Реверзибилност на преговарачкиот процес за едни ќе го пролонгира, за други ќе го направи поефикасен

Многу нејаснотии и недоречености отколку новини носи со себе нон-пејперот за обновен пристап во процесот на проширување на ЕУ што Франција го објави викендов.

Оценуваат аналитичарите кои се поделени и во однос на тоа дали воведувањето реверзибилност на преговарачкиот процес ќе го пролонгира процесот или ќе го направи поуспешен.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) смета дека самиот документ главно ги истакнува флоскулите кои и Макрон и другите француски претставници ги употребуваа за време на ЕУ Самитот и околу него, особено реверзибилноста на процесот, односно да може и веќе затворени поглавја (или како веќе ќе се викаат во новиот систем) повторно да се отвораат ако земјата покажува влошување на состојбите.

– Самото тоа не мора да значи успорување на процесот (јас и сега сметам дека сме во многу области пред земјите кои веќе преговараат – Србија и Црна Гора; а во некои и пред последните примени членки, Хрватска, Бугарија и Романија), но принципот за „фазен прием" најверојатно ќе го успори, а со паралелното реформирање на ЕУ, можеби и ќе нема како да се стигне до полноправно членство додека да дојде време за тоа (ако ЕУ се договори за системот "Европа во две (или три) брзини"), вели Кржаловски.

Тој со став дека со објавувањето на нон-пејперот за проширувањето деновиве, речиси цел месец по ЕУ самитот во Брисел, Франција покажала дека не била особено подготвена за тоа што го направи на Европскиот совет во октомври во Брисел, односно блокадата на почетокот на преговорите со Македонија и Албанија, и оти проблемот воопшто не е прашањето на проширувањето, кое е една од помалите точки на расправа меѓу земјите членки. Макрон, додава, блокадата ја искористил заради целосно други потреби – од демонстрација на моќ, до укажување на поголемите проблеми во Унијата.

-Една од тие потреби – изборот на француски комесар (по одбивањето на прво-предложената Силви Џулард) се чини е на пат да се задоволи, со „поминувањето" на новиот кандидат на Макрон, Тиери Бретон на сослушувањето во Европскиот парламент. Ако биде и изгласан, тоа може да е добар знак за нас, па и Макрон да „попушти" на прашањето за проширување, уште и пред следниот самит во Загреб, оценува извршниот директор на МЦМС.

Зоран Нечев од Институтот за демократија Соцеитас цивилис (ИДСЦ), во однос на реверзибилноста на процесот, смета дека таква можност постои и со сегашната методологија преку инструментот на суспензивно вето, а постои и можност привремено затворените поглавја повторно да бидат отворени.

-Она што е новитет во оваа француска идеја е воведување на систем на градација на казнување во случај на појава на реверзибилност (назадувањето) кај земјата-кандидатка, истакнува Нечев.

Што се однесува до Македонија, секој обид за подобрување на ефикасноста на пристапниот процес, вели, оди во наша корист.

-Сепак, се поставува прашањето кому ќе биде доделена улогата да ги утврди критериумите и опфатот, односно интензитетот на реверзибилноста (дали таа улога ќе ја има Европската Комисија или земјите-членки, односно ќе се предвиди комбиниран пристап) и враќањето на првобитна состојба, особено во насока на засилено политичко управување кое се напоменува во овој документ, вели Нечев.

Не е невозможно, но нема гаранции за усвојување на новата методологија до јануари 2020

Двајцата аналитичари, пак, се согласни дека е можно да се исполнат очекувањата изнесени од Франција за усвојување на обновениот пристап во преговарачакиот процес до јануари 2020 година, но тоа ќе зависи од поширокиот контекст во ЕУ, а поволно ќе влијае i високотo ниво на консензус во однос на отворање на преговорите особено со нашата земја.

Според Кржаловски, иако Франција предлага Европската комисија до јануари да го подготви предлогот за новата методологија за проширување базирана на наведените четири принципи, за евентуално да се усвои до март (и со тоа се овозможи да се донесе одлука во мај за почеток на преговори со нас), не е реално да се очекува такво нешто, особено во услови на промена на составот на Комисијата и се уште непотврден нов состав (т.е. три кандидати) под водство на Урсула фон дер Лејен.

