Објектите во земјава висококвалитетни, може да издржат земјотрес со интензитет од девет степени

Земјава може да се пофали со најквалитетна градба во опкружувањето, подобра од Бугарија, Грција, Албанија. 

Сите објекти се според пропишаните стандарди за армирано-бетонски конструкции и може да издржат земјотрес со интензитет од девет степени или со магнитуда 6,5 до 7 според Рихтер, велат од Институтот за сеизмологија и Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Како што рекоа денеска на прес-конференција директорот на Институтот, Влатко Шешов и претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски, освен новите, квалитетни се и постарите објекти, но мора да се води многу сметка и да се пристапи сериозно при нивното евентуално доградување или надоградување.

Според Шешов и Јаќимовски, тоа што се случи во Албанија, не е возможно да се случи кај нас. Сите објекти за кои се бараат градежни дозволи, независно дали се на ќоше, во маало, во помало место, минуваат низ системот на ИЗИС, а тоа е гаранција за безбедност и квалитет.

– Не треба да се сомневате дека тоа што се гради сега, е неквалитетно. Тоа е апсурд. Не треба да значи дека ако бојата на фасадата избледала, се работи за неквалитет. Бетонот и железото се основата која го прави објектот квалитетен, истакна Јаќимовски, дополнувајќи и дека не е возможно денешните градби да бидат понеквалитетни од поранешните, веќе стари и дотраени.

Негова оценка е дека секој не смее да гради, а вакви природни катастрофи и појави не треба да бидат поука како да се работи.

– Сите градежни проекти кои се пуштени во процедура, подлежат на дополнителни контроли во текот на проектирањето. Позитивно мислење се дава само доколку проектот ги задоволува техничките стандарди и прописи. Ако се работи за поголеми површини, ИЗИС е должен да излезе и на терен, за да провери дали квалитетот на конструкциите соодветствува со основниот проект за кој е добиена градежна дозвола, нагласи Шешов.

Земјотресите во 2016 година од кои еден беше доволно силен, потврдија, рече директорот на ИЗИС, дека градбите кај нас се квалитетни. Ниту една не се сруши. Имаше само мали оштетувања на некои од постарите објекти.

– Земјотреси имало, има и ќе има. Предвидувањата дали и кога ќе се случат не се наш таргет. Нашата цел е да се градат објекти кои без поголеми оштетувања ќе ги преживеат земјотресите, објасни Шешов.

Во врска со квалитетот на дивоградбите, Јаќимовски, одоговорајќи на новинарско прашање, рече дека никој не може да гарантира, иако тоа не значи дека дел од нив не се квалитетни.

– За квалитетот на градбите што се легализираат никој не може да гарантира зашто при легализацијата постапката не е иста со онаа при легалното градење, дециден беше претседателот на Градежната комора.

Тој уште еднаш подвлече дека секој што учествува во градба не смее да импровизира, како и дека се битни сите учесници во процесот, проектанти, статичари, надзор, инвеститори во материјали, изведувачи,… Не смее да се отстапува од квалитетно домување, потенцира Јаќимовски и апелира граѓаните кои планираат инвестиција, да соработуваат со лиценцирани компании, наместо да купуваат материјали од сомнителни правни лица.

Директорот на Институтот за сеизмологија, Шешов, на прес-конференцијата најави дека екипи на ИЗИС следната недела, во координација со Владата и Албанската амбасада, ќе заминат за Албанија каде ќе учествуваат во т.н. брза проценка на безбедноста на објектите. Практично ќе помогнат во означувањето на оние објекти кои се опасни за натамошно домување./МИА.

Мицотакис: Во изборот на претседател потребно е да се создаде национално единство

Она што сега е важно е да се финализираат соодветните процедури за избор на нов претседател и, и покрај приговорите што може да постојат да се создаде, националното единство со реализам и вистина.

