Воодушевувачки настап на Националната Опера и Балет пред 6000 посетители во Сараево!

Срушен рекордот на посетеност на настан од музичко-сценски карактер!

Почитувани,

Чест ни е да Ве известиме дека уметниците на Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија на 30.11.2019 г. во салата „Мирза Делибашиќ“ на Скендерија во Сараево, ја изведоа сценската кантата „Кармина бурана“ од Карл Орф. Историскиот рекорд во поглед на фасцинантната посетеност на театарски настан од музичко-сценски карактер досега припаѓал на Кинескиот државен балет со претставата „Црвениот женски одред“ која е изведена три пати во 1971 година. На 30.11.2019 тој рекорд го превзема настапот на Националната опера и балет од Република Севрна Македонија со изведбата на музичко-сценското дело „Кармина бурана“.

 Со повеќе од 200 уметници на сцената, пред полната Скендерија и воодушевените 6000 посетители меѓу кои и целиот дипломатски кор акредитиран во Сараево, најавуваниот наш настап од страна на домаќините како „МЕГА СПЕКТАКЛ“ навистина се случи . Настапот започна со увертира од операта „Кармен“ во изведба на нашиот оркестар и таа енергична музика на Жорж Бизе им даде невиден импулс на сите останата уметници. Следуваше „Кармина бурана“ во која учествува огромен број изведувачки ансамбл: Оперски солисти, балетски солисти, оркестар, хор и балетски ансамбл. Под диригентската палка на домашниот диригент, Емир Нухановиќ, кој таа вечер прославуваше 35 години уметничка работа, нашите уметници се надминаа себе си. Публиката не знаеше кого попрво да награди со громогласниот аплауз.

На крајот во протоколарен дел маестро Нухановиќ додели Благодарници на своите професори и соработници, меѓу кои го спомна и нашиот диригент, проф. Фимчо Муратовски. На директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов му беше доделено Специјално признание за исклучителен придонес во меѓународната соработка од областа на музичката уметност, кој исто така за успешната соработка, му додели Благодарница на маестро Нухановиќ.

Покрај оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл, настапија оперските солисти Наде Талевска, Дејан Стоев и Андреа Ѕаупа од Италија, како и балетските солисти, Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ.

На самиот крај, воодушевената публика со френетични аплаузи и извици „Браво“ не само што ги награди уметниците, туку инсистираше на Bis и на нивно задоволство беше повторен делот „О Fortuna“ од Кармина Бурана. Гостувањето во Сараево беше настан за паметење и пример како се претставува својата куќа и држава, односно македонската музичка култура.

Со почит,

Национална Опера и Балет

Трамп го откри адвокатскиот тим што ќе го брани на судењето пред Сенатот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе биде застапуван следната недела во Сенатот на судењето за отповикување од тим на адвокати.

Меѓу адвокатите на Трамп е и поранешниот адвокат на О.Џ. Симпсон , Алан Дершовиц и специјалниот обвинител за процесот на отповикување на поранешниот претседател Бил Клинтон, Кен Стар.

Дершовиц (81) со децении е добро позната личност во американските правни кругови. Професорот од Харвард успешно го бранеше О.Џ. Симпсон, кој беше обвинет за убиство на сопругата и нејзината пријателка и за одбрана на финансиерот Џефри Епштајн под обвинение за сексуален напад.

Кен Стар е поранешен независен советник чија истрага го отвори патот за процесот на отповикување на Бил Клинтон во 1998 година. Во тоа време, Претставничкиот дом гласаше за повлекување, но беше ослободен од Сенатот по аферата на Клинтон со стажистката во Белата куќа,  Моника Левински.

Стар мораше да ја напушти функцијата претседател на универзитетот Бајлор, по истрагата што покажа дека овој универзитет неправилно го водел случајот за силување против еден од спортистите. Подоцна поднесе оставка и како професор по право на универзитетот.

