Повеќе од 72 часа пожртвуваност и хуманост на дело

Тимовите за спасување кои беа испратени да помогнат во Албанија по разорниот земјотрес од 6,4 степени се вратија во земјава. 

Повеќе од 72 часа работеа на комплексни задачи за да им помогнат на локалните власти во спасување на преживеаните од земјотресот и расчистување на теренот. За покажаната хуманост, пожртвуваност и професионалност беа одликувани од страна на нашата Влада.

Како соседна земја, Македонија испрати тим координиран од Дирекцијата за заштита и спасување составен од 35 припадници на републичките сили за заштита и спасување, двајца припадници на Министерството за внатрешни работи заедно со кучето трагач Клеа и четворица припадници на Црвениот крст како логистичка поддршка. Од Град Скопје, како град на солидарноста, беше испратена дополнителна екипа составена од пожарникари и двајца експерти опремени со дронови со термални камери.

Кон Албанија биле испратени 12 возила меѓу кои и амбулантно возило и камион со хуманитарна помош. Тимот на ДЗС беше опремен со специјализирана опрема за детектирање и извлекување затрупани луѓе, како што се повеќе типови и видови пили, секири, планинарска опрема, ленти за дигање товар, јажиња за спасување, сонди, геофони, медицинска опрема…

Тимовите беа лоцирани во Драч, каде што работеа во исклучителни околности со цел да им помогнат на настраданите, но, за жал, не успеаја да извлечат преживеани под урнатините. Тимот од ДЗС пронајде починато машко лице во урната зграда, а тимот од Град Скопје не успеа да извлече живи две близначиња на возраст од две години, едно девојче, жена и едно постаро лице инвалид од под урнатините на една куќа.

– Веднаш по нивното пристигнување, тимот ја доби првата задача – претрага на лица во урната зграда. По извршената проценка и лоцирање под урнатините со пробивање е извадено телото на веќе починато машко лице. Телото им е предадено на локалните власти, вели во изјава за МИА директорот на ДЗС, Аднан Џафероски.

Тој е задоволен од професионалноста што на терен ја покажаа републичките сили за заштита и спасување, а се надева дека и државата е горда на стручноста и пожртвуваноста што ја покажаа нашите тимови.

– Во изминатите две години тимовите за брз одговор вклучувајќи ги и Републичките сили беа реформирани и реорганизирани и во контиунирана редовна обука за ваков тип несреќи. Јас лично како прв човек на Дирекцијата за заштита и спасување сум задоволен од покажаниот успех на членовите на Републичките сили за заштита и спасување во Република Албанија, а верувам дека и нашето општество се гордее со нивниот ангажман, вели Џафероски.

Потрагата и спасувачките операции по преживеаните од земјотресот што ја погоди Албанија официјално беа завршени на 30 ноември.

Благодарност за помошта и пожртвуваноста испрати лично и албанскиот премиер Еди Рама.

– Не можам да најдам зборови за да искажам колку ни значеше таа поддршка... Беше брилијантно како реагираа Вучиќ и Заев... да не ги споменувам нашите браќа од Косово. Брилијантно, рече неодамна Рама, кој се заблагодари и за пораките за поддршка од Унгарија и Романија, потсетувајќи дека романскиот тим за спасување дошол во Албанија самоиницијативно.

Во земјотресот во Албанија, според последните податоци, загинаа 51 лице, а повеќе од 900 се повредени. Последните бројки со кои располага албанската Влада се дека 5.497 домови се тешко оштетени, а 3.135 граѓани се евакуирани. Оштетени се и 12 здравствени центри и простории за итни случаи во Круја, Драч, Лач и Тирана.

Рано утрото на 26 ноември во 3:55 часот Албанија ја погоди земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Оттогаш се регистрирани над 1.300 помали потреси. По земјотресот во Албанија почна да пристигнува хуманитарна помош од соседните држави и повеќе земји од Европа. Покрај тимови за спасување, беа испратени и екипи составени од сеизмолози, кои треба да им помогнат на албанските колеги во увидот кои објекти се безбедни, а кои не.