Она што сега е важно е да се финализираат соодветните процедури за избор на нов претседател и, и покрај приговорите што може да постојат да се создаде, националното единство со реализам и вистина и ќе се стремам ова да го сторам како лидер на Нова демократија, очекувајќи го ставот и на останатите партии, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката во заминување Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за прва средба на Мицотакис и Сакеларопулу откако грчкиот премиер соопшти дека Константинос Тасулас е владиниот предлог за претседател на државата, а актуелната шефица на државата не доби можност за втор мандат.

Мицотакис посочи дека денешната средба е „посебна и различна од вообичаените“, ѝ се заблагодари на Сакеларопулу „за одличната соработка во овие пет години“.

-Историјата пишува дека сте првата жена претседател во историјата на Грција и верувам дека на институцијата ѝ ги дадовте вашите исклучителни карактеристики со тоа што го отворивте Претседателството на државата за грчкото општество, ставајќи голем акцент на општествените прашања, на културата, на уметноста, рече Мицотакис.

Паралелно го повтори ставот дека за време на следните уставни измени во 2026 година, ќе предложат претседателот или претседателката на државата да има еден, шестгодишен мандат.

Сакеларопулу им се заблагодари и на Мицотакис и на Парламентот за, како што рече укажаната чест и доверба во неа, кога пред пет години беше избрана за претседателка.

- Институционалната комуникација меѓу државните фактори и информирањето е многу важна во демократијата, за оваа цел беа и нашите месечни средби. На денешната меѓународна сцена, нашата ера има многу предизвици и ризици кои ги надминуваат границите на нашата татковина, а ова ја прави неопходна подготвеноста на целиот политички систем, со најголем можен консензус за доброто на земјата, порача грчката претседателка.

Мицотакис и Сакеларопулу првично беше најавено дека ќе се сретнат минатата среда во рамките на нивните редовни месечни средби, меѓутоа еден час пред средбата, од Премиерската палата информираа дека средбата се одложува за следните денови и соопштија дека Мицотакис ќе упати порака до граѓаните, во која соопшти дека владиниот предлог за следен претседател на државата е собранискиот спикер Косатнтинос Тасулас.

Претседателот во Грција го одбира Парламентот, а процедурите ќе започнат в сабота на 25 јануари со првото гласање.

Британскиот тинејџер ја призна вината за убиството на трите девојчиња во Саутпорт

 Британски тинејџер денеска се изјасни за виновен за убиство на три девојчиња во северна Англија во јули, злосторство што ја згрози нацијата и предизвика неколкудневни немири.

Аксел Рудакубана (18) го промени своето признание во невин и се изјасни за виновен на првиот ден од судењето во Ливерпул.

Тој призна дека ги избодел Беби Кинг (6), Елси Дот Стенкомб (7) и Алис Дасилва Агиар (9), кои биле на час по танц на тема Тејлор Свифт во Саутпорт.

Во нападот беа повредени уште десет лица, меѓу кои осум деца.

Рудакубана се изјасни за виновен по десет точки од обвинението за обид за убиство, како и за производство на смртоносниот отров рицин и поседување на прирачник за обука на Ал Каеда.

Пресудата се очекува в четврток.

Тренерот на Порто доби отказ по само шест месеци на позицијата

Порто го отпушти тренерот Витор Бруно, објави португалскиот клуб по двата порази од Национал и Жил Висенте, а двократниот освојувач на Лигата на шампионите е трет во табелата во локалната лига по 18 натпревари.

Бруно беше назначен во јуни 2024 година, потпишувајќи двегодишен договор, кога го замени Серхио Консеиао, кој си замина по седум сезони во кои освои 11 титули, вклучувајќи три титули во португалската лига.

Односот на Бруно со играчите се влоши откако Порто испадна од Лига купот по поразот од Спортинг со 1-0 во полуфиналето, а играчот од средниот ред, Пепе го критикуваше тренерот на социјалните мрежи.

Порто, една од 32-те екипи кои се квалификуваа за проширеното Светско клупско првенство во 2025 година, што ќе се одржи во САД од 15 јуни до 13 јули, ќе се соочи со Олимпијакос во четврток во натпревар од Лигата на Европа.

притисни ентер