Тимот на Трамп ќе биде предводен од советникот на Белата куќа, Пат Циполоне и личниот адвокат на Трамп, Џеј Секулоу.

Циполоне остро го бранеше претседателот за време на истрагата за отповикување и одби да ги достави документите и да им дозволи на сведоците да зборуваат , како што бараше Конгресот.

Секулоу ќе и помогне на одбраната како приватен адвокат на Доналд Трамп.

Воведните зборови во Сенатот се очекува да почнат во вторник.

БиХ се обврза дека нема да ја окупира Месечината и нема во вселената да користи нуклеарно оружје

Босна и Херцеговина се обврза дека нема да ја окупираат  Месечината или други небесни тела.

Тоа е дел од документот ратификуван вчера на седницата на парламентарното собрание на БиХ во Сараево.

Тоа е договор на принципите што ги регулираат активностите на земјата во истражување и употреба на вселената, вклучително и Месечината и другите небесни тела.

„Правилата за употреба на вселенските ресурси би можеле да почекаат, барем додека не бидат решени земните“, изјави Мирко Шаровиќ, член на Српската демократска партија (СДС) во Собранието на Босна и Херцеговина, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Меѓу другото, БиХ го ратификува договорот со обврска да не користи нуклеарно оружје во вселената.

Во договорот се вели дека универзумот, вклучително и Месечината и другите небесни тела, не подлежат на национално присвојување врз основа на тврдења за суверенитет, преку користење или окупација, или со какви било други средства.

Тоа е меѓународен договор, а некои парламентарци велат дека не е приоритетен. Еден од нив е пратеникот Шемсудин Мехмедовиќ, од Партијата за демократска акција (СДА).

„Додека земјата губи огромен број луѓе, испраќаме млада работна сила во Европа, ние се справуваме со вселенски проблеми што апсолутно не не интересираат, но мора да бидат усогласени со некои европски принципи“, вели Мехмедовиќ.

Кина со најниска стапка на наталитет во последните 70 години

Стапката на наталитет во Кина се спушти на најниско ниво од основањето на Народна Република пред 70 години, и покрај попуштањето на строгата политика на едно дете.

Во 2019 година имало 10,48 раѓања на илјада жители, најмалку од 1949 година, соопшти кинеското биро за статистика. Бројот на деца родени во 2019 година опадна за 580 илјади и изнесува 14,65 милиони.

Стапката на наталитет на Кина опаѓа со години, што е предизвик за втората по големина економија во светот.

Но, со помалку раѓања, смртноста е исто така помала, па кинеското население порасна на 1,4 милијарди луѓе минатата година.

Намалениот број на раѓања предизвикува загриженост за „демографската бомба“ затоа што намалениот број на работоспособни луѓе ќе мора да поддржи поголем број пензионери.

Стапката на наталитет на Кина е помала од стапката на наталитет на САД во 2017 година, кога последен пат е забележана, со 12 раѓања на илјада луѓе. Според Светска банка, во 2017 година глобалната стапка била 18,65 раѓања на илјада.

Во 1979 година, кинеската влада воведе политика на едно дете за спречување на растот на населението. Повреда на законот се казна за  семејствата, со губење работа или со принуда жената да има абортус.

Но, мерката предизвика голема нерамнотежа на половите, па денес во Кина има 30 милиони повеќе мажи отколку жени. Во 2015 година, сепак, Пекинг им овозможи на семејствата да имаат две деца, но тоа не ја зголеми стапката на наталитет, објави Би-Би-Си.

Економијата на Кина порасна за 6,1 процент во 2019 година, што е најспоро во речиси 30 години, под притисок од трговската војна со САД, покажаа официјалните податоци.

И покрај тоа што ланскиот раст бил побавен отколку во 2018 година, кога активностите пораснаа за 6,6 проценти, тој сепак останал во рамките на целниот опсег на Владата од шест до 6,5 проценти, соопшти Бирото за статистика.

притисни ентер