Уставен ја отфрли иницијативата со која се спори законот за амнестија за 27 април

Амнестијата за дел од обвинетите за 27 април останува. Уставниот суд со мнозинство гласови ја одби иницијативата за укинување на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија, што лани го донесе Собранието.

 Подносител на оваа иницијатива е екс директорот на БЈБ  Митко Чавков, осуден на 18 години затвор за „крвавиот четврток“.

Уставните судии заклучија дека Судот  не може да се стави на местото на Собранието, кое има право да одлучува за кого може, а за кого не може да има амнестија.

Чавков ги оспорува првите два члена од Законот за амнестија која не важеше за него, затоа што смета дека се косат со Уставот, образложи судијата известител Владимир Стојановски. Чавков ја спори селективноста  на амнестијата, зошто од одговорност не биле ослободени сите обвинети за овој случај, кои се товареа за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

-Не може да има совршена амнестија, бидејќи тој акт на милост не е ист за сите потенцираше судијата Дарко Костадиновски.

Според судијата Осман Кадриу нема елементи и основи дека законодавецот со законот извршил дискриминација.

Но освен во улога на уставни судии во расправата за иницијативата судиите со поинакви лични гледишта за законите за амнестија. Дел од нив ја споменаа амнестијата за воениот конфликт во 2001 година и порачаа дека иако ја отфрлаат иницијативата согласно Уставот во овој случај, во иднина Собранието да одлучува да ги амнестира сите или никој.

Од 33 обвинети за упадот во парламентот 15 беа амнестирани. Меѓу нив се пратениците, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов. Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои ги водеа протестите „За заедничка Македонија“.

притисни ентер