Костадинов: За 2 години сме општина со најмногу реализани проекти, Валандово е на прав пат

Изминаа две години од добиената доверба да станам градоначалник на општина Валандово, рече на прес конференција, Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово, соопштија од СДСМ.

Две години, од стекнатата одговорност и доверените обврски за решавање на општинските проблеми и трасирање на патот кон општинскиот развој.

Затекнавме општина со многу проблеми. Поставивме цели, одредивме приоритети и започнавме да реализираме претходно дадени ветувања.

Нашата прва цел, беше стопирање на изградбата на рудникот за бакар во Казандол. Тоа и го исполнивме. Го препознавме потенцијалот на земјоделието и започнавме да вложуваме во него. Во Валандово, се гради систем за наводнување, Јужен Вардар – 2 фаза, во вредност од 24 милиони евра, по која следува реализацијата и на третата фаза. Се отвараат нови објекти за откуп на земјоделскиот производ. Редовно се тампонираат полски патишта, и суштински се подобруваат условите во земјоделието.

Во патната и комунална инфраструктура низ општината, се вложува непрестано. По цели три децении реконструиран е булеварот „Првомајска" и поставено е ново ЛЕД осветлување. Асфалтирани се четиринаесет улици по населените места. Изграден е нов паркинг простор и поставена е хоризонтална и вертикална патна сигнализација. Во тек е реализација на неколку капитални проекти, изградба на улица „Вардарска" во Удово, изградба на улица која ќе го поврзе населеното место Горна Мала со регионалниот пат и изградба на фекална канализација во Брајковци и Балинци. Исто така, изградена е основната инфраструктура во индустриската зона во Јосифово и решено е сообраќајното поврзување на индустриската зона – „Раброво". А, се работи и на изготвување на техничка документација за изградба на нови улици, канализациони системи и водоводни мрежи.

Го решивме тоа, што сите претходни го ветуваа. Најгорливиот проблем за валандовчани. Изградени се, нови градски гробишта.

За подобрување на комуналните услуги во општината, набавена е нова машина ровокопач-натоварувач, инсталирани се неколку нови пумпи за водоснабдување, а за поголема хигиена набавени се 400 нови корпи за отпадоци, поставени се нови контејнери, како и садови за селектирање на отпад.

Во областа на образованието, ги менуваме работите темелно. Изградивме комплетно ново училиште во Казандол, нова училишна спортска сала во Јосифово, како и повеќенаменско игралиште во Калково. Редовно се обновуваат и подобруваат останатите училишта низ општината и за секое првооделенче, обезбедена е училишна униформа.

На полето на детската заштита. Изградена е нова детска градинка со капацитет за 50 деца, во Брајковци, која ќе ги згрижи децата од целиот Бојмиски реон. Целосно се реконструира централната детска градинка во Валандово, во енергетско ефикасен објект. Во наредниот период ќе започне и изградбата на нова детска градинка во Јосифово.

Од општина без ниту една уредена туристичка локација денес, општина Валандово забрзано се впишува во туристичката мапа на државата. Партерно ги уредивме Кочулски водопади и работиме на туристичкото уредување на патеката од Валандово до манастирот Св, Ѓорѓи. Создадовме и многу нови урбани и зелени зони низ општината и со пешачка патека ги поврзавме населените места Брајковци и Балинци. Исто така, во тек е изградба на парк и плоштад во населеното место Удово.

Во изминатите две години, Валандовчани се сведоци на голем број културни настани. Се организираат театарски претстави, музички изведби, кино проекции, фолклорни настапи, а најстариот фестивал во државата „Фолк Фест Валандово", повторно се одржува во месец мај.

Проблеми за решавање остануваат уште многу. Наша задача е да ги решаваме и од неа не бегаме. Одлучни сме, да ги оствариме нашите цели и заеднички да изградиме урбана и развојна општина. Решени сме, да овозможиме достоинствени услови за живот за секој граѓанин овде и да создадеме еднакви услови за секого. Валандово, може да биде место каде вреди да се живее.

Ќе го докажеме тоа, рече Костадинов.

Алонсо со критики кон тимот и покрај крајниот успех против Вест Хем

Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, изрази незадоволство по реваншот од четвртфиналето на Лигата на Европа помеѓу Германците и екипата на Вест Хем.

Натпреварот заврши нерешено 1:1, што значи дека „аспирините“ одат напред кон фајналфор.

-Се подготвувавме за опција во која Вест Хем ќе не притисне многу силно. Не ни беше многу удобно да играме во нашата формација. Да бидам искрен, во првото полувреме противниците беа подобри и се чувствувавме надвор од место. Многу е важно што не примивме втор гол бидејќи тие дефинитивно одиграа подобро од нас. За среќа, по паузата ги свртевме работите. И мило ми е што продолживме понатаму. Секогаш има тешки моменти во Лига Европа, изјави Алонсо.

Во полуфиналето, фудбалерите на Баер ќе се соочат со Рома во повторување на минатогодишната битка во оваа фаза од турнирот. Тогаш „Римјаните“ излегоа како победници. Натпреварите сега се на 2 и 9 мај - првиот се игра во Рим, а реваншот во Леверкузен. /МИА

Де Роси за дуелот со Алонсо во ЛЕ: Го почитувам уште од кога беше играч

Тренерот на Рома, Даниеле де Роси, ја прокоментира големата победа на тимот со 2:1 против екипата на Милан, со која и официјално „римските волци“ се пласираа во полуфиналето на Лига Европа.

