Пендаровски: Нема напредок без вклучување на младите во процесот на носење одлуки

Без создавање механизми за младинско учество во процесот на донесување на одлуки, како и нивно охрабрување за активно учество, не можеме да очекуваме напредок и просперитет и тоа е насушна потреба на секоја држава.

Тоа денеска го изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на завршната конференција во рамки на проектот „Оспособување на младината за активно учество во процесот на донесување одлуки", што го спроведе Евро-атлантскиот Совет на Македонија и Амбасадата на Бугарија во Скопје.

– Во конкретниот проект се користат искуствата од соседна Бугарија со која имаме политички, социо-економски, историски и други сличности, а која, со оглед дека е членка на Европската Унија, од порано ги има апсолвирано прашањата кои ние денес ги разговараме. Во овој контекст е значајно што бугарската амбасада и финансиски го поддржа проектот што доволно зборува за перспективите за соработка, взаемна поддршка, споделување на искуства и ресурси. Убеден сум дека тоа искуство и она што беше препознаено и потврдено како добра практика ќе добие своја имплементација и кај нас, рече Пендаровски.

Истакна дека покрај донесувањето на законската рамка што ќе овозможи учество на младите во процесот на донесување на одлуки ние како општество треба да се соочиме и со еден друг и по мое мислење, поголем проблем, а тоа е апатијата и незаинтересираност на младите за општествените случувања и политичките процеси.

– Кај голем дел од нив постои разочараност и пасивизирање. Огромен процент од младите својата иднина ја гледаат надвор од својата земја и нивните планови и визија не се поврзани со нивната татковина. Во време на глобализација и зголемена мобилност дури и побогатите земји тешко можат да ги задржат младите кои се во потрага по подобри услови за живот, работа и усовршување и имаат потреба од нови предизвици. Сепак, тоа не не ослободува од обврската да обезбедиме далеку подобри услови и перспективи за нашите млади. Овде да немаме дилема: без да се слушне нивниот глас, без нивно квалитетно учество, без успешни младински политики тоа ќе биде невозможно, рече Пендаровски.

Порача да се искористат искуствата на соседите, како и искуствата на постарите европски демократии, да понудиме стратегии, насоки и препораки, да го чуеме гласот на младите, бидејќи без нив и нивното активно учество, како што истакна Пендаровски, не можеме да се надеваме на развој и благосостојба и оти без нив, нашата земја нема иднина.

Претседателот на Евро-атлантскиот совет Исмет Рамадани рече дека овој проект е во соработка со Амбадсата на Бугарија во земјата, и во тој дух Договорот за добрососедство со Бугарија е голем чекор напред во унапредувањето на нашите односи. – Членството во НАТО е цврста гаранција за поголема слобода, демократија, правда и економски развој, рече тој.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека младите мора да бидат вклучени во одлуките што ги засегаат и оти е потребен континуиран фокус кон нив и нивните потреби.

Истакна дека незадоволните заминуваат, а тоа значи, како што рече Адеми, непоправлива штета за државата која губи огромен кадровски потенцијал.

Адеми рече дека образованието е еден од факторите од кои најмногу зависи капацитетот на секоја држава.

Соломон Паси, почесен претседател на Атлантски Клуб на Бугарија истакна дека кога земјава ќе биде и физички во НАТО, членството во ЕУ ќе биде многу полесна задача.

– Ќе седите на иста маса со истите луѓе, зборувате со нив за истите проблеми, не ве третираат како аспирант како некој што чука на вратата, туку ве третираат како еднаков член. Политиката е трговија со услуги. Штом сте во НАТО вие ќе почнете да тргувате со овие услуги, ќе станете дел од семејството, истакна Паси.

Се осврна на влијанието и на Кремљ на Балканот, оценувајќи дека ова влијание се зајакнува и ја убива демократијата, поддржувајќи го популизмот.

Проектот има за цел да ги мапира проблемите и предизвиците за учество на младите во Македонија, да понуди компаративен преглед за вклучувањето на младите во Бугарија, како интегрирана земја во евро-атлантските структури, и да ги адресира главните теми преку дискусии, компаративна анализа и препораки. Долгорочната цел на оваа акција е да се поттикне поголемо учество на младите во процесите на донесување одлуки преку развој на капацитети за активен ангажман на младите и преку поттикнување поголема мобилност и соработка. Покрај ова, акцијата е насочена кон зголемување на

разбирањето за НАТО и ЕУ и изградба на позитивен став за унапредување на евроатлантските вредности. /МИА

Иранскиот министер за надворешни работи повика на смирување на тензиите на Блискиот Исток

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се заложи за намалување на тензиите на Блискиот Исток кои дополнително ескалираа по меѓусебните напади меѓу Иран и Израел, јави ДПА.

- Војната и воената тензија никому не му користат во регионот, затоа мора да се најде решение. Сите страни треба да се фокусираат на изнаоѓање политичко решение, изјави за иранските медиуми Абдолахиан кој престојува во Њујорк.

Според него, „Израел мора да престане да врши воени злосторства во регионот, за да стане стане возможна хуманитарната помош и размената на заложници за затвореници во конфликтот во Газа“.

За време на престојот во Њујорк, каде што учествуваше на неколку седници на Обединетите нации, иранскиот министер за надворешни работи, нагласи дека Иран нема да одговори на нападите врз воени цели во централната иранска провинција Исфахан, за кои се верува дека ги извршил Израел.

- Немаше штета или жртви по нападот со мало беспилотно летало соборено во близина на Исфахан, рече Абдолахиан.

Тој ги опиша нападите како обид на произраелските медиуми да ја истакнат воената супериорност на Израел.

- Малите соборени дронови беа повеќе како играчки со кои си играат нашите деца, рече Абдолахиан, но предупреди дека Иран ќе одговори „жестоко и цврсто“ на вистински напад од Израел./МИА

Ердоган во Истанбул се сретна со лидерот на Хамас, Ханија

 Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во палатата „Долмабахче“ во Истанбул го прими Исмаил Ханија, лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, јавија турските медиуми.

Не се соопштуваат повеќе детали за средбата која се одржува зад затворени врати во претседателската резиденција.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан пред неколку дена се сретна со Ханија во Доха, каде разговараа за последните случувања во конфликтот во Газа, соопштија дипломатски извори.

Фидан и Ханија, заедно со неговата делегација, разговараа за теми поврзани со хуманитарната помош во Појасот Газа, напорите за прекин на огнот и прашањето за заложниците, велат изворите. /МИА

Олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз

Од Акропол, преку Атина кон централна Грција – олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз.

Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион - олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.

Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.

Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.

- Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.

Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.

Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.

Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.

Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. /МИА

притисни ентер