Доделување на државната награда „Св. Климент Охридски" за 2019 година

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски" за 2019 година.

Оваа награда се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски" соопшти дека за остварување во областа на воспитанието и образованието наградата му се доделува на проф. д-р Агим Паљоска, албанолог.

Наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на Димитар Башевски, писател, Весна Ѓиновска-Илкова, оперски пејач и Виолета Томовска, естраден уметник, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог-алерголог. /МИА

Спасовски и Заев изразија сочувство за настраданите во земјотресот во Турција

Премиерот Оливер Спасовски изрази сочувство за настраданите во катастрофалниот земјотрес што синоќа ја погоди источна Турција.

-Изразуваме силна поддршка и солидарност со Турција и турскиот народ. Сочувство до семејствата на загинатите во страшниот земјотрес. Нашите мисли вечерва се со турските граѓани. Подготвени сме да помогнеме, напиша на Фејсбук, премиерот Спасовски.

Сочувствои изрази и доскорашниот премиер и актуелен лидер на СДСМ Зоран Заев.

-Стигаат вознемирувачки вести од Источна Турција како последица на силниот земјотрес кој се случил вечерва. Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и посакуваме колку што е можно помала штета. Нашите мисли вечерва се со турскиот народ, објави Заев на ФБ.

Во земјотресот со магнитуда од 6,8 степени по Рихтер, според последните информации од турските власти, животот го загубија најмалку 19 лица, повеќе од 600 се повредени, а причинета е и голема материјална штета.

Од утре повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини снег

Времето во западните делови во земјава денеска ќе биде претежно облачно, а во источните сончево со умерена облачност.

По одделни котлини ќе има услови за утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од југозападен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус 9 до минус 2, а дневната од 5 до 13 степени.

Во Скопје облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер. Утринската температура ќе се спушти до минус 7, а дневната ќе достигне до 6 степени.

Во недела попладне, во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини повремен снег. И во текот на следната седмица ќе има услови за повремени врнежи, претежно во западните делови.

Крводарителска акција посветена на Тоше Проески

Традиционално по шестнаесетти пат денеска ќе биде организирана крводарителска акција посветена на големиот хуманист Тоше Проески во знак на одбележување на неговиот роденден, соопшти Црвениот крст на Град Скопје.

Организатори на крводарителската акција се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Гази Баба , Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот. Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Гази Баба.

Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин. Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега, на овие 15 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4.500 крводарители, се наведува во соопштението на Црвениот крст.

Акцијата ќе се реализира во холот на Дом на АРМ во периодот од 9.00 до 17.00 часот. 

притисни ентер