Одложено судењето за „Т.Н.Т"

Судењето за предметот „Т.Н.Т" за уривањето на комплексот „Космос" на инвеститорот Фијат Цановски се одложи за 25 ноември.

Одложено е поради полициска наредба за спроведување на обвинетиот Миле Јанакиески во ОЈО за гонење на организиран криминал за давање на исказ.

Судот на почетокот информираше дека, во однос на барањето од бранителот на обвинетата Елисавета Најдовска, адвокат Мерџан Даути за увид во списите од предметот на албански јазик, се обратил до Адвокатската комора на Северна Македонија, од каде добил одговор дека според одредбите од Законот за адвокатура, за да може да ја извршува функцијата адвокатот, меѓу другото, треба и активно да го зборува македонскиот јазик.

– По мислење на судот овој случај е класичен пример за одолговлекување на постапката и спречување на правото. Тоа е очигледно со направената промена на бранители. Евидентно е дека Димитар Дангов, Мерџан Даути и Елисавета Најдовска со направената промена имале намера за одложување или застарување на делото, изјави судијата Огнен Ставрев.

Од Адвокатската комора, исто така, го информирале Судот дека ќе отворат дисциплинска постапка против адвокатот Димитар Дангов.

Судијата Ставрев, на почетокот информираше и дека добил поднесок од јавната обвинителка Вилма Рускоска со кое се одбива како неосновано барањето на обвинетиот Тони Трајковски за изземање на обвинителот Рустеми.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски./МИА

Пјаниќ плаче во прегратка на татко си поради трансферот во Барселона (ВИДЕО)

Миралем Пјаниќ го слави трансферот во Барселона и круната на неговата кариера.

Роден е во Тузла, а детството го поминал во Луксембург, каде неговото семејство избегало заради војната во БиХ. Пјаниќ дури настапувал за младата селекција на Луксембург.

Сега во Луксембург семејството и пријателите на Пјаниќ организираа забава за новиот член на Барса. После песната на славниот фолк пејач Шериф Коњевиќ, популарниот Пјаниќ плачеше и го прегрна неговиот татко Фахрудин, по што публиката започна да аплаудира.

Покрај Коњевиќ, на забавата пееше и Раде Лацковиќ.

Да потсетиме, Пјаниќ пристигна во Барселона преку размена на играчи со Јувентус.

Барса го испрати Бразилецот Артур Мело во Торино, а за возврат, покрај Пјаниќ, ќе добијат и десет милиони евра.

Тесла вреди повеќе отколку Тојота, Дизни и Кока-Кола

Тесла, компанијата за производство на автомобили на Илон Маск, се искачи на врвот на листата на највредните производители во 2020 година.

Така, ја надмина Toyota според пазарната вредност и стана највредниот производител на автомобили во светот. Веднаш на второ место е Тојота, додека Тесла е повеќе од двојно повредна од Фолксваген.

Тојото беше кратко на првото место, но најновите бројки покажуваат дека Илон Маск повторно го зазеде врвот. Пазарната вредност на „Тесла“ сега е околу 207,6 милијарди американски долари, што е за неколку милијарди повеќе отколку што вреди Тојота.

Тесла е исто така повредна од Кока-Кола, Дизни, Циско, Мерк и Ексон Мобил.

Во изминатата година, акциите на „Тесла“ пораснаа за скоро 350 проценти, достигнувајќи ја проценетата вредност за седум пати поголема отколку во истото време минатата година. Многумина сè уште сметаат дека компанијата на Маск е прескапа, со оглед на количината на автомобили испорачани ширум светот.

Многумина сметаат дека Тесла е технолошка, а не автомобилска компанија. Во изминатите 12 месеци, заклучно со 31 март 2020 година, Тесла испорачала нешто помалку од 400.000 електрични возила ширум светот.

Сега на берзата во Њујорк има само 19 компании кои се повредни од Tesla.

Заев: Македонската интеграција кон ЕУ забрзува, следи формален почеток на преговорите

Веста дека Европската комисија вчера го утврди предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство во ЕУ и го достави на разгледување до државите членки, уште еднаш потврдува дека чекориме напред по патот што го исцртавме. 

Македонија оди уште поблиску кон Унијата, македонската интеграција забрзува, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по повод предавањето на предлог Преговарачката рамка во Советот на ЕУ.

-Оваа вест доаѓа по цели 19 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон интеграцијата кон ЕУ, 15 години од добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година, рече Заев.

Изрази очекување дека веќе наредната недела да започне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво, и, како што рече, во периодот пред нас рамката да биде усвоена од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат.

-Вчерашниот ден е само силна потврда дека нашата татковина сигурно чекори на европскиот пат, пат кој носи суштински реформи, владеење на правото, економски развој, здрава животна средина, силно земјоделие и шанси за подобар живот на сите македонски граѓани, тука – дома. Ова е процес што ни ја носи Европската унија дома. Со отворањето на преговорите ние почнуваме нова фаза од нашето унапредување, нова фаза од македонската европеизација, рече Заев.

Според него, тоа ќе значи и започнува побрзо воведување европски стандарди во сите области, наша интеграција во економскиот и политичкиот систем на ЕУ. -Двете стратешки определби ги остваруваме во период од само три години. Тоа е успех на Владата, институциите предводени од СДСМ, тоа е успех и на сите граѓани кои се определни иднината да ја градиме во ЕУ, посочи Заев на прес-конференцијата пред Собранието на РСМ.

Изрази благодарност на историското хрватско претседателство со ЕУ, што, како што рече, ни ја донесе одлуката за почеток на преговорите за членство во март оваа година.

-Големо задоволство ни е што токму вчера, на првиот ден на германското претседателство со ЕУ е утврдена преговарачката рамка како предлог до државите членки. Убедени сме дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Меркел во текот на германското претседателство оваа Преговарачка рамка ќе биде усвоена и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство со прва Меѓувладина конференција отварајќи ги поглавјата од првиот пакет, а тоа се: Поглавје 23- Правосудство и темелни права; Поглавје 24- Правда, слобода безбедност; Економските критериуми; функционирањето на демократските институции; реформата на јавната администрација; Поглавје 5- Јавни набавки; Поглавје 18- Статистика и Поглавје 32- Финансиска контрола, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека ова е многу сериозен процес кој може да го води само политичка влада, про-европска Влада, демократска Влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата „МОЖЕМЕ". Докажавме дека знаеме и умееме да ја водиме државата по вистинскиот пат, низ стабилни и сигурни води, во патека на постојан развој, стабилност и демократија.

Повика на 15 јули масовно да се излезе на гласање и да се даде поддршка, како што рече, овој пат и оваа успешна приказна да продолжи успешно за сите граѓани, за сите нас.

-Северна Македонија, македонскиот народ, сите граѓани од сите заедници и ние како власт, покажавме решителност, капацитет, способност и патриотизам да ја издигнеме државата на ниво со европските развиени држави и подготвени да ги браниме интересите на нашата економија, нашето земјоделство, нашата животна средина и се што наше, а воедно е и европско. Во таква држава заслужуваат да живеат сегашните, но и идните генерации, истакна Заев. /МИА

притисни ентер