Медиумската писменост е демократска педагогија, што поскоро да се воведе во редовната настава

Демократските општества денес се на удар од злоупотреба на податоци и од лажни вести.

Тие дури и се сметаат за ново оружје за масовно уништување и граѓаните тешко ги препознаваат дезинформациите. Оттука најголемиот предизвик за општествата е како да се справат со злоупотребите, без притоа да ја загрозат слободата на изразување. Поради тоа медиумската пименост треба да биде дел од наставниот процес но и активност на целото општество.

Во земјава популацијата на возраст од 15 до 34 години речиси никогаш не ги проверува информациите што ќе ги прочита на интернет просторот, а лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се интегрира во наставниот процес од најрана возраст.

Додека во речиси сите европски земји, но и во земјите од регионот, медиумската писменост е составен  дел од наставата и е воведена како посебен предмет, кај нас последните обиди да се направи нешто околу ова прашање се од 2008 година. Владата летово подготви предлог акциски план во борбата против дезинформациите, лажните вести и нападите против демократијата, што е отворен за поширока јавна дискусија.

Во образованието, пак, во наставните содржини не се споменува терминот медиумска писменост, туку само медиумска култура, и тоа во мајчините јазици и има само информативен карактер.

Македонија во 2016 година стана „позната" по лажните вести, кога беше откриено дека голем број лажни страници и профили, кои беа управувани од млади лица од градот Велес, ширеа дезинформации во САД за време на претседателските избори.

По американските претседателски избори во 2016 и лансирањето на феноменот „лажни вести", Европската комисија ја нагласи клучната улога на медиумската писменост во оспособувањето на граѓаните за критично мислење.

Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на панелот „Вклучување на МП во образованието – домашни, регионални и европски искуства", вели дека постои волја медиумската писменост да се воведе во образованието. За неа тоа е комплексен процес и за сите реформи потребно е време, но треба да се истрасира патот за да се најде најсоодветниот модел за вклучување на медиумската писменост во образованието.

Финска и Велика Британија имаат воведено предмет медиумска писменост во 1970 година. Велика Британија прво го вовела како изборен предмет, но заинтересираноста на учениците не била толку голема. Подоцна го менуваат моделот и денес медиумската писменост е интегрирана во различни предмети. И тие држави се соочувале со дилемите, како ние сега, за тоа кој би бил најсоодветниот модел.

Никодиноска вели дека постојат два начина, медиумската писменост да се воведе како посебен или како изборен предмет. – Забелешките за првиот модел се дека вообичаено ја обременува наставната програма. Другиот проблем е ако се вклучи како изборен предмет, ризикот е дека не толку голем број ученици би биле заинтересирани да го изберат, вели таа.

Денешните деца не размислуваат линеарно, туку радијално – имаат поинаква меморија, поголем мултитаскинг

Божена Јелушиќ професорка по книжевност и медиумска писменост во Црна Гора рече дека предметот медиумска писменост во Црна Гора е воведен уште во 2007 година, кога е направена програмата и кога е одобрена од Педагошкиот совет и од Националниот совет за образование.

– Црна Гора уште во 2000 година ја започна реформата на образованието и тогаш во системот на изборни предмети можевме да го понудиме овој предмет. Таа година УНЕСКО ја усвои Париската агенда за медиумска писменост. Но, во меѓувреме бројот на ученици што го избираа овој предмет се намали на половина поради тоа што на училиштата беше оставено да нудат листа на изборни предмети и тие не ја нудеа според желбата на учениците, туку според нормата на часови. И ако на некој наставник му недостасуваа два или три часа, тогаш не се нудеше медиумската писменост, туку се нудеа здрави стилови на живот, музика, што било, само за да се пополни нормата, истакна Јелушиќ.

Во меѓувреме, рече, во Црна Гора, Заводот за школство одржувал редовни обуки за медиумска писменост за наставниците, за кои имало огромна заинтересираност. Истакна дека во план е да понудат две програми: класична медиумска писменост, и т.н. нова медиумска писменост за партиципативна демократија, која во прв ред ќе се занимава со лажни вести, прашања за безбедност, социјални мрежи…

– Се смета дека во училиштата на иднината ќе има само четири предмети – критичко мислење, комуникација, способност за промена и креативност. Ние денес ги гушиме учениците со 14 или 15 предмети, каде го меморираат градивото кое можат да го најдат на Интернет, со тоа нивната меморија веќе е ослабена, а Финска веќе размислува како да ги реконструира предметите, со цел да добие подобар стандард на знаење. И тоа покажува и кај нас, и кај вас и во целиот регион, дека нашите ученици всушност не научија како се учи!, вели Јелушиќ.

