Бензините поевтинуваат за 1,5 денари по литар

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, а цената на дизел горивата останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,08 отсто.

Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 67, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 – 69 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе продолжи да се продава за 61,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 50,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,293 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 34,478 денари.

Како причина за промена на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 3,83 отсто пониската просечна цена на бензинот на светските берзи во изминатите седум дена и за 0,48 отсто кај дизелот, како и за 0,24 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.

Десетти парламентарни избори во Хрватска под строги заштитини мерки

Јубилејните десетти парламентарни избори би можеле да бидат најнеизвесни во последните три децении, а формирањето на владата може да потрае некое време.

Нешто помалку од 3,9 милиони гласачи во Хрватска по втор пат годинава излегуваат на гласање - по претседателските избори, тие гласаат и на парламентарните избори.

Околу 7.000 избирачки места се отворија во 7 часот наутро, а гласањето ќе трае до 19 часот, кога ќе бидат објавени првите проценки на резултатите, затоа што трите најголеми телевизии заедно спроведуваат анкети со гласачите на самото избирачко место.

Хрватскиот парламент брои 151 пратеник чиј мандат трае четири години - четиринаесет пратеници се избираат во десет изборни единици во Хрватска, тројца во дијаспората, додека осум пги ретставуваат националните малцинства.

Како што беше најавено, Државната изборна комисија се очекува да започне со објавување на првите изборни резултати од 21 часот.

Изборите се одвиваат за време на епидемијата на коронавирусот, а на крајот на предизборната кампања, Хрватска забележа рекорден број регистрирани заразени лица.

Иако Државната изборна комисија прво донесе одлука дека граѓаните со потврдена дијагноза на вирусот корона нема да можат да гласаат, по одлуката на Уставниот суд, ставот се смени, па дури и оние што се заразени можат да гласаат - но преку „доверлив човек“.

За другите, ќе има строги правила за носење маски на избирачките места, почитување на физичко растојание и дезинфекција на рацете, како и совети за носење на свое пенкало.

Изборната комисија ги советуваше граѓаните да ја измерат температурата на денот на изборите и да се консултираат со лекар доколку е повисока од 37,2 степени.

Правилата ќе се однесуваат и на членовите на избирачкото место, како и на набљудувачите на изборите.

Тие мора да носат маски и им се препорачува да користат ракавици и редовно да ги дезинфицираат рацете и површините на избирачките места што често ги допираат.

Доколку не носат маски, може да се отстранат од избирачкото место.

МојДДВ #МојаНаграда: 15 граѓани кои скенирале сметки во април, мај и јуни, добија по 100.000 денари

Извлечени се 15-те најсреќни добитници на награда од по 100 илјади денари, а кои скенирале сметки во текот на април, мај и јуни.

Валентина Ѓуроска, Нацо Запров, Јуле Тасевска Марков, Наталија Грчева, Сузана Антовска, Слаѓана Јовческа, Виолета Георгиева, Славица Димоска, Сузана Димитрова, Ивица Јаначков, Наталија Велиновска, Влатко Масалковски, Мухамед Мамуди, Јасмина Каранфиловска и Ванчо Ѓорѓевски се граѓаните кои беа извлечени во саботата, во вечерниот термин на Канал 5 ТВ.

Петмина од наградените во петтото коло се од Скопје, по двајца добитници се од Струмица и од Битола и по еден од Прилеп, Гостивар, Охрид, Крива Паланка, Струга и Тетово.

Во останатите кола до крајот на годината, односно од август до декември, месечните награди ќе изнесуваат 20.000 денари и секој месец ќе се доделуваат по 15 награди.

Инаку граѓаните, преку МојДДВ #МојаНаграда, од први јули, скенираат сметки за три пати повеќе дневни награди од порано, односно до крај на годинава секој ден ќе се доделуваат 30 награди од по 1.000 денари.

Извлекувањето на втората премија, ќе се одржи во декември, а истата ќе изнесува 1.000.000 денари, наместо 3.000.000 денари, како што беше првично планирано.

Доделување на повеќе дневни наградни, но во помал износ во овој период ќе претставува мотив за граѓаните да скенираат фискални сметки и да влијаат на намалувањето на сивата економија. Дополнително намалувањето на износите на месечните награди како и главната награда ќе овозможи сепак да продолжи наградната игра со поставените цели, но со помали износи на награди што пак ќе овозможи одвојување на одредени средства за поддршка за Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.

При тоа 9,7 милиони денари од наградниот фонд ќе се насочат кон солидарните фондови на Министерството за здравство и Владата за здравствени и социо-економски мерки.

Граѓаните кои скенираат сметки и понатаму ќе имаат трикратна корист - ќе придонесат во борбата против сивата економија, ќе добијат поврат на ДДВ, како и можност за вредна награда.

Во првото полугодие годинава скенирани се над 85 милиони фискални сметки.

МВР санкционира 474 лица за неносење заштитна маска

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 474 прекршоци. 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19, соопшти МВР.

притисни ентер