Менаџерот, кој неодамна го презеде првиот тим, продолжува да прави чуда, а синоќа ги пофали своите играчи за нивниот напредок.

-За да го победиме овој Милан ни требаа вештини. Кога останавме со 10 фудбалери, моравме да играме со интензитет, но со интелигенција и тактичко знаење. Само трчање не е доволно. Многу сум горд што тренирам таков тим. Не беше лесно бидејќи Милан е многу силен тим кој игра добар фудбал. Завчера видовме дека дури ни Реал Мадрид не беше активен и се бранеше, ние истото го направивме, кога беше вистинскиот момент за тоа, изјави Де Роси.

Римјаните во полуфиналната фаза ќе играат против екипата на Баер Леверкузен во реприза на пресметката од истата фаза на турнирот од минатата кампања, кога „волците“ стигнаа до успехот.

-Можеби сакаат да се одмаздат за минатата година кога ги победивме. Ќе видиме што ќе се случи, но очигледно не не сметаат за фаворити. Можеби некој го чекаше Милан во полуфиналето од Лига Европа. Имам голема почит кон Чаби Алонсо уште од кога беше играч, додаде Де Роси.

Првиот натпревар е на 2 мај (четврток), а реваншот е точно една недела подоцна на 9 мај (четврток). /МИА

Средба на претставници на БиХ со Гутереш

Претседавачот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ и членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ разговараа со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во седиштето на ОН во Њујорк, јавува босански Аваз.

Во седиштето на оваа меѓународна организација, Беќировиќ и Комшиќ му се заблагодарија на генералниот секретар на ОН за досегашната поддршка за активностите и мерките во борбата против негирањето на геноцидот, говорот на омраза и глорификацијата на воените злосторства во Босна и Херцеговина.

Тие му укажаа на Гутереш важни факти поврзани со Предлогот за резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН, наведува весникот.

На средбата беше нагласено дека конечните пресуди на највисоките судови на ОН (Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​потврдија дека е извршен геноцид врз Бошњаците во безбедносната зона на ОН во Сребреница. Беше истакната важноста на Генералното собрание на ОН да усвои резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

Тие нагласија дека ОН со усвојувањето на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, ќе укаже на важноста од промовирање на вистината за извршениот геноцид.

Гутереш истакна дека секоја форма на негирање на геноцидот е апсолутно неприфатлива и ја изрази својата целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Во разговорот со Гутереш, Беќировиќ и Комшиќ истакнаа дека главната цел на резолуцијата е да се изгради мир, безбедност и доверба во Босна и Херцеговина и во регионот. Исто така беше истакнато дека усвојувањето на резолуцијата е важно за зачувување на кредибилитетот на ОН и укажување на важноста од почитување на пресудите на судовите на ОН, извлекување поуки од неуспехот на ОН во спречувањето на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и укажување на глобалното значење на превенцијата на геноцидот.

Тие потсетија и на зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, меѓу другото, рече дека изградбата на иднина на мир бара соочување со минатото.

Во зградата на Обединетите нации завчера се одржа презентација на нацрт-резолуцијата за геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година. Текстот на резолуцијата го презентираа Германија, Руанда и Босна и Херцеговина, а присуствуваа и ко-спонзорите, кои се 17 на број.

Против резолуцијата зборуваа Русија, Србија, Венецуела, Кина, Северна Кореја и Никарагва

Инаку, Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласа за предлог резолуцијата за геноцидот за Сребреница на 2 мај. Пред неколку дена и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи најави дека Македонија ќе биде ко-спонзор на резолуцијата и ја повика Србија да ја поддржи. И Италија и Франција најавија дека ќе ја коспонзорираат нацрт резолуцијата. Според Османи, резолуцијата досега ја поддржале повеќе од 17 земји, меѓу кои Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија.

Засега, јавна поддршка за резолуцијата искажаа и Руанда, Германија, Нов Зеланд, Чиле, Франција, Лихтенштајн, Словенија, Соединетите Американски Држави и Италија.

За да се усвои резолуцијата потребна е двотретинска поддршка, т.е. дека за неа гласаат повеќе од 130 членки на ОН. Причината поради која беше одлучено да се предложи резолуцијата до Генералното собрание, а не до Советот за безбедност на ОН, е тоа што би било речиси невозможно СБ да ја усвои таа резолуција.

Klix.ba потсетува дека Велика Британија како една од петте постојани членки на Советот за безбедност во 2015 година предложи резолуција за геноцидот во Сребреница, но Русија како постојана членка, стави вето.

Од друга страна, нема механизам за вето во Генералното собрание, што значи дека одлуката на две третини од државите претставува конечна одлука. Имено, станува збор за принципот „една земја-членка, еден глас“, т.е. гласот на секоја држава е еднаков. Тоа значи дека Босна и Херцеговина ќе треба да вложи големи дипломатски напори за да обезбеди поддршка од повеќе од 130 земји. /МИА

притисни ентер