Смета дека наставниците се најконзервативната гранка на општеството, бидејќи се уверени дека се мали богови, и дека она што тие го знаат е само тоа точно и вистинито и дека секое дете мора да го помине нивниот пат за да стигне некаде. – Тоа не е точно, не треба да го помине нивниот пат!, децидна е црногорската професорка.

– Ви препорачувам да го зграпчите моментот на внатрешна и секоја друга поддршка за овој концепт. Да се воведе предметот медиумска писменост во задолжителниот курикулум, во сите средни училишта, не само во гимназиите бидејќи тоа не е знаење на елитата, тоа припаѓа на сите. Ако е изборен предмет тогаш школите мора да се обврзат секогаш да го понудат. Еден од начините секогаш да го понудат е ако тој предмет учествува во матурскиот стандард, препорачува Јелушиќ.

Смета дека во основните училишта тоа треба да биде задолжителна наставна содржина. – Тоа нема да биде предмет, туку содржина, прилагодена на возраста што ќе ги подготви учениците за медиумската писменост. Постојат многу начини тоа да се инкорпорира во програмата. За сето тоа потребна е и обука на наставниците, бидејќи без добро обучен наставник нема добра настава, рече таа.

Наведе дека во Србија во основните училишта се нудат шест програми во секое одделение, еден од нив е „Јазик, медиуми и култура", во кој се обработуваат разни теми еден час неделно, почнувајќи од пристап на жанрови, ријалити, нивната појава итн, при што наставникот е само медијатор на знаењето. Додаде дека и српското Министерство за култура и информирање се изборило во Законот да стои дека медиумската писменост треба да се развива низ системот за образование. Во моментот, рече таа, тие работат на Прирачник за медиумска писменост, со УНЕСКО и 30 експерти, а во тоа учествуваат министерства и работни тела.

– Низ медиумската писменост треба да се зголеми способноста на учениците критички да размислуваат. Медиумската писменост всушност е демократска педагогија и поради тоа е активна и партиципативна наставата за овој предмет, како еден вид семе кое може да се облагороди, вели Јелушиќ.

Истакна дека на сите ученици на кои им предавала медиумска писменост се многу поуспешни на факултет, не затоа што, како што рече, ги вооружила со факти, туку затоа што тие критички размислувале.

– Нашите ученици не размислуваат како мојата генерација, линеарно, туку мислат радијално, ним меморијата им е поинаква. Тие имаат поголем мултитаскинг. Тие подобро учат низ игра, претставување и симулација. Училиштето мора ова да го понуди. Во овој момент тврдам дека училиштето не ги оценува учениците како што треба, ги оценува погрешно. И учениците поради тоа оправдано го мразат. Меѓутоа, најтешко е да ги промениме наставниците, подвлече професорката.

Во однос на моќта на социјалните медиуми, рече дека денес се се одвива низ безобзирни платформи и нивни алгоритми што се во состојба да ги насочуваат и најобичните одлуки на луѓето: коишто ги паметат сите наши кликови, дури и кога ќе подзапреме пред одредени производи во продавниците, аптеките, дури и кога пребаруваме информација за одредена болест, патувања и објава.

– Фејсбук покажа моќ да ги обликува резултатите на изборите и политичката волја на граѓаните, и сега повеќе од очигледна е кризата на демократијата. Постојат многу истражувања кои потврдуваат дека луѓето брзо усвојуваат и шират лажни информации, кои се во согласност со нивните убедувања, оцени таа.

Нејзина препорака е токму затоа треба да се научат младите критички да ги користат алатките на социјалните медуми, да препознаваат скриена пропаганда на информативни емисии на телевизии, која може да роди национализам и екстремизам, да наоѓаат примери, за тоа да разговараат.