-Тоа може да е само уште еден начин за понатамошно одложување и „купување време", но од друга страна и заради притисокот од другите земји и прилично високото ниво на консензус за започнување на преговорите, барем со Македонија, не е невозможно таква методологија и да биде изработена и усвоена во овие неколку месеци. Но, како што веќе реков погоре, тоа ќе е само потребен, но не и доволен услов за да се одоброволи Франција – ќе треба сите други земји да „попуштат" на се што бара или очекува Франција, за таа да ги откочи преговорите, вели Кржаловски.

Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис, е на мислење дека постои можност, но нема никаква гаранција дека земјите-членки ќе се усогласат околу новата методологија до јануари 2020. Атмосферата на компромис и зголемено ниво на политичка волја кај одредени земји-членки секако позитивно ќе влијае на процесот и донесување на одлуката во одредениот рок, додава тој.

Нон-пејперот што го објави Париз го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот и предлага четири услови на кои тој ќе се зансова: постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност, односно целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки". Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно. Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот. Со нон-пејперот се предвидува и дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ. За докуметот кој е во фаза на тазгледување, треба да се изјаснат сите земји – членки на ЕУ. /МИА.

Голем антивладин протест во Буенос Аирес поради мерките за штедење

Стотици илјади Аргентинци вчера излегоа на улиците на Буенос Аирес на антивладин протест против кратењето на буџетот на државните универзитети, што е најголемиот протест досега против мерките за штедење на претседателот Хавиер Милеи.

Протестите се последниот пример за растечките тензии поради кратењата на владините трошоци кои помагаат да се сменат длабоките фискални дефицити, но предизвикуваат тешкотии во реалната економија.

Маршевите поддржани од Унијата во и надвор од главниот град носеа транспаренти на кои пишуваше „Брани ги државните универзитети“, „Студирањето е право“ и „Горе буџетот, долу планот на Милеи“.

Милеи, кој се справува со наследената економска криза по долгогодишното трошење на владата, спроведува буџетски кратења со „моторна пила“ што и помогна на државата да оствари тримесечен фискален суфицит на почетокот на годината. Но, кратењата извршија голем притисок врз јавниот сектор. Јавните универзитети во Аргентина како УБА, кои нудат бесплатно додипломско образование, во голема мера се потпираат на државно финансирање.

-Образованието е еден од основните столбови на нашата идеологија. Немаме желба да ги затвораме универзитетите, рече портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, бранејќи ја позицијата на владата и повика на мирен протест. /МИА

Во Штип отворени 74 избирачки места

Во Штип утрово навреме се отворени 74 избирачки места, а гласањето се одвива мирно и без проблеми, информираше претседателот на Општинската изборна комисија(ОИК)-Штип, Виктор Вацев.

Според избирачкиот список со право на глас се 41.489 граѓани, кои своето избирачко право можат да го остварат на избирчаките места.

МИА утрово беше на гласачкото место 22 92 во гимназијата „Славчо Стојменски“-Штип. Претседателката на Избирачкиот одбор, Васка Тасева вели дека гласачкото место навреме е отворено, а своето право на глас на ова избрачко место можат да го искористат 896 избирачи.

Изборниот процес почна вчера, кога во домашни услови гласаа 158 болни и изнемоштени. Се гласаше и во КПУ _ затвор _ Штип, каде од 203 регистрирани избирачи од 40 македонски општини, правото на глас го искористиле 144 осуденици или 71 проценти.

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори, од општинските изборни комисии информираа дека навремено се отворени сите избирачки места.  

Вкупно 113 болни и изнемоштени лица од Росоман и Демир Капија и петмина од затвор, беа пријавени за гласање во текот на вчерашниот ден, согласно на законот.

- Во единствениот избирачки список, се запишани 3.289 лица од општина Росоман со право на глас. Од нив, 51 болно и изнемоштено лице, како и двајца од затвор, беа пријавени за гласање за вчера, појасни претседателот на општинската изборна комисија, Александар Чадамов, за МИА.

Во Демир Капија, како што соопшти претседателот на ОИК, Благој Јовановски, 62 болни и немоќни лица, како и тројца од затвор, имаа законска можност да гласаат во текот на вчерашниот ден. Инаку, во Демир Капија се регистрирани вкупно 3.216 гласачи.

притисни ентер