Заев за РС. Европа: Јас сум убеден дека ќе победиме на следните парламентарни избори

Јас сум убеден дека ќе победиме на следните парламентарни избори, изјави премиерот Зоран Заев во неделното интервју за Радио Слободна Европа. 

Убеден дека ќе победиме на следните парламентарни избори. Секако, тоа е одлука на граѓаните. Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнато во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април.

Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа го изјави премиерот Зоран Заев.

На прашањето за случајот „Рекет", и на тврдењата на опозицијата дека тој е главата на октоподот во „Рекет", Заев вели дека таква работа веројатно немало шанса да излезе на површина ако се случувала во времето на Груевски.

– Не може да се случи без знаење на премиерот ако премиерот е автократ и ако има контрола врз сите процеси во државата. Таква работа веројатно немаше шанса да излезе на површина ако се случуваше во времето на Никола Груевски. Во таквите случаи обично врхушката на власта ќе ги собереше парите, но сега премиерот го пријавува случајот, јас самиот го пријавив самиот случај и тоа беше јасно кажано и од обвинителството и од сите. Зоран Заев е пријавител на случајот, Зоран Заев не е под истрага, ако има што било поврзано со овој случај, сакам да биде обелоденето, вели тој.

Во врска со последните настани во судството, и најавата за ветинг, Заев вели дека процесот на ветинг може да се стартува врз претходно јасно утврден модел.

– Ветингот може да го стартуваме, на претходно јасно утврден модел каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување, со конечна цел да направиме едно комплетно растресување и промена на менталното однесување во правосудството. Тоа паралелно треба да се случува и со државната власт, но би рекол и во други сегменти во општеството. Што е ново? Ново е тоа што сега ќе инсистираме на еден брз процес на продуцирање кадри за судии и обвинители. Тоа веќе стартуваше, 60 кандидати веќе завршуваат, ќе има и уште нови 60 кандидати. Верувам дека со ЕУ ќе обезбедиме и брза трака за оние со над пет години работно искуство, како што се стручните соработници во судовите, адвокати, професори до над пет години работно искуство, да имаат пократок период на учење низ академијата, рече премиерот.

Заев, во однос на последните условувања од страна на Бугарија околу прашања од историјата, вели дека „бугарската страна се обидува, секако тоа е нивно право, да се позиционира како што мисли во делот на затворањето на одредени прашања низ Мултидисциплинарната комисија".

– Ние сме втората страна, низ разговор ќе ги решиме и овие прашања. Ние имаме решено четири историски поглавја. Нема да дозволиме повторно да ги вратиме кавгите, проблемите и слично, затоа што сме мала земја. Придобивки ќе имаме ако градиме пријателство, секако не на штета на нашиот идентитет, на нашиот народ, на нашата иднина или слично. Тоа ќе го правиме на начин којшто отвора перспективи за идните генерации, за младите и за децата, вели премиерот Заев во интервју за РСЕ.

Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор, соопштуваат од кабинетот.

Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи ја одржа завршната молитва.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитуван Реис-ул-улема,

Почитувани поглавари на верските заедници,

Ценети присутни,

Дами и господа,

Ви благодарам што ја прифативте мојата покана да се собереме и заедно да ја споделиме оваа Ифтарска вечера.

Најсветиот месец во Исламот, Рамазан, е време за духовно закрепнување, за обновување на релациите со роднините и пријателите, но и за милост и солидарност кон немоќните. Како што рамазанскиот пост е лично искушение на внатрешно преиспитување на поединецот, така Ифтарската вечера е заеднички чин на социјална правда бидејќи подразбира правење место на трпезата и за оние кои имаат помалку. Тоа е особено важно во време на глобални кризи кои најмногу ги удираат најранливите и најсиромашните.

Но, освен за продлабочување на верата во животот на верникот, Ифтарската вечера е и можност за продлабочување на соживотот во македонското општество.

За нашите предци немало поголема чест од тоа, некој со различна вера од нивната, да ги покани на празнична трпеза. Кога муслиман кани на Ифтар, или кога христијанин подарува велигденско јајце, тоа е начин да каже дека ја почитува твојата различност и те прифаќа таков каков што си. Тоа го правиме и ние вечерва.

