Премиерот Заев не сака да коментира за најавената истрага од Русковска врз судиите кои ја донеле одлуката. Сепак, во синоќешната дебата на Македонската телевизија рече дека според него мерката притвор не треба да е казна.
-Се борев со нашиот народ за притворот да не биде казна, без разлика дали се работи за Катица Јанева, Груевски или било кој. Верувам во ефикасни судски процеси каде што е утврдена вината и се сноси одговорност. Јас верувам дека притворите од 60,100,200,300 дена се казна. Останувам конзистентен на моите ставови,изјави Зоран Заев – претседател на Влада.
Веднаш по трансферот на поранешната обвинителка Шутка до станот на нејзинот син, на фејсбук се огласи и лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Мицкоски прашува дали предметот ќе заврши со неколкумината обвинети и што се случи со парите од куферот. Според ВМРО ДПМНЕ, власта стравува што би кажала Јанева, па затоа, велат, одлуката на судот е испланирано сценарио.
- Ослободувањето од притвор на Катица Јанева е воедно и срамно и смешно. Нема јакна што ќе може да го покрие срамот на ова Кацарска судство и Русковска обвинителство. Свесно оставија простор да може Катица Јанева најпрвин да брише и форматира компјутери, потоа да губи мобилни телефони додека е на плажа и на крај да ги избрише сите докази кои што се неопходни за постапката, вели Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Корумпиран судски систем и политизирана правда – и Алијанса за Албанците со реакција и критики до власта. Од партијата на Села велат дека власта има влијание во судството кое резултира со избегнување на кривична одговорност, а со тоа уште повеќе се намалува довербата во системот на државата.