Зградата во која се родил Хитлер ќе стане полициска станица

Зградата во австрискиот град Браунау каде се родил Адолф Хитлер во иднина ќе се претвори во регионален полициски штаб за да се спречи неонацистичкиот туризам, одлучи австриското Министерство за внатрешни работи.

„Идната полициска употреба на зградата ќе биде непогрешлив сигнал дека оваа зграда никогаш нема да послужи како споменик на нацизмот“, изјави министерот за внатрешни работи, Волфганг Пешорн.

Екстремистите во Браунау пристигнуваат да се сликаат пред зградата, вели локалното население.

Првите пет месеци од животот Хитлер ги поминал во стан во трокатната зграда во центарот на Браунау, мал град недалеку од германската граница.

Државата ја конфискувала зградата од приватен сопственик во 2017 година, завршувајќи го долгогодишниот спор околу обештетувањето.

Откако му платиле 812.000 евра на поранешниот сопственик, Министерството одлучи да распише тендер за редизајн на зградата, изјави министерот Пешорн.

Средба Заев -Хрисохоидис: Поддршка за аспирациите кон ЕУ и развој на соработката

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се сретна со Михалис Хрисохоидис, министер за заштита на граѓаните на Хеленската Република.

На состанокот е заеднички констатирано дека е отворено ново поглавје во билатералните односи помеѓу Македонија и Хеленската Република и дека во последниве две години соработка меѓу државите оди во нагорна линија.

Оценето е дека се чувствува напредок во нашата држава, при што е посочено на придонесот на премиерот Заев во посочените развојни процеси. Во таа насока, пренесена е пораката дека Хеленската Република продолжува да ги поддржува аспирациите на нашата држава кон Европската унија, во рамки на важечките договори и добрососедските односи и дека има определеност Хеленската Република да има водечка улога на патот на земјава кон ЕУ. За таа цел, соопштено е дека има политичка поддршка, но и заинтересираност за техничка поддршка на тимовите од Македонија коишто ќе работат на поглавјата во рамки на пристапниот процес кон ЕУ.

Премиерот Заев посочи на придобивките од развојот на добрососедските односи помеѓу двете држави, како што е зголемениот интерес на грчки инвеститори во нашата држава, посебно во областа на енергетиката, како што е интересот за ХЕЦ Чебрен, за ТЕЦ Неготино, или обратно, вклучувањето на нашата држава со 10-процентно учество во стратешкиот проект за природен гас Александрополис.

„Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите од зајакнатата соработка по Договорот од Преспа, а пред нас е голем потенцијал за натамошно унапредување на односите, како на политичко ниво, така и на цивилно ниво", рече премиерот Заев.

На состанокот беа посебно нагласени заложбите за интензивирање на соработката помеѓу МВР и Министерството за цивилна заштита на Хеленската Република, преку денешната размената на планови и идеи, со цел заедничко дејствување во борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната миграција, безбедноста на граѓаните. Посочено беше и на посветеноста кон отворањето два гранични премина кај Преспа, Маркова Нога и Мајден. Како пример за меѓусебната доверба е истакната и соработката насочена кон заштитата на интегритетот на воздушниот простор на земјите членки на НАТО и склучениот технички аранжман помеѓу министерствата за одбрана на двете држави.

На средбата е разговарано и за меѓусебната помош и поддршка во справувањето со последиците од пандемијата.

Синдикат на полиција ги осуди денешните напади врз полицајци на Бит пазар

Синдикат на полиција на Македонија изразува безрезервна подршка на сите припадници на МВР кои  денеска учествуваа во обезбедувањето на јавниот ред и мир, а во врска со одржаните протести за случајот „Монструм”.

Истовремено, Синдикатот на Полицијата на Македонија, како што стои во соопштението најостро ги осудува денешните напади врз припадниците на полицијата и ги повикува институциите да ги преземат сите мерки за соодветно кривично правно процесуирање на сторителите.

Апелираат кон актуелното раководството на МВР настанот да не го злоупотребуваат во маркетиншка намера и со тоа, стои во соопштението, повредените колеги дополнително да не ги изложуваат на непријатни состојби.

Во тек се разговори за вакцината „Спутник V", пристигнувањето на кинеските се одложува

Министер за здравство Венко Филипче денеска изјави дека е потпишан договорот за набавка на руската вакцина „Спутник Петти", а од вчера течат и разговорите со производителот. 

За да се забрза набавката на вакцините се ангажирал и рускиот амбасадор во нашата држава Сергеј Александрович Баздникин, соопшти Филипче.

-Покрај разговорите за кинеската вакцина и вакцините на „Фајзер", сега течат и преговорите и за „Спутник Петти", рече Филипче, додавајќи дека за „Синофарм" и „Фајзер" во тек се финалните прашања. Но, како што рече, треба да се остави малку резерва, оти досега се покажало дека производителите секогаш имаат дополнителни прашања.

И покрај најавите дека 200.000 вакцини „Синофарм" ќе пристигнат до крајот на февруари, министерот рече оти нивното пристигнување ќе се одложи за неколку дена.

Тој информираше дека досега се вакцинирани околу 2000 здравствени работници, кои работат со ковид-пациенти.

-Завршена е вакцинацијата на вработените во здравствените установи во Скопје. Сега продолжува и во другите болници низ државата. Следуваат вработените во лабораториите, каде се дијагностицира коронавирусот, потоа ќе бидат вакцинирани матичните лекари и дел од стоматолозите на клиника. Со што ќе биде заокружена бројката од 4000 здравствени работници кои работат со ковид-пациенти, рече Филипче.

притисни ентер