Изминативе години и јас бев почестен од многу наши сограѓани ─ муслимани кои ги отворија своите домови и од срце ја споделија со мене и со моите соработници својата трпеза. Споделувајќи ја храната, ние ја споделуваме и човечноста и низ муабетот се потсетуваме дека различниот од нас е човек подеднакво вреден како нас, со слични или идентични животни таги и радости.

Почитувани гости,

Точно е дека имаме различни вери, одиме во различни храмови, читаме различни свети книги. Но, она што нè поврзува е меѓуетничкиот и меѓурелигиски соживот како наша најголема вредност која мораме да ја чуваме и околу тоа нема да правиме компромис. Соживотот не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години. Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина Македонија.

Затоа сме вечерва тука, да кажеме дека нема да дозволиме провокации и тензии на таа тема. Тука сме да дадеме пример за сите наши граѓани, дека можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верските убедувања, како што било од памтивек.

Дозволете, уште еднаш, да ви посакам лесен пост и, во пресрет на Рамазан Бајрам, да ви го честитам големиот празник. Имајте пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.

Цистерна удри во најголемиот патнички авион на светот- возачот доживеал мозочен удар (ФОТО)

Ербас А380-861 на Емирати беше тешко оштетен откако противпожарно возило изгуби контрола на московскиот аеродром Домодедово (ДМЕ) во Русија и се заглави под авионот.

Според руската агенција Интерфакс, цитирана од порталот Аеротајм, возилото што се користело за транспорт на вода удрило во авионот на Емирати „откако здравствената состојба на возачот наеднаш се влошила додека возел“.

Дополнителни медиумски извештаи велат дека 59-годишниот возач останал парализиран откако доживеал мозочен удар пред да удри во авионот и бил итно пренесен во болница.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат аеродромско возило заглавено под Ербас А380 додека долната страна на трупот е тешко оштетена.

Авионот на компанијата со седиште во Дубаи, регистриран како A6-EDM, сериски број 042, стар 14 години со 489 седишта во три класи, требаше да полета од Москва за меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB) на 28 март 2024 година во 16:25 часот по локално време , но тој лет бил откажан по инцидентот.

Руското меѓурегионално транспортно обвинителство во Москва истражува и потврди дека се проценува претрпената штета на А380. Поради инцидентот ќе биде формирана специјална комисија во Обединетите Арапски Емирати.

Според проценките објавени на каналот Aviaincident на мрежата Телеграм, аеродромот Домодедово би можел да плати до една милијарда рубли (околу 11,3 милиони евра) за штета на најголемиот патнички авион во светот (во зависност од конфигурацијата, авионите од овој тип можат да носат до 840 патници).

Треба да се процени и штетата која и е нанесена на компанијата со откажувањето на летовите на овој авион кој беше во секојдневни ротации кон Москва, но и кон Цирих.

Ново обвинение за италијански фудбалер- Тонали се обложувал и во Англија

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го обвини италијанскиот играч на Њукасл, Сандро Тонали дека 50 пати ги прекршил правилата за забрана за обложување на натпревари, јавува Би-би-си.

Британските медиуми наведуваат дека Тонали ги прекршил правилата обложувајќи се на фудбалски натпревари во периодот од 12 август до 12 октомври минатата година.

- Сандро ќе ги почитува сите правила на истрагата, а клубот му дава целосна поддршка. Повеќе нема да даваме изјави додека истрагата е во тек - објави Њукасл.

Би-Би-Си потсетува дека Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) во октомври минатата година го суспендираше Тонали на десет месеци поради кршење на правилата за обложување. Италијанскиот фудбалер тогаш призна дека се обложил на натпреварите на кои настапувал за Милан и Бреша.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) потоа го прифати барањето на ФИГЦ за суспензијата на Тонали да се префрли на глобално ниво. Тој треба да се врати на терените во август годинава.

Тонали пристигнал во Њукасл минатиот јули од Милан за 55 милиони фунти. Италијанскиот фудбалер пред суспензијата одигра 12 натпревари за англискиот клуб.

Поради суспензијата ќе го пропушти претстојното ЕП во Германија.

притисни ентер