Во пресрет на утрешниот НАТО самит во Лондон, македонскиот претседател Пендаровски посочи дека освен стабилноста, од членството во алијансата очекува Македонија да има и придобивки во делот на економскиот развој и демократската стабилност.
Во фокусот на НАТО самитот се очекува покрај борбата против тероризмот и глобалните прашања да доминира финансирањето на армиите на земјите членки, токму тоа го посочи и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз, која кажа дека членството на земјава во НАТО, со себе носи и обврски кои мора да бидат исполнети.
Пред утрешниот самит на алијансата во Лондон, американскиот државен секретар Мајк Помпео на социјалната мрежа Твитер порача дека САД го депонирале ратификуваниот протокол за членство на земјава во НАТО и додаде дека Македонија е чекор поблиску до тоа да стане 30-та земја членка на Алијансата. До полноправно членство сепак, земјава ја дели уште ратификацијата на протоколот во Шпанија, која остана последна од 29 земји членки да даде зелено светло за Македонија, откако тоа беше одложено заради тамошните парламентарни избори. Се очекува и на самитот на НАТО, утре и задутре во Лондон, во завршната декларација да биде забележано дека земјава е добредојдена како нова Членка на Алијансата.