијанскиот контигент на КФОР.

Министерот за одбрана на Италија, Гвидо Кросето допатува претпладнево во Косово, каде што ќе се сретне со неговиот хомолог, косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци и со командантот на мисијата на НАТО во земјата КФОР, Озкан Улуташ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на италијансаката амбасада во Приштина се наведува дека Кросето во базата на НАТО ќе ги посети војниците од италијанскиот контигент на КФОР, на кои ќе им го честита вториот ден од тридневието на католички Велигден, Велик петок.

- Авионот со италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето штотуку слета во Приштина. На дневен ред се разговори со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци и со командантот на КФОР, Озкан Улуташ. Во базата на НАТО во „Филм Сити“ министерот ќе го поздрави италијанскиот контингент распореден на Косово, се вели во соопштението на Амбасадата на Италија во Косово. /МИА

Манолева: Болницата во Отешево со комплетно нов лик по 43 години

Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО.

Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.

„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.

Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.

Министерство за здравство

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Зголемувањето на температурите и екстремните временски настани се очекува да имаат глобално влијание на земјоделството. 

Според новата студија на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК), зголемените просечни температури би можеле да ја зголемат годишната инфлација на храната до 3,2 отсто годишно, а вкупната инфлација до 1,18 отсто годишно до 2035 година.

Во студијата, истражувачите наведуваат дека климатските фактори, како што се високите температури и екстремните врнежи, влијаеле на инфлацијата во историски контекст, но не направиле посебна анализа за тоа кои прехранбени производи најверојатно ќе бидат најмногу погодени.

„Откривме дека зголемувањето на температурите може да доведе до повисоки цени на храната, особено во топлите региони и годишните времиња“, рече д-р Макс Коц, еден од авторите на студијата.

„Во идните климатски услови, овие влијанија би можеле да станат големи - проценети на 1-3 процентни поени годишно врз инфлацијата на храната до 2035 година, загрозувајќи ги целите за стабилност на цените на централните банки, како што е ЕЦБ, која има за цел да ја задржи инфлацијата под 2 отсто“, додаде Коц.

Во исто време, вкупната инфлација може да расте во просек за 0,32-1,18 процентни поени секоја година на глобално ниво, се вели во студијата.

Зголемените или нестабилните цени ја загрозуваат економската и човечката благосостојба, како и политичката стабилност, се наведува во извештајот, цитирајќи податоци на ОН дека кризата на трошоците за живот во 2021-2022 година турна во сиромаштија дополнително 71 милион луѓе ширум светот.

Инфлацијата предизвикана од климата влијае подеднакво и на богатите и на сиромашните земји. Се очекува глобалното затоплување да влијае на инфлацијата на храната и на вкупната инфлација и во земјите со високи и со ниски приходи.

Инфлацијата расте како што растат температурите, а најсилно се јавува во лето и во топлите региони на пониски географски широчини, каде што ќе се задржи во текот на целата година. Поради оваа причина, според студијата, глобалниот југ, особено Африка и Јужна Америка, ќе бидат погодени во поголема мера.

Студијата внимателно го разгледува исклучително топлото европско лето во 2022 година, кога жештината и сушата имаа големо влијание врз земјоделството и економијата.

„Проценуваме дека исклучително топлото лето во 2022 година ја зголеми инфлацијата на храната во Европа за околу 0,6 отсто. Идното затоплување, прогнозирано за 2035 година, би го зголемило влијанието на ваквите екстремни настани до 50 отсто“, додаде Коц. /МИА

притисни ентер