Бизнис форум меѓу чешки и македонски текстилни и кожарски компании во Штип

Компании од текстилниот и кожарскиот сектор од земјава и Република Чешка денеска се дел од бизнис форумот, што се одржува во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров" во Штип. 

Амбасадорот на Република Чешка во земјава, Мирослав Томан, верува дека преку овој бизнис форум ќе се воспостави соработка меѓу чешките и македонските компании од овие сектори.

-Преку овој бизнис форум ќе се остварат нови контакти, нови можности за соработка што ги сметаме за плодови и токму тоа е целта на денешиот бизнис форум, вели Томан.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, забележа дека овој бизнис форум е значаен за Штип како текстилен град, во кој работат околу 70 текстилни конфекции.

-Многу е значен за конекција, вмрежување меѓу компаниите кои се дојдени овде од Чешка, со нашите домашни компании, со цел отварање на нови можности, градење на нови мостови, создавање на нови работни места и нудење на подобри и попристојни услови за работа со попристојни плати, вели Бочварски.

Извршниот директор на чешката асоцијација за текстил и облека АТОК, Јиржи Чесал, вели дека овој сектор во неговата земја е во стагнација. Таму фирмите сакаат да се развиваат, но имаат потреба од квалификувана работна сила. Овој проблем доаѓа поради тоа што во оваа земја процентот на невработените е само 2,6.

-Ова е проблем со којшто Република Чешка се обиде да го реши со примање на работници од Украина, но не се покажа како добро решение. Ние сметаме дека е подобра меѓународната соработка, во смисла на тоа дека производството би се споделило, а не да се примаат работници од други земји. Тука го гледаме македонскиот пазар, како природен пазар, каде што би сакале да соработуваме, вели Чесал.

Очекува соработката меѓу чешките и македонските компании, кои ќе ја воспостават по овој бизнис форум да не биде само на една година, туку да биде долгорочен. Во оваа земја просечната плата во текстилната индустрија е 1.000 евра, додека во секторот за облека е над 700 евра. Во Република Чешка има над 600 компании од текстилниот сектор, кои вработуваат над 20 лица, а се ориентирани кон техничкиот текстил.

Извршниот директор на Текстилниот Кластер во Република Македонија, Наташа Сивевска, смета дека отворањето на нови пазари за македонските компании е голем предизвик.

-Очекувам да организираме добри средби во две насоки и тоа во насока на соработка со чешки брендови, каде што облеката би се произведувала во Македонија и втора насока во делот на набавка на технички материјали, за коешто тие имаат производство, вели Сивевска. /МИА

Подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025

Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за почеток на подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025. 

Министерство за информатичко општество и администрација како национална контакт точка и ресурсен центар за управување со квалитет, е институција која ги координира процесите и активностите во оваа област на национално ниво.

Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), со воспоставување одржлив процес на управување со квалитет во јавниот сектор, земјава се приклучува кон европските трендови за воспоставување на квалитет во работата на јавната администрација и модернизација на јавните услуги.

-Воведувањето и постигнувањето норми на извонредност ќе обезбеди поуспешно спроведување на сите тековни реформски иницијативи, особено во процесот на европска интеграција, за што е потребен добро развиен капацитет, модерно и ефикасно управување и навремено остварување на поставените цели, стои во соопштението.

МИОА со IN-COUNTRY SUPPORT механизмот на Регионалниот центар за управување со квалитет од Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), во вториот квартал на 2022 година почна со подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет 2023-2025 година, кој е предвидено да биде и дел од новата Стратегија за реформа на јавна администрација 2023-2030.

– Експертите ангажирани за изработка на овој документ, заедно со тимот за управување со квалитет на Министерството, организираа неколку консултативни средби на кои се договараше опфатот и структурата на Националниот план, а работната група составена од претставници на релевантни засегнати страни организираше и работен состанок на кој се излистаа потребите на институциите поврзани со управување со квалитет. Новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025 според планираното ќе биде готов во ноември 2022 и ќе биде доставен до Владата на усвојување, се вели во соопштението.