– Ако немаме медиумска посменост, тапкаме во мрак. И на крајот, социјалните мрежи ќе излезе дека не се социјални, туку антисоцијални, или прокорпорациски, но ако не седнеме да разговараме за тоа со младите, може да биде лошо. Оттука мора медиумската писменост да се внесе како задолжителен предмет, содржини, да се направи прирачник што ќе се обновува на секои три четири години, и да се обучуваат наставниците, заклучи професорката Јелушиќ.

Во наставните програми во земјава не постои терминот медиумска писменост

Блага Панева, советничка во Бирото за развој на образованието, вели дека во изминатите години се правеле напори, делумно успешни, медиумската писменост да биде дел од образовниот систем. Сепак, нејзиното присуство е условено од реформите, а секоја реформа произлегува од анализа.

Ја нагласува потребата дека во услови на наплив на разни информации учениците треба да ги насочиме на правилно селектирање и нивно правилно употребување.

– Бирото за развој на обрзованието направи анализа на 40 наставни програми по сите наставни предмети во основното, гимназиското и општообразовните предмети во стручното образование, и по сумираните информации за опфатот на содржини во кои има елементи поврзани со медиуми и медиумска култура е констатирано дека содржини со мал обем за медиумите и медиуската култура се опфатени во наставните предмети во различни степени на образованието и тоа почнувајќи од прво одделение во основото училиште до четврта година во средно образование, додаде таа.

Истакна дека во наставните програми не се употребува терминологијата медиумска писменост и не постои системски пристап за нејзино изучување. Информациите за медиумите се обработуваат неселективно и без поголема хронолошка поврзаност во наставните програми, во различни предмети и тематски единици.

– Од анализирание 21 наставна програма заклучено е дека во наставните програми по македонски, албански, турски, српски и босански, се користи терминот медиумска култура. Медиумската култура е едно од програмските подрачја со определен фонд часови годишно или вкупно 100 часа од прво до деветто одделение, вели Панева.

Во странските јазици и останатите предмети, додава, генерално недостасуваат содржини од оваа област. Во пет наставни програми, поголемиот број од нив се од природните науки, нема содржини за медиумите и медиумската писменсот.

– Во средното образование од анализираните 19 наставни програми, елементи за медиумите, но не и за медиумската култура или за медиумската писменост, се опфатени само во мајчините јазици, поконкретно во предметот јазик преку Практично-професионална комуникација со фонд од десет часа годишно, рече таа.

Од анализата, како што посочи, се заклучува дека содржини од и за медиумите, но не и за медиумска писменост, се застапени во поголем број наставни предмети во основното и во средното образование, а тие не се поврзани конкретно со медиумската писменост и имаат информативна улога.

Според неа треба да има функционален пристап за медиумска култура и медиумска писменост, да се создадат услови за воведување содржини од медиумска писменост од најрана возраст. При тоа да се земат предвид меѓународните искуства преку дебати, анализи и анкети со наставниот кадар.

Моделот авторитарен наставник да се замени со наставник поттикнувач на критичко размислување

Магдалена Сајкова, наставничка во ЦОУ „Стив Наумов" во Битола, истакна дека денес е многу важно да имаме медиумски писмени ученици, за да ги развијат своите вештини за критичко размислување, за да можат самостојно да ја проверат и оценат информацијата и нејзиниот извор, за да можат самостојно да создадат медиумски содржини, како и да ја зголемат својата медиумска култура.

Таа препорачува медиумската писменост да се воведе преку повеќе модели, како што е преку игра, проектни задачи, драматизации, истражувања, дебати, разбивање на „факти".

Сајкова вели дека треба да се напушти моделот на „авторитарен наставник" и наместо тоа, тој треба да има најголема улога во процесот на развивање на критичкото размислување кај учениците и развивање на медиумската писменост. Затоа, како што посочи, тој треба да биде мотивиран, истражувач, без стереотипи, критички да размислува, да биде олеснувач и насочувач, ентузијаст, непосреден и храбар.

– Денешницата бара многу повеќе од само читање и пишување. Медиумската писменост е точен чекор кон развивање на младите генерации и нивното претворање во интелектуални, свесни и добро информирани граѓани, заклучи Сајкова. /МИА

Турција им се закани на САД по признавањето на геноцидот врз Ерменците

Усвојувањето на резолуција во американскиот Конгрес за признавање на геноцидот од Отоманската империја врз Ерменците на почетокот на 20 век „ја загрозува иднината“ на односите меѓу Турција и САД.

