Со стратегија за создавање едно училиште за сите ученици , Град Скопје ја поттикнува меѓуетничката интеграција

На следната седница на Советот на Град Скопје, советниците ќе ја разгледуваат Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието, се наведува во соопштението од градот.

Град Скопје развива систем на организација на заеднички активности со МИО, а дел од реформите коишто се спроведуваат во образованието не опфаќаат само подобрување на академските знаења, туку и учење коешто помага учениците да се подготват да живеат во мултикултурно општество.

Раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, посочи дека токму активностите кои се во насока на промоција на меѓуетничка интеграција во образованието обезбедуваат можности за непосредна интеракција на учениците со различен културен идентитет. И токму овој вид на активности овозможуваат младите да учат едни за други и едни од други, а не да живеат едни покрај други.

Стратегијата има за цел создавање „едно“ училиште за сите ученици, независно од нивната етничка припадност, како и поттикнување и развивање на граѓанската партиципативност на учениците од средните училишта на Град Скопје.

Град Скопје ќе поддржува заеднички наставни активности (заеднички часови) со ученици од различни наставни јазици според планиран обем и разновидност што ќе произлезе од донесените годишни програми на средните училишта, а ќе се однесуваат на МИО во делот на одржување на заедничка настава.

Средношколците преку организираните меѓуучилишни средби на повеќејазичните и еднојазичните училишта ќе споделуваат искуства и ќе стекнуваат нови познанства. Кога учениците учествуваат во заеднички активности, тие имаат можност за непосредна комуникација и меѓусебен контакт, меѓусебно запознавање и формирање интерперсонални релации, учење едни за други, едни од други и за намалување на негативните стереотипи и предрасуди за другите.

- Посебен акцент се дава на организирањето на заеднички часови, заеднички секции, екскурзии и приредби. Град Скопје ќе поддржи консултативни и организациски средби со ментори/експерти за планирање на наставата, активности за МИО и слично.

Исто така ќе поддржиме активности за обезбедување посебна поддршка на учениците коишто изучуваат различен јазик од мајчиниот преку организирани посети на курсеви за јазик, користење интерактивни техники – компјутерски курсеви, ликовни изложби, разни заеднички настани и меѓусебно дружење во текот на наставата и надвор од редовната настава – рече Адамова.

Преку запознавањето со различностите учениците всушност ќе се зближат и ќе живеат заедно. Сево ова ќе резултира со унапредување на меѓусебните односи и развивање на соработка и заедништво. Овие активности придонесуваат и за интензивирање на неформалната комуникација меѓу учениците надвор од училиштето, што би била повисока цел на Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанската вклученост.

Секако треба да нагласиме дека во Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование, меѓуетничката интеграција е една од приоритетните цели. Град Скопје во соработка со училиштата е посветен на креирање своја политика за промовирање на меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост на младите, планира активности според карактеристиките на самите училишта. Во рамките на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието ќе се промовира интеракцијата и социјализацијата меѓу учениците од различните заедници/наставни јазици и во еднојазичните и во повеќејазичните училишта.

Во активностите за граѓанска вклученост на младите, тие ќе бидат насочувани и поддржувани да идентификуваат конкретни проблеми во училиштето и заедницата. Потоа, врз основа на нивните заеднички одлуки, младите ќе преземаат иницијативи за акции со цел да се придонесе кон решавање на постојните проблеми и недостатоци на ниво на училиште и заедница.

Гласаат членовите на ИО кои заминуваат во странство за претседателските избори во дијаспората

Гласањето за претседателските избори почнува со членовите на 31 избирачки одбор кои треба да го спроведат гласањето во странство.

Тие денеска пред заминување во странство гласаат во просториите на државната изборна комисија станува збор за 191 лице.

Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии во вторник, на 23 април, на ден пред седмите претседателски избори во земјата, од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во триесеттина градови во странство.

Гласање за парламентарните избори на 8 мај нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

ДИК продолжува со организацијата на двојните избори. Се дистрибуира недоверливиот материјал, додека утре ќе започне дистрибуцијата на доверливиот материјал

Инаку, вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на претседателските избори на 24 април.

Проекција на „Големата вода и „Црвените булки над ѕидовите“ во Кинотека

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Во рамки на концептот на Кинотеката насловен „Разлики кои не обединуваат“, на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков „Големата вода“ снимен во 2004 година, а следниот ден, 26 април, „Црвените булки над ѕидовите“ од 1976 година во режија на Димитер Анагности.

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Како што соопштија од Кинотеката, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап.

-Но, исто така, битно е да се истакне и дека „Црвените булки на ѕидовите“ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а „Големата вода“ оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот „400 удари“ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција, потенцираат од Кинотека. /МИА

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

притисни ентер