Францускиот нон-пејпер на разгледување во Владата, Париз бара новата методологија да се објави до јануари 2020.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година.

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки".

Како „пребавни" ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка" на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.

За нон-пејперот вчера се огласи и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочи Османи за Алсат – М.

Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.

За новата методологија Мицкоски рече дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.

– Колку време сега ќе биде потребно оваа рамка испорачана како „нон-пејпер" од Франција да биде уредена и детализирана во документ, како и колку ќе биде подолг патот за членство на Македонија. Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Документот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки. /МИА

Костадиновска-Стојчевска: Само со СДСМ има европска иднина, нема враќање во мрачното минато

„Вистински промени во македонското општество се можни само со следење на европскиот пат и со членство во европското семејство. “

„Нашата држава нема друга алтернатива. Нашите работници и пензионери немаат друга опција за подобар живот, за достоинствено вреднување на нивниот труд, за посигурна иднина за своите деца и внуци”, порача потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Охрид.

Таа додаде дека како што во изминатите години постојано Владата предводена од СДСМ ги зголемуваше пензиите и водеше посебна грижа за сите, така продолжуваме и после 8 мај.

„Ние сме првата политичка партија која воспостави трајна методологија за раст на пензиите, но и постојан раст на платите”, рече Костадиновска-Стојчевска додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не покажа никаква грижа ниту за државата, ниту за културата, ниту за работниците, нуту за пензионерите, туку дека целосно се посветија на ограбување на народот и на дезинтеграција на државата.

„Во време на ВМРО ДПМНЕ не успеаа да ги осигураат платите во култура, само успеаа десет луѓе да заработат од гипс картонот кој стои во центарот на Скопје”, посочи коносителката на листата во изборната единица 5.

Костадиновска-Стојчевска рече дека промотивното видео кое партијата на Мицкоски го промовира во кое еден актер шета низ магла е вистинската порака која сакаат ВМРО-ДПМНЕ да ја пратат, дека повторно културата ќе биде за одредена група на луѓе и ќе биде заробена во канџите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Навикнати се нивните политики да функционираат само во хаос и безредие. За нив Европската унија, европската култура и идеја не се иднина”, укажа Костадиновска-Стојчевска.

Коносителката пред охриѓани порача дека ова се избори помеѓу светла иднина и мрачно минато и дека на 8 мај граѓаните ќе изберат надеж и европска иднина.

„Немаме време за губење за власта да ја предадеме на манипулатори и креатори на лажни вести и наместени анкети. Тие немаат план за државата, тие од заматените погледи од корупција и незнаење, не ја гледаат иднината, рече Костадиновска-Стојчевска потенцирајќи дека нема време и трпение да живееме во нова мрачна деценија, особено сега кога на дофат ни е светлата европска иднина.

„СДСМ иднината ја носи заедно со нашиот Претседател Стево Пендаровски. Сите ние цврсто и одлучно го газиме европскиот пат и нема да дозволиме никој да не попречи, а најмалку деструктивната и корумпирана ВМРО ДПМНЕ. За нас одамна е јасно- НАШАТА ИДНИНА Е ВО ЕВРОПА и од неа не се откажуваме“, им порача на охриѓани Костадиновска-Стојчевска, се наведува во партиското соопштение.

Шолц: Војната во Украина би можело да потрае уште неколку години

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да биде продолжена за уште неколку години.

„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби уште пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц. Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.

„Од почетокот на војната, сепак, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на напредок“, рече тој. „Диктираниот мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.

Шолц вечерва беше гостин на панел дискусија организирана од весникот Freie Presse со наслов „Германија под притисок. Како може да функционира коалицијата под новите услови?“ , објави Цајт.

Митрески од Охрид: На Македонија и е потребна ЕУ за побрз развој и подобар стандард

„На Македонија и е потребна Европската унија за побрзо да ги донесеме европските стандарди дома. За платите и пензиите да растат побрзо, да се развиваме инфраструктурно. “

„Да го унапредиме и развиваме туризмот. За да живееме просечен европски живот, без грижи дали некој ќе може да ги плати сметките, дали ќе обезбеди огрев, лекови или храна“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, на вечерашниот митинг во Охрид.

Тој потсети дека како земја ништо лесно не сме добиле, ништо лесно не поминало, ниедна лесна битка не сме имале во кој и период од минатото да погледнеме. Но, благодарение на храбрите одлуки на СДСМ денеска имаме самостојна и независна држава.

„Создадовме независна, суверена, самостојна држава Македонија без буџет, без војска, без оружје... Но, станавме независна држава без жртви, без војни кои тогаш се случуваа во сите републики од поранешна Југославија. Една работа и тогаш и сега е иста. И тогаш и денес имаше и има самопрогласени наводни патриоти и прогласување на наводни предавници. Тогаш со пароли за сечење канџи, денес, за наводна бугаризација и асимилација. Лага до лага, манипулација до манипулација. Зошто? За мали, ситни, бедни, евтини политички поени и борба за власт“, нагласи Митрески и додаде дека времето ја потврди исправноста на тие одлуки и потврди дека вистински патриотизам бил, е и ќе остане носењето државнички одлуки.

Митрески нагласи дека е лесно само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние имаме одговорност за иднината на татковината и сите нејзини граѓани. Државата мора да оди напред. Младите не може да бидат жртва на политичари без став, без визија. Изборот е или интеграција или изолација. Јас, СДСМ, коалицијата, кандидатите за пратеници се за интеграција. Тоа им го должиме на нашите предци, но и на генерациите што доаѓаат после нас за својата иднина да ја градат во својата татковина, не во странство. Членството во ЕУ значи пристап до фондови за развој, но и значи пристап до пазар од 500 милиони жители за македонските компании, за македонските бизниси, за македонскиот туризам“, нагласи Митрески.

Тој ги повика охриѓани да се обединат и сложно да застанат зад планот за европска Македонија и да гласаат за број 1, за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер