Кампања на ОБСЕ „Крај за молкот" против родово базирано насилство

Според истражувањето на ОБСЕ само два проценти ги пријавиле најсериозните инциденти во полиција.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) започнува со нова кампања за подигнување на свеста за насилството кон жените, со фокус на правата на жените насловена „Крај за молкот", како придонес кон годинешните „16 Денови активизам против родово базираното насилство".

Според истражувањето на ОБСЕ само два проценти ги пријавиле најсериозните инциденти во полиција.

За ОБСЕ, насилството врз жената не е лична работа и кампања ги охрабрува жените да ги пријавуваат сите случаи на насилство на бројот 0800-100-600 и да бараат помош во СОС Центарот на телефонскиот број 011/2645-328 (од 10-20 часот за време на работните денови).

Мотото „Крај за молкот", како што информираат од ОБСЕ, ја потенцира една од главните пречки во борбата против насилството врз жените, а тоа е дека многу жени сметаат дека домашното насилство е лична работа и многу малку жени жртви на насилство зборуваат за истото, додека уште помалку, насилството го пријавуваат во институциите.

Кампањата, исто така, нагласува дека во борбата против насилството врз жените, жртвите на насилство не смеат да бидат осудувани, а органите за спроведување на законот се одговорни да ги заштитат нив во согласност со законот.

Во рамки на кампањата во декември, ќе бидат доставени 300 постери до сите полициски станици низ земјава, со цел да се крене свеста за насилството врз жените и улогата на полицијата во справувањето со истото.

Кампањата, информираат од ОБСЕ, се базира на клучните наоди од „Истражувањето на ОБСЕ за благосостојба и безбедноста на жените" од 2018, за кое биле интервјуирани преку 15,000 жени. Во него се вклучени седум земји учеснички на ОБСЕ: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Молдавија и Украина. Преку 1,900 жени од Македонија биле дел од истражувањето.

Според истражувањето, насилството врз жените останува широко распространето низ светот, вклучително и во Македонија, и ги засега жените на секаква возраст, без разлика на нивниот финансиски статус и потекло.

Половина од жените (45%) во земјава, покажуваат резултатите од истражувањето, биле жртви на психичко, физичко или сексуално насилство од својот партнер. Истражувањето покажува дека три од пет (60%) жени мислат дека насилството врз жената е често, а речиси три од десет жени сметаат дека насилството врз жената во Македонија е многу честа појава.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, верува дека молкот и стигмата придонесуваат случаи на насилство врз жените и девојчињата да останат непријавени и неадресирани.

– Време е да го запреме ова. Насилството врз жените и девојчињата е неприфатливо, дискриминирачко и мора да се осуди и спречи по секоја цена. Ги повикувам сите мажи и момчиња да се посветат и да преземат одговорност кон постигнување на родова еднаквост. Сите треба целосно да се посветиме кон заложбата за нулта толеранција на родово базираното насилство, рече Која, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

Според истражувањето на ОБСЕ, многу малку жени го пријавуваат насилството во полиција, или пак бараат помош од организации за поддршка на жртвите. Како причини за тоа се срам кај жртвите, нивна финансиска зависност, недоверба во институциите и страв на жртвите од одмазда, како и традиционални верувања дека насилството е лична работа. /МИА

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер