Кабинет на вицепремиерот Анѓушев: Економските политики даваат резултати

 Најновите статистички податоци за Бруто домашниот производ и невработеноста според Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања се показател дека владините економски политики даваат резултати.

Во соопштението испратено од Кабинетот на вицепремиерот се наведува дека резултатите од економските политики се рефлектираат со пораст на бруто домашниот производ од 3,6 проценти и намалување на невработеноста во третиот квартал на 2019 година на рекордно ниски 17,1 проценти.

– Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечниот раст на БДП во изминатите три квартали во 2019 година е на ниво од 3,6 проценти, што е во рамките на проекциите на Владата за годишниот раст на БДП. Растот на БДП во третиот квартал е поттикнат од растот на бруто инвестициите кои бележат раст од 14,9 проценти, се вели во соопштението.

Во однос на намалувањето на невработеноста, од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев наведуваат дека во третиот квартал од годинава отворени се нови 5.263 работни места и има 799.546 вработени.

– Во споредба со вториот квартал на 2017 година, кога е формирана Владата, невработеноста е намалена за 5,5 процентни поени, а во перидот од 9 квартали вкупно се отворени 59.564 нови работни места, наведуваат од Кабинетот на вицепремиерот најавувајќи дека ќе продолжи имплементацијата на економските политики со кои се поддржува реалната економија, технолошкиот развој, внесувањето на иновации во компаниите и отворањето на нови подобро платени работни места.

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

Тајрис Макси е играчот со најголем напредок во НБА

 Како што се ближи крајот на натпреварувањето во НБА лигата, така се повеќе се зборува за индивидуалните награди. Првата веќе пристигна.

Кошаркарот на Филаделфија, Американецот Тајрис Макси е добитник на наградата за играч кој најмногу напредувал во изминатиот период, објавено е на веб-страницата на НБА.

Мекси (23) доби повеќе гласови во финалниот избор од Коби Вајт од Чикаго и Алперен Шенгун од Хјустон. Наградата се доделува од 1985 година.

Минатата сезона победник беше Лаури Марканен од Јута, а меѓу оние кои досега ја освоија оваа награда се Горан Драгиќ, Паскал Сиакам, Јанис Адетокумбо, Пол Џорџ, Трејси Мекради, Зек Рендолф, Хидает Туркоглу итн. /MИА

Де Бруин ќе му се придружи на Роналдо ова лето?

Манчестер Сити не успеа во мисијата да ја одбрани тројната круна. 

Во четвртфиналето на Лигата на шампионите беа поразени од Реал, но затоа Сити се уште е во конкуренција за двојната круна во Англија и шестата шампионска титула во последните седум години.

Сепак, ова лето Манчестер Сити би можел да остане без својот најдобар играч Кевин де Бруин.

Фантастичниот триесет и тригодишен Белгиец под водство на Гвардиола освои се и остави голема трага во Премиер лигата.

Актуелниот договор на Де Бруин истекува во летото 2025 година, а саудиски Ал Наср сака да ја искористи таа ситуација. Белгиецот моментално вреди 60 милиони евра на пазарот, но доколку клубот на Роналдо го сака играчот на Манчестер Сити, ќе мора да плати многу поголема отштета.

Во Манчестер Сити Де Бруин заработува околу 21 милион евра по сезона. /МИА

притисни ентер