Врнежи до задутре, од сабота нов влажен бран

За денеска се најавени врнежи од дожд, пообилни  во западните и јужните делови, каде се очекуваат над 25 литри дожд на метар квадратен. 

Преодно стабилизирање на врнежите од дожд кои од попладне на планините и на некои повисоки места ќе преминат во снег ќе има задутре, а в петок кон крајот на денот и в сабота се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, а на планините од снег, покажува прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

За денеска се најавени врнежи од дожд, пообилни во западните и јужните делови, каде се очекуваат над 25 литри дожд на метар квадратен. Попладне и во текот на ноќта на планините и на некои повисоки места тие ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб доумерен, кон крајот на денот повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од пет до 11 степени

Утре времето ќе биде претежно облачно и постудено со врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег, особено претпладне.Преодно стабилизирање ќе има в четврток, а во петок кон крајот на денот и во сабота се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, а на планините од снег, стои во прогнозата на УХМР.

Минимални температури до минус три степени се очекуваат в четврток и в петок, а дневните ќе се искачат до 11 односно 13 степени.

Во Велес средба на Американската амбасадорка Брнз со градоначалникот Аце Коцевски

 Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Соединетите американски држави во земјава Кејт Мари Брнз.

Како што информираат од Кабинетот на градоначалникот. средбата претставувала исклучителна можност за размена на идеи и можности за подобрување на долгогодишната соработка помеѓу Општина Велес и Амбасадата на САД.

Тие разговарале и за предизвиците со кои се соочуваат општините, за ресорите на системот на локална самоуправа и за продолжување на процесот на децентрализација на власта.

Воедно Коцевски се заблагодари на амбасадорката за искажаната загриженост во врска со штетите предизвикани од невремето што минатиот викенд зафати делови од територијата на Општина Велес.

Тие, воедно разговарале и за тоа колку за Општината е важно вложување во и реализација на проекти кои се иновативни и кои вклучуваат современи технологии.

Од двете страни било афирмирано долгорочното пријателство помеѓу двете земји и поддршката која САД ја дава преку својата Амбасадата во земјава на Општина Велес.

Градоначалникот Коцевски, меѓу другото, информирал и за тековната состојба на локалната економија и предизвиците со кои Општина Велес се соочува поради актуелната ситуација со Ковид-19 кризата.

Тој посочил дека општината и во услови на пандемија не застанува со реализација на проектите кои се од исклучително значење за подобрување на животот на сите жители на општина Велес, посочувајќи ги приоритетите на општината за тековната, и за следната година.

Најден жив исчезнатиот Ѓорѓи Дервишовски-Гоче од Тетово

Изутрината околу 6:30 часот е најден жив 62 годишниот Ѓорѓи Дервишовски-Гоче, кој вчера беше пријавен за исчезнат од неговиот брат. 

Ѓорѓи бил најден во блиина на железничката пруга по дојава од тетовчанец до братот Ристо.

– Откако беше објавено по медиумите дека е исчезнат брат ми, околу 21 часот ми се јави млад човек кој живее касарната и ми кажа дека смета дека го видел Ѓорѓи кај 18 часот кај железничката станица. Ми опиша како е облечен и така утврдив дека навистина го видел брат ми. Со еден сосед го баравме околу станицата до полноќ, но не го најдовме. Утринава околу 6 почнав пак да го барам. Долж пругата одев и викав по него Гоче, Гоче, па му го слушнав гласот како вика тука сум, тука сум, раскажува неговиот брат Ристо.

За причината како се изгубил Ѓорѓи, Ристо не може да утврди бидејќи од март месец поради здравствени проблеми и слабо зборува. Ристо исчезнувањето го пријави вчера во 19 часот откако 24 часа го немаше видено Ѓорѓи, па денеска во СВР Тетово известил и дека го нашол.

Соопштение за јавност од Еуролинк осигурување АД Скопје

Во врска со тековните случувања поврзани со Еуростандард банка, а со цел правилно информирање на нашите клиенти и соработници, Еуролинк осигурување потврдува дека нема никаква капитална или друга поврзаност со Еуростандард банка.

Еуролинк осигурување АД Скопје од 31.03.2020 е во 100% сопственост на Grazer Wechselseitige Versicherung AG (GRAWE Group) со седиште во Грац, интернационална компанија со осигурителна традиција долга повеќе од 190 години. Оттука, сакаме да ги информираме сите наши осигуреници и соработници дека одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка нема и ниту ќе има ефект врз нашето работење.

Еуролинк осигурување изнајмува деловни простории во сопственост на Еуростандард банка, каде е сместена нашата Централа, и истата продолжува да работи без прекин и пречки, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

За сите дополнителни информации за осигурениците на Еуролинк осигурување на располагање стои нашиот Контакт центар достапен 24/7 на 02/15888, а за дополнителни информации за јавноста достапни сме на [email protected]

притисни ентер