Тој во Министерството за надворешни работи попладнево се сретна со шефот на дипломатијата Димитров. Посетата на високиот дипломат на Стејт департментот, ја следи Александар Видиновски.
Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната поддршка на САД за Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача денеска специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Тој, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, изрази задоволство што е повторно во Скопје и како што рече, има можност да се види со пријатели и да разговара за последните случувања во регионот и Европа.
-Доаѓам веднаш по ратификацијата на протоколот за НАТО членство од американскиот Сенат. Ова е најповолно време да се биде тука, исто така, по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната американска поддршка за Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача Палмер.
Ова е прва станица, рече Палмер, по што следува посета на Белград, Приштина и Атина.
За евроатлатнските перспективи на земјава, нејзиното извесно членство во НАТО, но и за интегрирањето во ЕУ, како и за регионално прашања разговарале Димитров и Палмер.
-Зборувавме за извесното членство во НАТО и за тоа колку е важно да се отвори европското поглавје, за македонските интереси и за интересите на Вашингтон. Еднаш паднавме во замката на жртвата и разочарувањето во 2008 година и мислам дека нема тоа далеку да не одведе доколку пад паднеме. Треба да бидеме упорни и да го тргнеме и последното оправдување, тоа е законот за јавното обвинителство. Да излеземе уште поподготвени и поупорни, рече Димитров и додаде дека е потребно да се најде начин како заеднички да се остварат и нашите интереси и оние на земјите-членки.
Додаде дека имаме заеднички интерес – тоа е региоот. – Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви, рече Димитров.
Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска има средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот Стево Пендаровски.