СМС-пораката на Рускоска ги налути судиите

За судиите ваквото однесување на Рускоска е преседан во правосудниот систем, а за Судскиот совет е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

СМС-пораката на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска дека ќе поведе финансиска истрага против судиите од Апелацискиот суд, кои донесоа одлука поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет", да излезе од притворот во Шутка и да издржува куќен притвор, ги налути апелациските судии.

За судиите ваквото однесување на Рускоска е преседан во правосудниот систем, а за Судскиот совет е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

– Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите", е содржина на СМС-порака, како што соопшти Апелацискиот суд, која обвинителката Рускоска ја испратила до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелација.

По одржаниот колегиум, Апелацискиот суд објави соопштение во кое изразува став дека однесувањето на Рускоска е директна закана и грубо мешање во работата на судот каде што јавното обвинителство е само странка во постапката.

Колегиумот, како што посочуваат од Апелација, оценил дека искажаните сомневања на Рускоска се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот.

– Ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката. За горенаведеното писмено се известени и надлежните институции, велат од Апелацискиот суд во Скопје.

По ова се огласи и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што велат дека реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение очекува судска разврска.

Како единствен државен орган кој е надлежен за кривично гонење и се грижи за законитоста на кривичниот прогон, Јавното обвинителство нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт.

– Јавното обвинителство во извршувањето на функцијата ја заштитува законитоста и се залага за почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, принципот на владеење на правото и во таа насока обвинителството ќе ја продолжи соработката со надлежните институции и судски органи, се наведува во соопштението од ЈОРСМ.

Од Судскиот совет на Република Северна Македонија, пак, со осуда на однесувањето на обвинителката Рускоска бидејќи, велат, тоа е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

– Судскиот совет констатира дека ваквите изјави сo закана спрема судиите претставуваат грубо кршење на принципот на еднаквост и рамноправност на учесниците во кривична постапка, влијание врз јавноста по однос на законитоста на судската одлука спротивно на Уставот и позитивните законски прописи, злоупотреба на правата во судска постапка, недозволено мешање и притисок врз судиите при донесувањето судски одлуки и нарушување на угледот на судот и судската власт преку создавање правна несигурност како еден од сегментите на принципот на владеeње на правото, се наведува во соопштението од Судскиот совет.

И Управниот одбор на Здружението на судиите со најостра осуда за, како што велат, нападите врз судството и судиите од било која страна. Сметаат дека нападите претставуваат директен притисок врз независноста и самостојноста при одлучувањето и правораздавањето.

Со осуда за изјавата на Вилма Рускоска излезе и адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска бидејќи, како што вели, таа е непримерна, недозволена и е притисок врз судството.

Премиерот Зоран Заев не сакаше да ја коментира вчерашната најава на обвинителката Вилма Рускоска.

– Не коментирам за обвинителката Русковска. Прибе во својот извештај вели политичарите да избегнуваат коментари за одредени постапки на судии, обвинители, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на веб-платформата „Отворени финансии".

Од Апелацискиот суд велат дека одлуката за Јанева да замине во куќен притвор е донесена поради фактот што истражната постапка за „Рекет" е завршена, има обвинение, како и поради нејзината нарушена здравствена состојба.

Јанева, како што посочуваат оттаму, има забрана за комуникација со лицата опфатени во случајот „Рекет", одземен ѝ е пасошот, забрането е да ѝ се издаде нов, а изречена ѝ е забрана за напуштање на државата и со лична карта.

Апелацискиот суд завчера ја уважи жалбата на Јанева и ѝ одреди мерка куќен притвор, по што таа ја напушти „Шутка" и замина во станот на нејзиниот син во близина на Клубот на пратеници. Во куќен притвор од 24 септември е и второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец, а во затворот во Шутка остана првоосомничениот во „Рекет" Бојан Јовановски.

Првото судско рочиште за случајот „Рекет" во Основниот кривичен суд Скопје е закажано на 3 декември./МИА

Новороденче, кое било прогласено за мртво, се разбудило на погребот- семејството верува во чудо

Бебе кое било прогласено за мртво набргу по раѓањето, е префрлено назад во болница во Парагвај откако добила знаци на живот за време на нејзиниот погреб.

Нејзините блиски кои се потресени од сѐ, изјавија дека не исклучуваат „Божја интервенција“, пренесува El Tiempo.

