Бизнисмени и Владата разговараа за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии

Преку партнерски дијалог се креира амбиент за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии.

Тоа го соопшти денеска Стопанската комора на Македонија, информирајќи за средбата на претставници на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори со премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим.

На средбата се разговарале за воведување автономни мерки за увозни царински давачки на репроматеријали и суровини, отворените прашања околу областите работни односи и безбедност и здравје при работа, системското решавање на проблемот со недостиг од квалификуван кадар и потребата од реформи во образовниот систем. Тема на дискусиите биле и рамномерниот регионален развој, мерките од даночната политика и други предлози за зајакнување на конкурентноста на компаниите.

Како што нагласи Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, средбата беше одлична прилика уште еднаш, непосредно, да се запознаат креаторите на економските политики со сетот барања за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, но и со понудените решенија за олеснување на работењето во специфични области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата, соопшти Стопанската комора на Македонија, во чии рамки функционира Советот на странски инвеститори.

Во врска со усогласувањето со царинските стапки на ЕУ, како една од сугестиите што дојдоа од страна на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, било посочено дека во овој момент обврска на Република Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави. Не се врши усогласување во делот на царинските стапки и тие обврски земјата ќе ги има по пристапувањето во членство кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ. Притоа, Владата излегла во пресрет на барањата на компаниите за воведување автономни мерки во областите каде најмногу има потреба од усогласување, а се од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста.

Премиерот истакнал дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот систематизиран пристап на организација на состаноците и комуникација со надлежните институции околу проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот, бидејќи е од голема помош за изнаоѓање флексибилни решенија, но и презентирање на можностите кои државата ги презема со цел да излезе во пресрет на компаниите.

Владата, како што рекол Заев, останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

– Тоа е одличен начин директно од индустријата, да се информираме за потенцијалите за унапредување на бизнис климата и на тој начин да го усовршуваме системот за поддршка на странските инвестиции. Најважно од оваа комуникација е што овие средби и разговори се секогаш од огромна придобивка и за бизнис-секторот и за граѓаните, зашто новите инвестиции отвораат нови работни места, повисоки плати и повисок стандард на живеење, нагласил Заев.

Овие иницијативи, посочуваат од комората, се особено важни за работата на компаниите, без разлика на тоа дали се лоцирани во или надвор од технолошко-индустриските развојни зони. Тоа e показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава и нивната долгорочна цел е да останат во државата и да отвораат нови работни места, но истовремено ќе ја олеснат одлуката на други странски компании да дојдат во Македонија, согледувајќи ги искуствата на своите колеги кои досега инвестирале во земјава.

– Во моментов во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство земаат учество дваесет и пет странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава. Овие странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата преку креирање нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини, финансиска стабилност и општа благосостојба во општеството, се вели во соопштението. /МИА

Хјундаи во наредните три години ќе инвестира 47 милијарди евра, пред сѐ за електрични возила

Компанијата Хјундаи денеска објави дека ќе инвестира 68 трилиони вони (околу 47 милијарди евра) во текот на три години во Јужна Кореја, главно за да го зголеми производството на електрични возила (ЕВ) и да вработи 80.000 нови работници во секторот.

Јужнокорејската компанија наведува дека повеќе од половина од таа инвестиција ќе биде наменета за електрични возила, односно за нова истражувачка и развојна инфраструктура, како и производствени линии, пренесе Ројтерс.

Агенцијата забележува дека зголемувањето на инвестициите се случува во време кога другите етаблирани производители на автомобили го намалуваат производството.

Главниот оперативен директор на Hyundai, Хозе Муњоз, на саемот за автомобили во Њујорк најави дека бројот на електрични возила ќе се удвои.

„Многу сме посветени на пазарот на Соединетите Американски Држави“, истакна тој.

Hyundai во ноември објави дека инвестира 11,6 милијарди евра во нови посебни капацитети за производство на електрични возила и батерии во Грузија, што е најголема инвестиција надвор од Јужна Кореја.

Додека јужнокорејската компанија ги зголемува инвестициите во електрични возила, конкурентските производители на автомобили планираат да го намалат производството на ЕВ и да го префрлат капиталот главно на хибридни модели.

Руски воен авион се урна во близина на Крим

Руски воен авион денеска се урна во морето во близина на кримското пристаниште Севастопол, изјави гувернерот на регионот назначен од Русија.

„Пилотот безбедно се катапултирал и бил спасен. Цивилни објекти не се оштетени“, изјави гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев, пренесува Ројтерс.

Претходно руските канали Телеграм објавија дека руски борбен авион Су-35 се урнал во близина на Севастопол.

Не е јасно како дошло до инцидентот.

Таравари на панел дискусијата за интеграција на лицата со попреченост

Претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, заедно со претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, учествуваа на важна панел дискусија .

Претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, заедно со претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, учествуваа на важна панел дискусија за интеграцијата на лицата со попреченост во општеството.

На панел дискусијата се разговараше за потребите и барањата на оваа значајна категорија.

Темата за интеграција на лицата со попреченост во општеството е многу важно прашање за кое е важно да се има широка свест и соработка на општествено и политичко ниво, а учеството на Таравари на овој панел ја покажува неговата посветеност да се справи со проблемите со кои се соочуваат оваа категорија лица и да се промовира поинклузивно и еднакво општество за сите.

Покрај дискусијата за потребите и барањата на лицата со попреченост, важно е оваа дискусија да води кон конкретни акции и политики ориентирани кон нивна поддршка, се наведува во соопштението.

притисни ентер