Премиера на „Секс, лаги и љубомора" во Струмичкиот театар

Во Народниот театар „Антон Панов" од Струмица утре премиерно ќе биде изведена класичната фарса „Секс, лаги и љубомора" од Марк Камолети во режија на Синиша Евтимов, кој ја потпишува и сценографијата за претставата.

Според режисерот Евтимов, станува збор за текст напишан во шеесетите години од минатиот век и до денес повеќе од успешно живее на сцените ширум светот.

-Ова е мое трето доаѓање тука во последните шест години и тоа што е променето кај мене, од последниот пат кога работев овде, е што успеав да се профилирам во работењето на одреден жанр, што сметам дека во моментот најмногу ме возбудува и токму поради тоа се занимавам сериозно со него, и тоа е дел од еден омнибус мои претстави кои можат да се видат ширум сцените во Македонија. Многу сум задоволен од целокупниот процес и од екипата, составена од претежно млади актери и ретко кога јас сум најстар во екипата и навистина уживавме додека ја работевме претставата, рече режисерот Синиша Евтимов.

Актерката Јасмина Вучкова истакна дека во процесот на подготовката на претставата имале голема слобода во работата со режисерот.

-Морам да истакнам дека првпат работам со режисер кој дава толку голема слобода на актерот во процесот на работа. Уживав во процесот затоа што слободно го креирав и го градев ликот кој го играм во претставата, рече актерката Вучкова.

Во комедијата настапуваат и Анкица Бенинова, Јулија Милкова, Стојан Велков Трн, Коста Ангов и Танкица Стојанова.

Според раководителот на струмичкиот театар, Драган Маџиров, билетите за двете премиерни изданија за утре и в четврток се продадени, а за петок е закажана трета изведба./МИА 

Ведро и потопло, по котлините магла

Времето во земјава ќе биде ведро, во повисоките места со слаб до умерен ветер од променлив правец, а во скопската и полошката котлина има појава на магла.

Утринската температура ќе се движи од минус три до седум степени, а дневната од седум до 16 степени.

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со магла претпладне. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.

Следува период на стабилно и потопло време. Од понеделник по одделни котлини ќе биде облачно, магливо и постудено. Локален дожд ќе има во четврток во попладневните и ноќните часови кон петок.

Намалена видливост поради магла кај Демир Капија, Штип и Делчево

Поради појава на магла видливоста во сообраќајот кај Демир Капија е намалена на 100 до 150 метри, Штип до 50 метри и Делчево 50-100 метри. Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Османи: Со измените на изборниот модел не губи ДУИ, губат Албанците пратенички места

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оценува дека со предложените измени на Изборниот законик не губи ДУИ како голема политичка партија, туку губат Албанците.

Според него реакцијата не се однесува на СДСМ, туку на фактот да не дозволат да се намали бројот на пратеници Албанци заради изборниот модел.

– Вистина е дека една изборна единица повеќе и одговара на ДУИ. Симулацијата што ја има правено СДСМ е точна дека ДУИ добив два пратеника повеќе со една изборна единица отколку со шест изборни единици, меѓутоа истите симулации покажуваат дека вкупниот број на албански пратеници паѓа за осум до 10 пратеника. Да ДУИ добива како голема партија кај Албанците, но вкупниот број албански пратеници паѓа за осум до десет бидејќи во една изборна единица Донтовата формула ги собира гласовите од помалите партии ги дава на поголемите и така паѓа вкупиот број албански пратеници, изјави Османи во одговор на новинарски прашања.

Истакна дека реакцијата на ДУИ воопшто не се однесува на СДСМ, на некакви меѓукоалициски односи, туку се однесува на фактот дека, како што рече, нема да дозволиме бројот на пратеници Албанци да падне заради изборниот модел.

Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог–измените на Изборниот законик./МИА

притисни ентер