Пожар во комуналното претпријатие во Кочани, оштетени четири возила

Во пожар што избувна вечерва во стопанскиот двор на комуналното претпријатие „Водовод" во Кочани оштетени се четири возила за собирање отпад и за други намени.

Огнот бил забележан од дежурните работници во претпријатието по што веднаш била повикани екипи на Територијалната противпожарна единица кои успеале за краток период да го локализираат и да го стават под контрола. Сепак, според првичните согледувања направена е сериозна материјална штета, а едно возило е скоро целосно изгорено.

Увид на местот на настанот прави екипа од МВР и судија на претходна постапка за да се утврдат причините за пожарот. /МИА

Заев од Росоман: Уште повеќе ќе ги поддржуваме домашните компании, обезбедуваме 600 милиони евра поддршка за домашната економија до 2024 година

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев денеска во Росоман оствари средби со претставници на бизнис секторот и со вработените во повеќе фирми, се наведува во партиското соопштение.

На средбите се зборуваше за успешното справување со последиците од економската криза предизвикана од пандемијата како и за новата понуда во следниот четиригодишен мандат со којашто заедно ќе градиме нова развојна економија.

Во разговорите со претставниците на бизнис секторот од Росоман тој укажа на тоа дека СДСМ успешно се справува со негативните ефекти предизвикани од корона кризата, преку трите сета на мерки за помош на македонската економија пуштени се во оптег 1.1 милијарда евра, односно 10% од вредноста на БДП. Првите резултати се видливи, економијата закрепнува побрзо од очекуваното.

Конкретно во Росоман поддршката за исплата на плати и придонеси добиле 18 компании кои вработуваат 83 граѓани. Бескаматни кредити добила 1 компанија со 15 вработени, а 533 граѓани добиле платежни картички.

„Посветени сме на максимална поддршка на бизнис секторот, бидејќи ни е важно да се зачува секое работно место и да се создадат услови за отворање на нови. Изминативе 3 години имавме рекордна поддршка на домашните компании која изнесуваше 100 милиони евра. И во следниот мандат продолжуваме уште повеќе и уште подобро да ги поддржуваме компаниите со поддршка 600 милиони евра обезбедена од буџетот и европските фондови" порача претседателот Заев на средбите со бизнис секторот.

Претседателот Заев заклучи дека е важно државата да продолжи на правиот пат кој овозможува развој на нова македонска економија за раст на компаниите и приватниот сектор и затоа е важно граѓаните да излезат на изборите кои ќе бидат безбедни по здравјето и да ја дадат својата поддршка и глас за СДСМ и коалицијата „Можеме".

Стаменковска Стојковски: Партизацијата и административниот хаос завршуваат на 15-ти јули, а со тоа и сите притисоци на вработените во јавниот сектор

Во една функционална демократска земја во која владее правото градоначалничката на Старо Нагоричане ќе требаше да плати глоба до 34 илјади евра поради непочитување на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавен сектор.

За жал, Македонија, управувана од СДСМ, е земја во која владее селективна правда, а сите нејзини функционери уживаат партиски имунитет со кој се недостижни за законите и невидливи за институциите на државата.

Согласно Законот за административни службеници, секоја институција од јавниот сектор е должна да изготви и до Министерството за информатичко општество и администрација да достави: Годишен план за вработување, Извештај за реализација на годишниот план за вработување, Годишен план за обуки на административните службеници, Извештај за реализација на годишниот план за обуки, Извештај со ранг-листа на годишни оценки за сите административни службеници, Извештај за изречени мерки. Најголем дел од овие наведени обврски градоначалничката на општина Старо Нагоричане ги нема испочитувано.

Законот за административни службеници е донесен со цел создавање на департизирана, стручна и компетентна јавна администрација, а неговото непочитување значи дека се случува се што е спротивно на тоа. За неисполнување на сите овие обврски, за раководното лице на институцијата, се предвидени прекршочни казни со вкупна вредност дури до 34 илјади евра.

Но, во Република Македонија, управувана од страна на СДСМ, нема кој ова да го констатира и санкционира. На директорката на Државниот управен инспекторат Фаница Николоска, институција надлежна за вршење надзор над примена на Законот за административни службеници, поважно и е да ги заштити нејзините сопартијци, отколку да си ја врши законската обврска. За непостапувањето и несанкционирање на функционерите од СДСМ, како награда од Зоран Заев, директорката на Државниот управен инспекторат си доби место на листата за пратеници. Фаница Николоска повеќе истрча за СДСМ овие неколку денови во изборната кампања, отколку што законски сработи за три години колку што е директорка на Државниот управен инспекторат.

Правдата е бавна, но од неа нема бегање! Партизацијата и административниот хаос завршуваат на 15-ти јули, а со тоа и сите притисоци и секоја деградација на вработените во јавниот сектор. Доаѓа обнова на институциите која ќе донесе промени, законитост, принципи, почит и повеќе за секого!, рече дополнителната заменик министерка за информатичко општество и адмнистрација Невенка Стаменковска Стојковски.

Момче загина во напад на голема бела ајкула покрај брегот на Австралија

20-годишен нуркач загина при напад од  голема бела ајкула во близина на островот Фрејзер во државата Квинсленд во Австралија, објави АП.

Нападот се случил денеска околу 14 часот по локално време.

Иако брзата помош пристигнала со хеликоптер, повредениот млад човек, кој имал тешка траума на нозете, не бил спасен и починал на лице место.

Фаталниот напад на големата бела ајкула се случил на скоро истото место каде во април беше убиен ренџерот Закари Роб, исто така во напад на голема бела ајкула.

Само годинава, најмалку четири лица во австралиските води ги загубиле животите во нападите на овие океански предатори.

притисни ентер