Заев во Солун на средби со Мицотакис и со грчки бизнисмени

Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува и ќе се обрати на четвртиот Самит во Солун, ќе одржи средби со голем број деловни луѓе од компании кои сериозно работат со нашите институции и ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, средбата ќе биде во 18.30 часот по локално време, а еден час подоцна Мицотакис ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот Заев, вчера рече дека при обраќањето на самитот ќе ги информира присутните за сите предности што ги има во земјава.

-Сакам да го споделам чувството на задоволство, колку е голем интересот на грчките компании, особено за долната половина на државата поради близината на транспортот, рече премиерот.

Самитот во Солун се одржува денеска и утре во организација на Федерацијата на индустриите на Грција, во партнерство со Конфедерацијата за трговија и претприемништво и Американско – грчката стопанска комора, а е под покровителство на претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.

Заев на самитот е поканет заедно со претседателите на владите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов кои утревечер за време на официјалната вечера ќе говорат за „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи".

Во однос на средбата на премиерите на двете земји, заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во вторникот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа кои ќе бидат темите и пораките на претстојната средба на Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис во Солун, рече дека Грција работи за да се искористи временскиот период до повторното отворање на дискусијата во ЕУ, за во соработка со сите лидери на земјите од Западен Балкан да се постигне најдобар можен резултат на следната средба.

-На нашите средби, без разлика дали се средби во Грција со лидери на земјите од Западен Балкан или во Европа, ние секогаш се стремиме да инсистираме на нашата основна политика, дека е во корист и на Европа и на земјите од Западен Балкан, европска перспектива на Западен Балкан. Со оглед на тоа дека на Европскиот совет на 17 и 18 октомври во текстот со заклучоците го имавме фактот дека дискусијата одново ќе се отвори во следните месеци, ние работиме за да го искористиме овој временски период во соработка со сите лидери на сите земји од Западен Балкан за да постигнеме најдобар можен резултат на следната средба, рече Пецас.

Професорот од Универзитетот „Македонија" во Солун и виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП" Јанис Армаколас, во неделата, во интервју за МИА, рече дека средбата на Мицотакис и Заев е „апсолутно позитивна разврска што означува одново активирање на грчката дипломатија во насока на поддршка на европската перспектива на Западен Балкан".

Ова ќе биде втора средба на македонскиот и грчкиот премиер, откако првата ја одржаа во септември во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на ОН./МИА

Милошоски: Работните групи на власта и опозицијата на средба за законот за ЈО до крајот на неделава

 Договорено е работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава, изјави денеска на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

-Во текот на вчерашниот ден имаше координативен состанок на два члена од двете групи, од владејачката и онаа на опозицијата за динамиката за законот за јавно обвинителство, кој како предлог ни беше доставен пред неколку дена. И договорено е да имаме средба на двете работни групи, секоја група со свои забелешки и аргументи, најдоцна до крајот на оваа недела, истакна Милошоски во прес-салата на Собранието.

Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин што, како што рече, ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен, согласно венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.

Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека на самата работна средба што би ја имале со колегите од владејачката коалиција, со нивниот правен тим, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаме дека текстот може да се подобри./МИА.

Од недела врнежи од дожд, на повисоките места снег

 Врнежи од дожд, а на повисоките места и снег најавуваат метеоролозите од недела вечер и почетокот на наредната недела.

Од УХМР информираат дека од утре ќе има зголемена облачност и ќе дува засилен северен ветер. За време на викендот ќе биде променливо облачно. Во недела и во понеделник ќе има повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини повремен снег.

Минималната температура утре ќе остане под нула и ќе се спушти до минус седум, во петок до минус девет,  сабота минус осум, недела доминус четири, во понеделник ќе биде потопло и ќе се движи од еден до пет степени и во вторник ќе се спушти до минус три степени.

Дневните температури ќе бидат во интервал од три до 13 степени.

Во Кичево приведен малолетник за поседување марихуана

Одделението за внатрешни работи во Кичево приведе 17-годишен малолетник од кичевското село Зајас.

Кај него, полициските службеници, при преглед извршен на улица „11 Октомври" во Кичево, пронашле и одзеле 14 ќесички со марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, вели Стефан Димоски портпаролот на СВР- Охрид. 

притисни ентер