Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија

Во конкуренција од 120 учесници од 31 држава, на најголемиот саем за образование во италијанскиот град Фиренца, кавадарчанецот Димитрија Ангелков е првонаграден за иновативниот екометод, преку паметни канти до развој на етички вештини. 

Тој е доктор на науки од електротехничка струка, а работи како професор во средното електромашинско училиште. За МИА откри дека се раководи од мислата дека работиме за пари, ама живееме за признание.

– „Дидакта" е саем на кој се презентираат практични решенија што го унапредуваат образовниот систем. Трудот со кој јас настапив е заштитата на животната средина преку подигање на свеста од најмали години, за стекнување навики за правилна селекција на отпадот. Паметните канти се покажаа како ефикасен метод за мотивација на луѓето од најмали до највозрасни, да учествуваат во селекцијата на отпадот кој го произведуваат самите, но и на отпадот од останатите, појасни професорот.

Тој додаде дека овој метод овозможува отпадот што е расфрлан насекаде да ги мотивира корисниците да го собираат и да го поставуваат во овие паметни канти и да добиваат поени, па преку поените и награди.

– Исто така иновацијата е и во тоа, ако не се користат редовно поените, автоматски се намалуваат и со тоа имате плус мотивација да ги користите постојано и да имате мал склад дома, за кога ќе можете да ги фрлите во кантите и да добиете поени. Системот е одржлив, нема маани, сигурен и достапен за сите. Со овие машини заедницата добива повеќекратно и ситуацијата е вин-вин за сите, нагласи Ангелков.

Патентот „паметни канти" изработени од кавадаречка фирма, во која управител е проф. д-р Димитрија Ангелков, претходно освои златен медал на саемот за иновации „Иновамак 2019".

Паметните канти, како што изјави за МИА Ангелков, веќе од оваа година се произведуваат и се дистрибуираат по училишта и градинки.

– Проектот е едукативен, забавен, еколошки и со најниска цена на чинење во светот, само 200 евра по канта. Иновацијата се состои во тоа што го решава проблемот со враќањето на пластичните, стаклените и металните шишиња за рециклирање. Во нашата земја речиси секое петто шише се враќа за рециклирање, додека останатите четири завршуваат во реките, езерата, почвата и морињата, рече тој.

Решението е одржливо, нагласи тој, затоа што со собирање на овој отпад, дел од средствата се враќаат како награда за тој што ја користи паметната канта.

– Ова решение е идеално за нашата земја затоа што инвестицијата се враќа за помалку од пет месеци, по овој период имате постојана добивка од собраниот отпад. На паметната канта има дисплеј на кој се генерира код што го внесувате на веб-страницата www.pametnikanti.mk заедно со вашиот мобилен број и така добивате поен. Кога ќе соберете доволно поени добивате СМС и награда од дел од парите што се добиле од продажбата на шишињата. Системот е одржлив и преку награди ги мотивира луѓето да ги користат овие канти. Исто така имаме и веб-страница што се користи за светска промоција http://www.interactive-bin.mk, каде што може да се види како функционира целиот систем, појасни професорот.

Трите модели на паметни канти примаат само отпад предвиден за тоа.

– Пример, доколку во кантата што прима само стаклени шишиња пробате да фрлите пластично шише, ќе ви даде коментар дека не прима таков отпад и да го фрлите во другата што е предвидена за тоа. Целиот систем функционира самостојно, затоа што соларниот панел генерира доволно енергија да работи целиот механизам и електроника, додаде Ангелков.

– Дизајнот постојано се менува во зависност од позицијата каде се поставува. Доколку е во градинка е со ликови од суперјунаците, доколку е во банка или институции, тогаш е со дизајн соодветен за тоа. Доколку се практикува ова решение насекаде, нашата земја ќе стане почиста, поубава и понапредна. Решенија има, треба да се практикуваат, нашата земја изобилува со иноватори кои прават сè да постанеме развиена земја што овозможува иднина за идните поколенија. Иднината е сега, порача професорот, кој е управител на фирмата „Интерактивна иднина".

Тој верува дека ова решение ќе го зголеми процентот на вратени шишиња. Во Германија тој процент бил 60 отсто.

Ангелков, кој има и други иновации и награди, сподели со нас и уште неколку интересни информации. Кантите работат независно без дополнителна енергија и се екстремно безбедни, невозможно е некој физички да се повреди од нив. Кантите имаат вграден филтер за воздух и на нив можат да се полнат мобилни телефони. Доколку се спојат две канти со три штици се добива и клупа за седење.

Тој ни кажа дека e автор и единствен производител на паметни училишни табли на Балканот. Редовно учествува на саеми и натпревари и добива награди./МИА.

Пјонгјанг извршил симулација на нуклеарен контранапад

Северна Кореја денеска соопшти дека извела симулација на нуклеарен контранапад „во која учествувалe супер-големи ракетни артилериски лансери“.

Државната новинска агенција КЦНА јави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го надгледувал вчерашното лансирање, првата демонстрација на новиот систем за управување и контрола на нуклеарното оружје на Пјонгјанг наречен „Haekbangashoe“ или „нуклеарен активирач“.

Според Генералштабот на Јужна Кореја, Северна Кореја во понеделникот истрелала неколку сомнителни балистички ракети кон отворено море.

На Северна Кореја и е забрането со резолуции на ОН да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од кој било дострел.

Наводните ракети со краток дострел по лансирањето полетале околу 300 километри на исток од областа околу главниот град Пјонгјанг и паднале во морето.

Во зависност од дизајнот, балистичките ракети можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава. И покрај меѓународните санкции, Северна Кореја продолжува да тестира ракети со нуклеарни способности и други системи за оружје. Пјонгјанг во петокот соопшти дека неодамна тестирал боева глава за стратешка крстосувачка ракета и противвоздушни проектили. /МИА

Израел го критикуваше конечниот извештај за обвинувањата против УНРВА

 Израел го критикуваше извештајот за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа, пренесе ДПА.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во однос на наводите дека вработени во ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Извештајот „ја игнорира сериозноста на проблемот“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Орен Марморштајн на X.

- Проблемот со УНРВА-Газа не е во неколку лоши јаболка; тоа е гнило и отровно дрво чии корени се Хамас, напиша тој.

- Хамас толку длабоко се инфилтрира во УНРВА што веќе не е можно да се одреди каде завршува УНРВА, а каде почнува Хамас, напиша Марморштајн.

- Вака не изгледа вистински и темелен преглед. Вака изгледа обид да се избегне проблемот и да не се решава директно, нагласи тој и додаде дека „УНРВА беше дел од проблемот, а не дел од решението“.

- Постојат и други решенија. УНРВА не може да биде дел од решението во Газа ниту сега, ниту во иднина, изјави портпаролот на израелското МНР. /МИА

Пет тела пронајдени во куќа во Оклахома, полицијата се сомнева дека станува збор за убиство

Телата на пет лица, меѓу кои две деца, се пронајдени во куќа во Оклахома Сити, соопшти денеска американската полиција. 

Поручникот Гери Најт од полицијата на државата Оклахома изјави дека загинатите се членови на едно семејство и дека починале од насилна смрт, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Најт додаде дека полицијата сè уште не може да открие што точно откриле инспекторите.

-Полицијата беше испратена во дом на околу 20 милји западно од центарот на Оклахома Сити под сомнение дека содржи тела, рече Најт.

Според него, на сите тела имало повреди кои изгледаат како да се работи за убиство. /МИА

притисни ентер