Заев: Поединци во правосудството ја рушат правната држава и правосудниот систем

Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев, во одговор на пратеничко прашање во Собранието.

„Специјалното јавно обвинителство е орган создаден со консензуално гласање на Парламентот. СЈО ако институција е целосна служба и капацитет на оваа држава. Сето тоа што е јавно објавено како податоци за работењето на СЈО, е објавено од оваа Влада, транспарентно, до крај, и тоа е убавината и вредностите што оваа нова власт ги донесе“, рече премиерот Заев додавајќи дека постојат органи кои ќе потврдат дали некој работи законски, а кој незаконски.

Тој повтори дека не може да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО, дополнително набројувајќи дека се очигледни индициите на незаконско рушење на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските градители, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.

„Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци на финансиски трансакции од 2010 година до сега да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО, како систем основан од сите во државата, заради тоа што не функционирало државното обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме“, порача премиерот Заев, нагласувајќи дека поединечна одговорност треба да постои и дека низ судска постапка, таму каде што ќе се утврдат незаконски постапувања, треба да се одговара.

Тој подвлече дека Парламентот има поголема надлежност во однос на правосудните реформи, ги носи Законите во областа на правосудството, а судиите и обвинителите се тие коишто носат одлуки во судски постапки.

„Треба да биде јасно и гласно, овој период нема ни три отсто нови судии од вкупниот број на судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број на обвинители во државата. Неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот Антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив“, оцени Премиерот, подвлекувајќи дека политичарите се должни да ги обезбедат условите за обезбедување на вистинските реформи на правосудството.

„Од моментот од кога сум премиер стотици предмети се вратени од тоа другото време. Немојте под превезот на македонштината да зборувате за заштита на криминалот и неодговорноста. Македонштината се штити со одговорност, кој сака нека е. Ќе бидеме поголеми Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи - граѓани, составен дел на македонскиот народ во Република Северна Македонија ако навистина помогнеме правната држава да испорача правда, со докази јасно потврдени и одговорност“, рече Заев и порача дека тој како премиер нема да дозволи никој поединец да го штити криминалот и дека надлежните органи треба да истражат и да одлучат каде има неправилности во однос на финансиите кои биле распределени во СЈО.

Во Јагодина ќе се одржи првиот собир на новото движење на Вучиќ

Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Од Центарот засоцијални работи информираа дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка.

Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, во 34 гестациска недела и со тежина помала од два килограми. Како што информираа од Болницата, на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата од болницата кои биле во добра општа состојба. Во четвртокот родителите повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба. Едното бебе, машко, починало во домот, а другото во прилепската болница. Лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат, но безуспешно.

-На 16 јануари во 10,45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче, известија во петокот од Болницата за трагичниот случај.

Извештајот од вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го очекува и основното јавно обвинителство.

Русин со лажен пасош украл 190.000 евра од туѓа сметка

 Во Санкт Петербург, Русија, уапсен е маж осомничен дека украл 20 милиони рубљи (околу 190.000 евра) од сметка во Москва, со лажен пасош, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.

„Осомничениот ја искористил својата физичка сличност со сопственикот на сметката за да украде пари... Осомничениот прво извадил лажен пасош со своја фотографија и туѓите лични податоци, а потоа од мобилниот оператор на кого му го покажал лажниот документ побарал дупликат од СИМ-картичката што наводно ја изгубил“, напиша Волк на „Телеграм“.

Според наводите, против уапсениот е поведена кривична постапка.

Таа посочи дека осомничениот потоа користел мобилна апликација за да ги добие потребните информации за банкарските сметки и од нив подигнал околу 20 милиони рубљи. Потоа, се наведува, им ги испраќал парите на своите соучесници.

притисни ентер