Босанец со чекан нападнал вработена во Пензискиот фонд, ја удрил 36 пати

Вработена во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во босанскиот град Тузла била нападната на работното место , кога маж почнал да ја удара со чекан.

Жената не е критична состојба и по нападот била прегледана на Клиниката за хирургија по што била упатена на ортопедија и неврохирургија, каде е задржана и е во стабилна состојба.

Според босанските медиуми, 71-годишниот Ѓ.В. со чекан ја нападнал вработената Ј.И. на работно место во Тузла по што набргу бил уапсен.

Според неофицијални информации, тој ја удрил 36 пати со чеканот.

„ Напаѓачот без никакво барање или коментар и пришол на вработената на работното место и почнал да ја тепа. И посакуваме на нашата вработена брзо закрепнување и се надеваме дека надлежните институции ќе го казнат овој насилен чин на вистински начин “, се вели во официјалното соопштение на Федералниот институт за пензиско и инвалидско осигурување на БиХ.

Напаѓачот утре ќе биде предаден на обвинителството во Тузла.

Во Италија заразени пет деца од коронавирус , италијанска туристка починала во Австрија

Во Франција едно лице почина од коронавирусна инфекција. Пријавени се и три нови случаи на зараза и вкупниот број на пациенти во таа земја сега се искачи на 17.

Пет малолетни лица биле заразени со коронавирус во Италија. Во Ломбардија има четири и едно во Венето. Во Ломбардија, двајца се хоспитализирани. Весникот Кориере дела Сера не кажува кои две деца се во болницата, само наведуваат дека во болницата е девојче на 4 годишна возраст и дека се заразени уште две 10-годишници и едно на 15-годишна возраст.

Во Австрија почина италијанска туристка во зимскиот центар Бад Клеинкирхајм.

Јужна Кореја потврди 115 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Стефан Пуш, советник во германската област Хајнсберг, ги советуваше граѓаните на Фејсбук да не ги напуштаат своите домови.

„Избегнувајте метежи ако е можно“, рече тој. Германскиот случај на заразен со коронавирус е во болница во Дизелдорф и останува критичен.

Кинеските власти уапсија 4.260 лица од почетокот на епидемијата за „престапи поврзани со епидемијата“.

Надлежните служби се справиле со околу 22.000 прекршоци поврзани со епидемијата на коронавирус, а некои случаи се однесувале на производство и продажба на неисправни маски за лице и заштитни материјали.

Откако Хрватска, Австрија и Швајцарија вчера ги објавија првите случаи на коронавирус најверојатно пренесени од Италија, и Алжир и Бразил ги пријавија првите можни случаи на пренесување на болеста од Италија.

Во Струмица почнуваат карневалските празнувања

Годинашното триесетто јубилејно издание на Струмичкиот карневал во организирана форма почнува вечер со симболично предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот на карневалистите. 

Во наредните осум денови, колку што траат карневалските празнувања, карневалистите симболично ќе управуваат со градот.

Веднаш потоа ќе се одржи свечена седница на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал по што ќе биде презентирана монографијата по повод јубилејот 30 години од организираното постоење на еден од најпознатите карневали во Европа.

На повеќе поединци и организации ќе им бидат доделени признанија, а првиот крневалски ден завршува со отворање на ретроспективна изложба „Струмички карневал-30 години ѕвезда под небото".

Главниот настан на Струмичкиот карневал е Интернационалната карневалска вечер која ќе се одржи в сабота. На неа ќе бидат презентирани вкупно 46 поединечни и групни карневалски маски од земјава, но и од Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Италија и Германија со над 1.200 учесници.

ЕАСО : Македонците со најмали шанси за азил во ЕУ

Европската агенција за азил, ЕАСО, во својот извештај за 2019-та година, констатира дека прв пат е зголемен бројот на барања за азил во ЕУ, а растот се должи на лица од земји со кои ЕУ го укинала визниот режим.

Во текот на 2019 се поднесени над 714 илјади барања за азил во ЕУ, што е зголемување од 13 отсто во споредба со претходната година, за прв пат имало повеќе барања отколку за време на бегалската криза во 2015-та.

Но, вели ЕАСО, „зголемувањето не се должи главно на нередовната миграција туку на апликации од земји кои имаат слободен визен режим со Шенген".

Најголемиот дел од растот доаѓа од големиот број апликанти на кои не им е потребна виза за влез во Шенген, што објаснува зошто барањата за меѓународна заштита се зголемени, а детектираните нелегални влезови на надворешните граници се намалени.

Меѓу нив се наоѓаат лица од Венецуела, Колумбија, Хондурас и Ел Салвадор, но и од западниот Балкан.

Меѓутоа, предупредува ЕАСО, лицата од западен Балкан имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азилант.

Стапката на признавање на азилантски статус во ЕУ е 33 отсто, најмногу добиваат Сиријците со 85 отсто, Јеменците со 82 отсто и Еритрејците со 81 отсто, додека најниска стапка на одобрување на азил имаат Македонците и Молдавците со еден отсто и Албанците со шест отсто. Слаба е стапка на признавање и за лицата од Венецуела и Колумбија, меѓу пет и седум отсто.

Македонците се исто така меѓу лицата кои најмногу повторно аплицираат откако ќе бидат одбиени: една третина од нив го прави тоа и покрај фактот што имаат најмалку шанси да добијат./MИА

притисни ентер