Поради одрон во прекин сообраќајот на патот Маврови Анови – Дебар, кај Сенце

На патниот правец Р1202 Маврови Анови – Дебар кај село Сенце од 6:50 часот сообраќајот е во прекин поради одрон, информира ЈП „Македонија пат".

Екипите на претпријатието работат на расчистување на одронот и нормализирање на сообраќајот. /МИА

Пукотници во Чикаго : Жена влетала во ексклузивен клуб, застрелала тројца мажи и се самоубила (ВИДЕО)

Еден маж е убиен, а други двајца се повредени кога една жена пукала во клуб во близина на Чикаго, по што се самоубила.

Пукањето се случило вчеравечер во салон за цигари, а во пукањето, според првичните извештаи, се повредени четири лица.

Полицијата ја идентификувала 51-годишната жена, која пукала и застрелала  тројца мажи пред да се самоубие.Еден од мажите е прогласен за мртов на местото на настанот, а двајца повредени се пренесени во болница, пренесува АП.

Полицијата соопшти дека станува збор за „деловен проблем“ и нема причина за загриженост во локалната заедница, но нема повеќе информации за случајот.

Се вели дека станува збор за ексклузивен клуб, каде во салоните можат да уживаат само неговите членови.

Нагло се зголеми бројот на жртвите од коронавирусот , заразата се шири низ Европа, прв случај и во Австралија (ВИДЕО)

Годината на стаорецот, првиот од 12-те знаци на зодијакот на традиционалниот кинески лунарен календар, започнува во Кина во сенка на големите собраќајни ограничувања воведени поради  страв од ширење на новата болест.

Во меѓувреме, бројот на загинати се искачи на 41 лице, при што со бројка од 26 лица сеуште се шпекулира од синоќа. Бројот на заразени лица порасна на 1000. Се верува дека сега е многу ризичен период, бидејќи Кинезите масовно патуваат за нивниот најголем празник.

Стаорецот го презема приматот по свинската година, што беше период што го означи избувнувањето на свинскиот грип во Кина.

Од безбедносни причини, Лунарната нова година нема да биде прославена со огномет во Пекинг и другите поголеми градови.

Во традиционалната новогодишна програма на ТВ, која трае неколку часа, беше емитуван повик за борба против коронавирусот во Вухан.

Научниците се сомневаат дека оваа вирусна болест е пренесена од диви животни.  Досега починаа 41 лице, а заразени се 1.287 лица на национално ниво, соопшти Националната комисија за здравство.

Властите во провинцијата Хубеи, каде се наоѓа Вухан, во четвртокот започнаа да ги затвораат градовите во обид да го спречат ширењето на вирусот. Во најмалку 13 градови, со население од над 43 милиони луѓе, јавниот превоз е во прекин и аеродромите и железничките станици се затворени.

Австралија денеска  го потврди својот прв случај на новиот вид коронавирус во државата Викторија, додека сојузната влада ги повика граѓаните да не патуваат во кинеската провинција Хубеи, каде што е епицентарот на епидемијата.

50-годишен Кинез, кој бил во Вухан каде се појавил вирусот, е во стабилна состојба во болницата во Мелбурн, откако пристигнал од Гуангжу на 19 јануари, изјави министерката за здравство на Викторија, Џени Микакос.

„Важно е да се нагласи дека нема причина за тревога за заедницата“, додаде таа. Здравствените власти велат дека пациентот е стабилен и не е во многу сериозна состојба.

Малезија, исто така, ги забележа првите случаи на инфекција со коронавирус. Според министерот за здравство, Зулкфли Ахнад, тројца од кинеска националност се заразени и се поврзани со 66-годишен маж, кој беше пронајден од здравствените власти во Сингапур, како позитивен. Трите лица, неговата 65-годишна сопруга и неговите двајца внуци, на возраст од 11 и 2 години, се сместени во болница во Куала Лумпур и се во стабилна состојба, рече министерот на конференцијата за медиуми.

Вчера беше потврдено и дека вирусот пристигнал во Европа.

Француската министерка за здравство Агнес Бужин изјави дека во Франција се пријавени два случаи на инфекција со коронавирус.

Таа рече дека еден случај е потврден во Бордо, а другиот во близина на Париз.

Министерката рече дека заразените лица допатувале од Кина и таа очекува да се појават повеќе заразени во Франција.

„Имаме два случаи. Веројатно ќе има и други“, рече таа.

Министерката смета дека Франција е првата европска земја што го потврдила појавувањето на коронавирусот, бидејќи нејзините експерти развиле метода што овозможува брзо дијагностицирање на болеста.

Повредени 34 американски војници во иранскиот напад на база во Ирак

Триесет и четири американски војници претрпеа потрес на мозокот по иранскиот напад врз база на воздухопловните сили Аин ал Асад во Ирак на 8 јануари, објави вчера Пентагон.

Половина од нив веќе се вратиле во своите единици, осуммина се испратени назад во САД , а деветмина се испратени во американска воена болница во Германија за да бидат лекувани од симптоми на потрес на мозокот како резултат на експлозијата, изјави портпаролот на американското Министерство за одбрана Џонатан Хофман на прес-конференција.

Меѓу симптомите што ги спомнаа војниците биле „главоболка, вртоглавица, преосетливост на светлина, вознемиреност и гадење“. Некои од овие симптоми брзо исчезнале, а во некои случаи се влошиле и војниците биле евакуирани.

Техеран ги нападна базите Аин ал Асад (на запад) и Ербил (на исток) во ноќта меѓу  7 и  8 јануари, каде што се  стационирани дел од 5.200 американски војници,  како одговор на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

„Никој од Американците не беше повреден во вечерашниот напад“, изјави тогаш американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиското обраќање.

Но, минатата недела Пентагон призна дека десетици војници претрпеле потрес на мозокот.

Одговарајќи во Давос, Трамп, кој не сака воена ескалација со Техеран, во средата ги минимизираше последиците од нападот во Ирак.

„Слушам дека страдаат од главоболка“, рече тој. „Не сметам дека тоа е сериозна повреда“.

Портпаролот на Пентагон вчера го објасни зголемувањето на бројот на повредени велејќи дека симптомите понекогаш се појавуваат по неколку дена.

притисни ентер