Девојчето е родено околу пладне во петокот со царски рез, откако нејзината 21-годишна мајка имала компликации во седмиот месец од бременоста.

Но, бебето било прогласено за мртво и предадено на семејството заедно со потврдата за смрт.

Таткото на бебето, Игнасио Медина, изјавил за локалната телевизија Телефутуро дека телото на бебето го добил „целосно виолетово“.

Семејството, кое веќе претрпело загуба на уште едно бебе од оваа двојка, наместо да слави, отишле на погребот во Минго Гуазу, место на околу 20 километри од Сиудад дел Есте, главниот град на департманот Алто Парана, кој граничи со Аргентина и Бразил.

„Ја однесовме кај мајка ми и таму ја гледавме“, рече Медина.

Тој рече дека непосредно пред да заминат на гробиштата, еден од неговите чичковци забележал дека бебето мрда со главата и ги известил присутните.

„Потоа отидовме да ја провериме и срцето ѝ чукаше“, додал таткото кој веднаш го однел бебето во болница.

Кога таткото на бебето го прашал што се случило, директорот на Регионалната болница во Сиудад дел Есте, Федерико Шредел, не ја исклучил можноста дека се работело за катаплексија.

„Поради состојбата со предвремено раѓање, тоа може да се случи, практично пациентот останува без знаци на живот“, додаде специјалистот и предупреди дека ваков случај може да се случи еднаш на секои пет милиони раѓања.

Исто така, Пабло Лемир, директор на судска медицина на Министерството за правда во Парагвај, исто така објасни дека тоа може да биде катаплексија или синдром на „очигледна смрт“.

„Нема чукање на срцето, нема дишење, телото е опуштено, бледо, станува сино или виолетово и обично се решава спонтано и необјасниво“, изјави тој за парагвајскиот медиум ABC Colors.

Според експертот, бебето било родено предвреме и тоа ги исклучило опциите за лекарите.

„Во 26-та недела од бременоста и со таа тежина, белите дробови не се подготвени да бидат надвор од матката, ниту пак нервниот систем е правилно развиен“, рече тој.

Од друга страна, роднините не исклучуваат „божествена интервенција“ и тврдат дека девојчето, сепак со резервирани прогнози, ќе се вика Милагрос де Жезус, што во превод значи „Чудо Исусово“.

Момче падна од 40 метри висок гребен во Италија- пријателите немоќно гледале (ВИДЕО)

Момче (14) од Арика, Италија, доживеа трагична судбина кога со другарите го посети езерото Неми, не сфаќајќи дека ќе падне од дрво по стрмна карпа од 40 метри и ќе загине.

Тој наводно се одвоил од својата група пријатели и се обидел да стигне до највисоката точка на Виа Перино, но гранката од дрвото на која се качувал се скршила и момчето се превртело врз карпата, објави Мирор.

Тинејџерот паѓал над 30 метри, а неговите пријатели беспомошно гледале и веднаш го вклучиле алармот.

Пожарникарите од Неми и карабинерите веднаш пристигнале на местото на настанот, но не можеле ништо да му направат на момчето, освен да констатираат смрт.

Телото е пренесено во болницата Кастели во Арикио, а потоа во Институтот за судска медицина во Рим.

Брутално убиство во Њујорк: Во фрижидер е пронајдена отсечена човечка глава и делови на тело

Маж од Њујорк е обвинет за убиство откако во фрижидерот на неговиот стан во Бруклин биле пронајдени човечка глава и делови од телото, соопшти денеска полицијата.

Николас Мекги (45) е уапсен во четвртокот попладне и обвинет за грабеж, криење на човечко тело и компромитирачки докази, соопшти њујоршката полиција, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Посмртните останки на 40-годишниот Кошин Гелцер биле пронајдени на 22 јануари во станот што Мекги го делел со Хедер Стајнс (45), која исто така е уапсена за криење на човечки труп.

Полицајците рекоа дека одговориле на повикот од станот и пронашле повеќе црни кеси со делови од тело во фрижидерот и замрзнувачот.

Според кривичната пријава, лекарите подоцна го идентификувале Гелцер преку отпечатоци од прсти.

Полицијата денеска не соопшти повеќе детали за случајот, ниту пак како и кога е убиен Гелцер.

притисни ентер