Земјотресот во Албанија е само еден во низата примери дека природните катастрофи ги обединуваат луѓето. Тогаш не е важно кој си и што си, најважно е да се спаси човечки живот./МИА

Нуредини проговори македонски јазик

По една година и три месеци од преземањето на министерската фотеља Насер Нуредини прозборе на македонски.

Новинар: Албански зборувате скромно, македонски воопшто, дали се уште планирате да одржувате прес-конференции на јазик кој не е службен во земјава?

Нуредини: Благодарам за прашањето, ве разбирам многу добро. Можам да се изразувам многу добро, ако сакате да знаете. Се учам полека, нормално.“

По една година и три месеци од преземањето на министерската фотеља Насер Нуредини прозборе на македонски. Обраќањето беше кратко, рече дека јазикот се уште го учи и вети дека ќе зборува на македонски во иднина.

Денеска тој се обрати за да каже што се ќе направи во следните 4 години од мандатот. Наброја десетици закони и акциски планови, дел поднесени до Владата а дел кои допрва ќе се кројат.

Вели дека како министерство должност им е да креираат политики а не да нудат краткорочни решенија. На инспекторите, полицијата и функционерите од локалната самоуправа им порача да се фатат за работа за да може есенва да се дише почист воздух.

Справувањето со дивите депонии ќе биде долг и скап процес за што Нуредини побара трпение. Планот за регионална депонија во земјава, нешто што се дискутира години наназад, не се знае кога ќе се оствари.

Не само на ниво на земја, депониите и нивното палење се особено горлив проблем во Скопје. Откако шутот кај салата Борис Трајковски во понеделникот пламна во оган, денеска општина Карпош зема да го расчистува сметот. Градоначалникот Богоев побара од Спасовски да прати полицајци да дежураат за да не се повтори нова катастрофа.

Николовски: Директори што никој не ги знае нема да добиваат 180.000 денари плата

Функционерите нема да можат повеќе да се луксузираат со трошење државни пари. Вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата Љупчо Николовски најави воведување ред и лимит на службените картички на функционерите.

Според него во следниот период преку анализа и систематизација треба да се изнајде унифициран начин за трошењето државни пари кој ќе важи за сите функционери.

Потребно е укинување на некои државни установи и институции кои се нефункционални. Има Јавни претпријатија чии директори земаат повисоки плати од премиерот и никој не ги контролира, вели Николовски.

Вицепремиерот уверува јакнењето на капацитетите на ДКСК, Државниот завод за ревизија и независните тела е клучно за борба против корупцијата.

Вицепремиерот ги повтори намерите за кратење на дискреционите права на министрите и останатите. За комплетирањето на третиот ешалон и директорски места Николовски кој е и председател на Комисијата за именувања во Владата останува на ставот дека почнувајќи од сега нема веќе да се избираат директори без план и програма за работа, а тоа уверува дека ќе важи и за функционерите на СДСМ, но и ДУИ. Николовски тврди ќе се бара квалитет, не задоволување на коалициски апетити.да се избираат директори без план и програма за работа

Заразеното дете од струмичката градинка не ги затвори останатите дома

Околу 20 отсто од вкупниот број на деца, кои се згрижени во шесте клонови на градинката „Детска радост" од Струмица, денеска не биле донесени од нивните родители откако вчера беше регистриран првиот случај на заразено петгодишно дете со Ковид-19.

Според директорот Васил Бубев, се забележува мало отстуство на децата, но тоа во многу мал дел е предизвикано од вчерашниот случај.

-Можеби има нешто, но по сите анализи ние дојдовме до заклучок дека во периодот во кој се наоѓаме сега, почеток на градинката, како и секоја година кога се почнува, ова е период на прилагодување на самите дечиња и јас мислам дека родителите ги имаат задржано децата дома токму од таа причина дека е период на прилагодување и веројатно, еве, следува викенд, па нашле начин да им бидат децата дома покрај нив, рече Бубев.

Додаде дека по вчерашниот случај 11 деца и тројца вработени се во изолација, но потенцираше дека детето не е заразено во градинката, туку од член на семејството и од понеделникот не доаѓало во градинка.

Тој истакна дека дека градинката продолжува да работи според утврдените протоколи и прописи./МИА

притисни ентер