Скопје и Атина посветени на Договорот од Преспа, силна грчка поддршка и за евроинтеграцијата

Драматично подобрување на билатералните релации кои поминуваат преку Договорот од Преспа, но и напори за покривање на сите доцнења кои постојат за негово целосно имплементирање. 

Драматично подобрување на билатералните релации кои поминуваат преку Договорот од Преспа, но и напори за покривање на сите доцнења кои постојат за негово целосно имплементирање. Двете земји имаат заедничка иднина ако гледаат добронамерно на целиот процес.

Ова се оценките за односите меѓу двете земји, кои произлегоа од вчерашната прва официјална посета на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во Скопје и средбата со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров.

На заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров, тој ја упати пораката дека Северна Македонија има целосна и силна поддршка од Грција за отворање на пристапните преговори со ЕУ и оти Атина се залага за целосна имплементација на Договорот од Преспа и зајакнување на билатералната соработка.

– Радосен сум што сум тука во прва посета на соседна Северна Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка, рече Дендиас.

Според него, билатералната соработката и натаму се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестициите, инфраструктурата...

Министерот Димитров нагласи дека Северна Македонија смета на грчката поддршка на патот кон ЕУ.

– Грција е наш стратегиски партнер, сосед и пријател. Преспанскиот договор отвори голем потенцијал за соработка што треба да се искористи, рече Димитров.

Посочи дека се очекува наскоро да се одржи првата седница на комисијата за трговски марки, како и состанок на експертите за отворање на новите гранични премини меѓу двете земји и на комисијата за историски прашања.

На новинарско прашање дали е можно оспорување на Договорот од Преспа во двете земји, Дендиас рече дека ставот на актуелната грчка Влада е дека тоа е завршена работа и треба целосно да се имплементира.

– Со мојата денешна посета со Димитров ја продлабочуваме и ја прошируваме соработката. Двете земји имаат заедничка корист. Треба да се погледне картата за да се сфати тоа. Имаме заедничка иднина и пат, ако гледаме добронамерно, додаде шефот на грчката дипломатија, оценувајќи ја како особено позитивна денешната негова посета.

И Димитров вели дека Договорот од Преспа е веќе дел од нашиот правен систем и мора да се почитува.

– Имплементацијата на Преспанскиот договор веќе тече без разлика на предвремените избори, но во согласност со самата содржина и текстот на договорот. Дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за опозицијата, битно е да се знае дека договорот е дел од нашиот правен систем и важи правилото pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат. Добра вест е што јас сум убеден дека прашањето е реторичко или хипотетичко бидејќи нема да победи опозицијата на следните предвремени избори, рече Димитров.

Според него, договорот создава повеќе правни обврски за нашата страна, но има прашања каде што двете страни имаат еднакви реципрочни обврски, меѓу нив е и прашањето за брендовите и трговските марки.

– Тука многу важно е во добра мера да имаме разбирање и почит за грижата на другата страна. Ако тоа успееме да го направиме, мислам дека и двете држави ќе бидеме големи, рече Димитров, запрашан за промовирање на брендот „Macedonia the GReat" во Грција.

Дендиас кажа дека треба да се гледа добронамерно во интерес на заедничката иднина, независно од процедурите што треба да се спроведат.

Грчкиот министер за надворешни работи, кој престојуваше во еднодневна официјална посета на земјава, имаше средби и со претсдеателот Стево Пандаровски и со премиерот Зоран Заев.

На средбата со премиерот Заев во фокусот биле интензивирањето на економската соработка помеѓу двете земји и инвестициите, и за поддршката што нашата земја континуирано ја добива од Република Грција на патот на евроатлантските интеграции, на што премиерот искажал благодарност.

Тој се осврнал на потребата за зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање нови инфраструктурни канали што треба да ја поддржат бизнис-заедницата.

– Кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард, подвлекол премиерот Заев.

Претседателот Пендаровски на средбата со грчкиот министер за надворешни работи истакнал дека Северна Македонија е силно посветена на развој на партнерството со Грција, базирано на пријателство и заеднички интерес на граѓаните на двете држави за просперитетен регион. Во тој контекст, нагласил, Преспанскиот договор е чекор што ја демонстрира посветеноста за развој на добрососедски односи и соработка.

