Штипската болница од наредната недела ќе стартува со операции на Очното одделение

Штипската Клиничка болница од наредната недела ќе почне со операциите на очното одделение, информираше денеска директорот на Клиничката болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.

-Завршен е тендерот за леќи за очното одделение. Договорите се потпишани од моја страна и сите компании што го добија делот од договорот, ги потпишаа и се вратени назад. Останува уште една фирма, од која го чекаме потписот од договорот и веќе од другата недела може да се порачуваат материјалите и да почнат операциите, рече Ѓеорѓијев.

Тој истакна дека сите пациенти кои биле на листата за чекање ќе бидат оперирани од страна на лекарите специјалисти. Во меѓувреме болницата очекува и нова донација од позната компанија ДМ, која и лани донираше за оваа болница. Ѓеорѓијев вели дека средствата ќе се инвестираат во неопходни апарати.

-Ќе набавиме апарати, респиратори со кои ќе ги покриеме потребите на неколку одделенија. Тие ни се неопходни ќе добиеме за оперативните сали на хирургија, ортопедија, како и неколку подвижни мали аспиратори за одделението за анестезија и реанимација, како и за одделот за Оториноларингологија. Донацијата ќе чини околу 5.000 евра, вели Ѓеорѓијев./МИА

притисни ентер