Ова предупредување вечерва го објавија турските власти, непосредно по донесената одлука во Вашингтон.

„Однесувањето на одредени членови на американскиот Конгрес ги загрозува турско-американските односи ... Резолуцијата на САД донесена од Сенатот денес ја доведува во прашање иднината на нашите билатерални односи“, изјави портпаролот на турското претседателство Фахретин Алтун.

Горниот дом, Сенатот на САД едногласно денеска ја донесе резолуцијата во која се признава геноцидот врз Ерменците. Таа резолуција беше изгласана на крајот на октомври од страна на Претставничкиот дом, што во тоа време предизвика незадоволство од Турција.

Републиканскиот сенатор Кевин Крамер претходно изјави дека не е вистинско време да се донесе закон што ќе ја налути Турција.

Историчарите проценуваат дека 1,5 милион Ерменци биле убиени во Отоманската империја за време и по Првата светска војна, за што експертите сметаат дека е првиот геноцид во 20 век.

Наследникот на империјата, Турската Република, прогласена во 1923 година, негира дека станува збор за геноцид, туку дека тие биле само жртви на граѓанска војна и немири во време на распадот на Отоманската империја, чиј број бил предимензиониран и дека имало смртни случаи од обете страни.

Турција соопшти дека тогаш биле убиени меѓу 250.000 и 500.000 Ерменци.

Се зголеми бројот на жртвите во пукотницата во болница во Чешка

Бројот на загинати во пукотницата во чешката болница денес се искачи на седум, кога една жена која беше тешко повредена почина два дена по нападот.

42-годишен маж отвори оган во чекалната во Универзитетската болница во Острава, 350 километри источно од Прага, при што загинаа шест возрасни пациенти и се ранети тројца други, пренесува АП.

Другите двајца повредени мажи не се во животна опасност.

Полицијата го идентификува напаѓачот како човек со криминално досие кој користел нелегален пиштол и дејствувал сам.

Ова е второ најсмртоносно масовно пукање во Чешка од 2015 година, кога маж уби осум лица во југоисточниот град Ухерски Брод пред да се самоубие.

Изгубен град од големо древно царство е откриен во Етиопија (ФОТО)

Археолозите откриле изгубен антички град во Етиопија кој бил населен над 1400 години.

Градот бил дел од моќната цивилизација наречена Империја Аксум, која со векови доминирала во Источна Африка и тргувала со други големи сили како Римската империја.

Кралството Аксум, или Аксумската империја, била важна земја во северо-источна Африка која започнала да се развива од 4 век пред нашата ера.

Нејзиното древно седиште било градот Аксум кој се наоѓа во северниот дел на сегашна Етиопија. Била една од водечките сили во тоа време, заедно со Рим, Персија и Кина, пишува New Scientist.

„Тоа е една од најважните антички цивилизации и многумина слушнале за неа“, изјави археологот Мајкл Хароуер од универзитетот Џон Хопкинс.

Засега не се знае точно како се развила оваа моќна цивилизација.

По разговори со локалното население, археолозите започнале да копаат по ридот во близина на село  и наскоро пронашле низа камени sидови кои биле делови од згради, односно наишле на остатоци од антички град.

„Етиопија е одлично место за археолозите. Повеќето локалитети во Грција и Рим се веќе истражени, така што ретко се откриваат поголеми антички градови во областа“, изјави Хароур.

Истражувачите го именувале градот Бета Самати, а откриено е дека тој бил населен уште од 771 година п.н.е. до 645 од нашата ера.  Ова значи дека постоело во периодот пред империјата Аксум.

Затоа Хароуер смета дека населбите пред Аксум не биле напуштени во времето на создавањето на цивилизацијата на царството Аксум и дека можеби немало политички конфликт; како што претходно претпоставуваа археолозите.

Жителите на Аксум првично верувале во повеќе богови. Сепак, за време на 4 век, кралот Езана го примил христијанството. Археолозите пронајдоа камен со христијански крст во околината на Бета Самати, прстен од бакарна легура покриен со златни лисја, амфори што веројатно биле користени за чување вино и други предмети.

притисни ентер