Во очекување на новата методологија за водење на пристапните преговори, Северна Македонија е фокусирана кон интензивирање на реформскиот процес, со цел што поскоро отворање на пристапните преговори за членство со ЕУ, истакнал претседателот Пендаровски.

Во Атина постои документ за следење на имплементацијата, а има и амбасадор кој е одговорен за следење на Акцискиот план за имплементација на Договорот. /МИА

Нападната база на проиранските милиции во Ирак, САД и Израел негираат вмешаност

ПМФ веднаш ги обвини Американците за нападот, кои исто толку брзо одговорија дека „коалициските сили во Ирак немаат никаква врска со оваа акција“.

Серија експлозии го разнеле штабот на Народниот фронт за мобилизација (ПМФ) на 50 километри јужно од ирачкиот главен град Багдад, само неколку часа откако припадници на проиранските милиции лансирале беспилотни летала кон израелската воздухопловна база во близина на Елиат.

Според првичните информации што ги објавија медиумите во Ирак, најмалку еден член на Народниот фронт за мобилизација, проиранска милиција која е дел од ирачките вооружени сили, е убиен, а десетина биле ранети во нападот на неидентификувани авиони врз базата во близина на Багдад.

ПМФ веднаш ги обвини Американците за нападот, кои исто толку брзо одговорија дека „коалициските сили во Ирак немаат никаква врска со оваа акција“.

И израелските власти негираат дека стојат за нападот, но офицери на ирачките воздухопловни сили изјавиле дека авионот, кој истрела проектили врз базата на проиранската милиција, најверојатно летал од правец на Јордан.

Израел вчера изврши напад на иранска територија, неколку дена откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили кои главно беа пресретнати и уништени.

Техеран, пак, објави дека воената база во Исфахан била нападната со беспилотни летала лансирани од локација во Иран, поради што нема намера да изврши нов одмазднички напад против Израел.

САД, кои се обидуваат да ги убедат двете страни да го запрат бранот одмазднички напади, по израелската акција во Иран, оценија дека таквите операции завршиле. /МИА

Алегри по ремито со Каљари: На полувремето требаше сите да бидат сменети, вклучително и јас

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри се осврна на синоќешниот натпреварот со Каљари на којшто неговиот тим се спасуваше од пораз.

Средбата од 33. коло во Серија А заврши 2:2, а Јувентус изедначи во последните минути со автогол на Алберто Досена.

- Пропуштивме седум контранапади и постојано грешивме. Требаше да се бориме, но не влеговме во дуел-игра и ја направивме секоја можна грешка од технички аспект. Во вториот дел играта се промени и се подобривме. Не можете да му го дозволите на противникот таков почетокот на натпреварот на противникот. Примивме два гола. Секогаш е тешко да се игра и да се победи во Каљари. Фудбалот е тежок спорт кој се состои од дуели. Моравме да бидеме на нивното ниво, можеби да играме потехнички.

На полувреме мораше сите да бидат заменети, вклучително и јас. Сега ни преостанува борбата за место кое обезбедува пласман во Лигата на шампионите. Што се однесува до купот, мислам дека со една нога сме во финалето, рече Алегри.

На 23 април торинскиот тим ќе игра со Лацио во реваншот од полуфиналето на Купот на Италија. Првиот натпревар заврши со резултат 2:0 во корист на Јувентус.

На табелата во Серија А, Јувентус е трет со 64 бодови. Пред него се Милан со 69 и Интер со 83. /МИА

Хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска

Општина Центар во сабота во Паркот на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање средства за лекување на 12-годишната Кара Селовска, која се лекува во Барселона.

Настанот е во организација на сите осум основни училишта на подрачјето на општина Центар и со поддршка на Општина Центар.

Кара е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар, а поради сериозни компликации во моментот е хоспитализирана на клиниката во Барселона поради дијагностицирање на нејзината болест.

- Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување. Претходно, пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за Кара, информираат од Општината.

притисни ентер