Успешната реализација на активностите од Национален план за управување со квалитет 2018-2020 кој беше дел од Стратегијата за реформа на јавна администрација 2018-2022, како што се наведува, покажа дека постоењето на еден ваков документ е од голема важност за постигнување на поставените цели за ефикасно работење на институциите и обезбедување квалитетни услуги за граѓаните.

Тасевска: Да го разгледаме предлогот за референдум на Левица и ќе го кажеме ставот

Ставот за предлогот за референдум на Левица, владејачката СДСМ ќе го каже откако тој ќе биде доставен до пратениците за да може да го разгледаат.

-Јас сепак би оставила изјавата односно предлогот за референдум на Левица да стигне до Собранието и официјално да дојде пред нас пратениците, да го разгледаме нивното прашање за референдумот и дури тогаш да го дадеме нашето мислење, изјави денеска на прес-конференција пратеничката Лидија Тасевска.

Според неа, останува неспорен фактор дека Левица заедно со ВМРО-ДПМНЕ се најголемите кочничари на евроинтегративните процеси на државата.

-Овој предлог за референдум и претходниот што беше на ВМРО-ДПМНЕ тоа недвосмислено го покажуваат, рече Тасевска.

Нуредини: Ако ги обезбедиме потребните услови сигурен сум дека граѓаните ќе селектираат отпад

„Доколку државата и локалните власти ги обезбедат потребните услови, сигурен е дека граѓаните ќе ја остварат својата обвска и ќе го селектираат отпадот.“

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини присуствуваше на Балканската работилница за проширена одговорност на производителите за управување со отпад од пакување, што во организација на “EXPRA" – меѓународна асоцијацијата на колективни постапувачи за отпад од пакување и ПАКОМАК, како нејзина членка, се одржува денес и утре во Скопје.

Работилницата е посветена на размена на искуствата во поставувањето, развивањето и функционирањето на шемата за преработка и рециклирање на отпадот од пакување со која се ослободуват индустриските компании и трговските претпријатија од нивната индивидуална обврска да ги вратат искористените продажни пакувања. Со оваа шема се цели кон управување со отпадот од пакување на економски најефикасен и еколошки најздрав начин.

Потсетувајќи дека минатата година, во рамки на реформите на правната регулатива, е донесен пакет од 6 нови закони што се ориентирани кон принципите на циркуларна економија, превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа министерот Нуредини истакна дека новодонесениот Закон за проширена одговорност на производителот дава силни аргументи за воспоставување на ваква шема за одговорност на производителите и е важна алатка за изградба на функционални системи за управување со отпад.

„Ние се обврзавме да инвестираме голем дел од средствата собрани од производителите во инфраструктура за селекција на отпадот со што ќе им помагаме на граѓаните кога станува збор за примарна селекција. Граѓаните и општините ќе ги информираме за ефектите од примарната селекција на отпадот дека колку повеќе селектираме отпад, толку помала количина на отпад завршува во депонија. Во новиот закон е вклучена и нова цена за пластични кеси, односно 15 денари за една кеса. Овие пари одат исклучително во фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање и истиот е транспарентно објавен и достапен за сите граѓани, рече министерот Нуредини, додавајќи дека до крајот на јуни оваа година во фондот се собрани над еден милион евра, со очекување дека истите ќе бидат дуплирани до крајот на годината.

Средствата од собрани од продажбата на пластични кеси во земјата ќе бидат наменети во поставување на нова инфраструктура за селекција на отпадот ширум државата.

„Тоа значи поставување на нови 5000 контејнери за селектирање, а остатокот од средствата ќе биде наменет за едукативни кампањи за кревање на јавната свест за примарна селекција на отпадот и рециклирање на истиот”, дополни тој.

На прашањето на новинарите дали смета дека граѓаните ќе го селектираат отпадот во своите домови, министерот Нуредини одговори дека доколку државата и локалните власти ги обезбедат потребните услови, сигурен е дека граѓаните ќе ја остварат својата обвска и ќе го селектираат отпадот.

притисни ентер