Дебата „Младите и онлајн конзумеризмот"

Во Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска Институтот за комуникациски студии ќе организира дебата на тема „Младите и онлајн конзумеризмот".

– На настанот ќе се дискутира за тоа како корпоративниот свет ги таргетира младите, што велат истражувањата за навиките на децата и тинејџерите кога се на социјалните мрежи, како се прави „микротаргетирањето" на оваа публика? Свесни ли се младите дека некој ги „демне" нивните кликови, претраги по интернет? Свесни ли се за скриеното или отвореното рекламирање производи на инфлуенсерите? Имаат ли контролен филтер за ваквите содржини? Каде се институциите, а каде се родителите во нивниот онлајн живот, соопштија од Институтот.

ИКС настанот го организира како дел од „Неделата против лажните вести" во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост" што го финансира Европската Унија.

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер