Владата донесе одлука да се врати спортската сала и други објекти на општина Куманово

 Владата на вчерашната седница донесе одлука спортската сала и другите спортски објекти да и бидат вратени на општина Куманово како и други спортски сали и објекти од неколку други општини.

–Со овие одлуки, спортските сали се враќаат во владение и на управување на општините и стануваат поблиску до граѓаните и до спортските клубови во локалните заедници со што се отвораат можностите и потенцијалите за нивна поголема искористеност и за развој на спортот и физичката култура, се вели во соопштението.

Претходно и локалната власт информираше дека благодарение на позитивната волја на Владата, општината ќе си ги врати под управување градскиот стадион, стрелиштето, спортската сала и комплексот Соколана.

-Општина Куманово подолг временски период водеше иницијатива да си ги врати спортските објекти во сопствена надлежност што своевремено и припаѓаа за да може да планира инвестиции во објектите, бидејќи се наоѓаат во очајна, многу лоша состојба, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, склучување договори од страна на субјекти кои не ги исполниле своите обврски, изјави тогаш кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Првично беше вратен под владение спортскиот комлекс Соколана. Општината ќе има обврска да ги заштити овие објекти, да подготви планови за реконструкција. Претходно Куманово одвои два милиони денари за изработка на проект за спортската сала, но ќе се бараат дополнителни средства од Владата за реконструкција.

Претходно, кумановскиот градоначалник изјави дека не ја исклучува можноста за јавно-приватно партнерство и најави дека дивоизградените објекти околу спортските комплекси ќе бидат отстранети.

Пендаровски до петок ќе го додели мандатот за нова Влада

Претседателот Стево Пендаровски до петок, кога истекува десетдневниот рок, ќе го додели мандатот за составување на нова влада на оној кој ќе има мнозинство. 

Шефот на државата, како што соопштуваат од неговиот кабинет се консултирал со еминентни експерти, при што заклучил дека Собранието е конституирано на 4 август и оти оттогаш течат уставните рокови за доделување на мандатот.

-Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции, се вели во реакцијата на кабинетот на претседателот на државата.

Реакцијата се однесува на ставовите кои ги изнесе досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој рече дека доколку претседателот Пендаровски го додели мандатот за формирање на Влада, без притоа да биде избран новиот собраниски спикер, тогаш неговиот чекор би бил противуставен.

Едно лице тешко повредено во железничка незгода на патен премин кај село Лопате

Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил Ф.Ј., констатирани во Општата болница во Куманово. 

Едно лице е тешко повредено во железничка незгода што се случила во утрово на железнички премин кај кумановското село Лопате, каде дошло до судир помеѓу товарен воз, кој сообраќал на релација Табановце-Гевгелија и патничко возило „Ауди" со кумановски регистарски ознаки.

Од МВР информираат дека во 00.45 часот било пријавено за железничката незгода помеѓу товарниот воз и „Аудито", управувано од Ф.Ј. (47) од липковското село Оризаре.

– Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил Ф.Ј., констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Куманово, се наведува во соопштението од МВР.

Во два одвоени случаи пронајдени 148 мигранти

 Полицијата во текот на вчерашниот ден во два одвоени случаи пронашла вкупно 148 лица мигранти сокриени во товарни возила. 

Во близина на Прждевски споменик, Демир Капија, биле откриени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија, а на место викано „Врело" во село Ваксинце, Липково, 45 мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и палестинските територии.

Од МВР денеска информираа дека од полициски службеници од Полициската станица Неготино, во близина на Прждевски споменик вчера во 08.50 часот било сопрено патничко возило „Ауди", со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К. (35) од Скопје, а веднаш по него и товарно возило „Мерцедес", со битолски регистарски ознаки.

– Возачот на товарното возило, А.М.(37) од Липково се дал во бегство, но по кратко бил пронајден. Во товарното возило биле пронајдени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија. Двајцата осомничени биле приведени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка, стои во соопштението и се додава дека е известен Јавен обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг" Гевгелија за понатамошна постапка.

Синоќа во 19.10 часот во Полициската станица за граничен надзор Сопот било пријавено дека на место викано „Врело" во село Ваксинце, Липково, било затекнато товарно возило „ивеко дејли", со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, кое се дало во бегство.

– Во возилото биле пронајдени 45 лица мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и палестинските територии. Мигрантите биле сместени во Транзитниот центар „Табановце" за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, појаснуваат од МВР.

притисни ентер