Двајца истражители по налог на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Русковска во објектот на поранешно СЈО денеска ја претресуваа финансиската документација поврзана со исплатата на високите бонуси кои екс обвинителката Катица Јанева ги доделувала за себе, но и на нејзиниот тим.
До какви сознанија дошле истражителите засега не е познато. Од обвинителството единствено информираа дека станува збор за предмет кој е во предистрага и по кој тековно се работи.
Двајцата истражители се состанале со обвинителката Елизабета Јосифовска и од неа побарале да ја проверат целата докментација. Таа во телефонски разговор за Канал 5 не сакаше да коментира што се случува во објектот, само рече дека истражителите не дошле со судски налог, туку со барање од обвинителството. Обвинителите од СЈО кои ги контактиравме не сакаа да говорат јавно, но зад камерите тврдат дека немало незаконитост во доделувањето на парите.
Официјалните информации од базата отворени финансии покажаа дека екс обвинителакта Катица Јанева за време на својот мандат зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, најголем дел од нив ги добивала како додаток за доверливост.
За да не се открие што чула во разговорите од прислушуваните материјали Јанева седум месеци си доделувала по 4.000 евра, додека сумите за нејзините соработници се движеле од 60.000 до 180.000 денари.
Освен вработените, на платен список биле и голем број на државни службеници, нивни синови и ќерки, полицајци, новинари и експерти.