Заев за „Политика": Сонот за членство во ЕУ не е срушен

Сонот за членство во ЕУ не е срушен. Другата опција се национализмот, радикализмот, неизвесноста и враќање назад во проблематичното и мрачно време во кое никој не сака да се врати.

Сонот за членство во ЕУ не е срушен. Другата опција се национализмот, радикализмот, неизвесноста и враќање назад во проблематичното и мрачно време во кое никој не сака да се врати, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за саботното издание на белградскиот дневен весник „Политика".

– Северна Македонија е на добар пат да стане 30-та полноправна членка на НАТО. Од друга страна, одлуката за одредување датум за преговори со ЕУ беше одложена. Иако 27-те земји-членки на ЕУ јасно и гласно го поддржаа почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ, една земја инсистира најпрво на внатрешни реформи во ЕУ. Ја поддржуваме иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, но убедени сме дека Северна Македонија не би направила никаква штета ако и се даде шанса да започне преговори, туку напротив – тоа би било добра мотивација да се продолжи со внатрешни реформи, а во исто време со почитување на европските вредности, да придонесеме во реформските процеси во рамките на самата ЕУ, оценува Заев.

Толкувајќи ја одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон, која го успорила патот на Северна Македонија во ЕУ, премиерот Заев вели дека Франција во минатото, а и сега има помогнато во демократските реформи.

– Во потегот на францускиот претседател, јас гледам намера да се спроведат реформите во ЕУ, како и за ефикасни преговарачки процеси на земјите што ги отворија преговорите со ЕУ. Она што е важно во моментот е да се разбере дека отварањето на преговори со земја-кандидат која целосно го заврши својот дел од работата, како што е Северна Македонија, може да биде од помош на тој процесот. Зошто? Затоа што покажавме дека преку искрени пријателства, со ефикасна дипломатија, политика на дијалог и консензус, со соседите и дома, ги браниме и создаваме европските вредности. Од друга страна, ако се отфрли принципот на заслуга, што може тоа да донесе? Дали напредокот ќе остане силна мотивација? Како тоа ќе влијае на другите отворени регионални прашања од кои директно зависи политичката и безбедносната состојба? Европската перспектива на Скопје и на балканските земји нема алтернатива, изјави Заев.

На прашањето на „Политика" зошто наместо оставка се распишани вонредни парламентарни избори, кога дури и Макрон има изјавено дека се испонети сите барани услови, премиерот Заев изјави дека смета да е коректно да го врати мандатот на народот, за да добие нова чиста подршка за патот во иднина.

– Поддршката што ја добиваме од ЕУ е недвосмислена за отворање преговори. Таа поддршка доаѓа од целото раководство на Европската комисија, Европскиот парламент, од 27 земји-членки на ЕУ. Ни Франција не е против нас. Францускиот Сенат го усвои, во првата фаза, предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на РСМ во НАТО. Ова е силен ветер во грбот за да излезам пред граѓаните и да побарам од нив нов мандат, за мојата партија и јас да продолжиме да ја водиме земјата напред, кон НАТО, кон ЕУ, кон економски развиена, стабилна и безбедна држава, затоа што другата опција е национализам, радикализам, неизвесност, враќање назад во проблематичното и мрачно време, во кое никој не сака да се врати. Во сегашните околности, како чесен, совесен и одговорен политичар, решив дека е исправно да го вратам мандатот на народот и да ги замолам граѓаните за нова, чиста поддршка за да останеме и да продолжиме на патот што го одиме. Тоа е вистинскиот пат, тоа е патот кон НАТО, кон нови инвестиции и перспективи, со нови работни места и повисоки плати, патот кон едно општество за сите, кон мир, стабилност и безбедност – европскиот пат. Македонците отсекогаш покажале мудрост во специфични моменти и околности за земјата и јас сум убеден дека ќе го изберат патот на напредокот, нагласува Заев.

На забелешката дека во областа на владеењето на правото нема постигнато завидни резултати, дека го прогонувааат афери, од бегството на поранешниот премиер Груевски, до „Рекет" и недонесувањето на законот за јавното обвинителството, премерот Заев изјави дека нема намера да се меша во судството.

– Фактот дека е завршена за истрагата за случајот „Рекет" во рок од три месеци и поднесен е обвинителски акт, говори дека има напредок во функционирањето на правосудскиот систем. Зошто нема такви ефективни постапки за кривични и корупциски случаи поврзани со претходната владејачка гарнитура, може да одговорат правосудските власти. Она што јас можам да го направам е да испратам апел за ефикасност и тоа е она што го правам. Немаме намера да се мешаме во судството. Ако тоа го направиме, со што би се разликувале од претходниот режим? Го спомнавте бегството на претходниот премиер. За време на бегството, тој беше слободен човек, немаше судска одлука да се следи. Обвинителството не го пронајде виновникот кој помогна во неговото бегство, вели Заев.

Во врска со договорот за т.н мал Шенген, потпишан во Нови Сад со Србија и Албанија, тој оцени дека зајакнување на соработката во регионот придонесува за подобар живот на граѓаните на Северна Македонија.

– Добрососедските односи беа предуслов за напредок во европските интеграции, но тие, пред сè, се потреба за граѓаните и регионот. Договорите со Грција и Бугарија донесоа само придобивки: трговијата се зголеми, развиваме економија во регионот. Покрај тоа што денес се меѓу најгласните приврзаници на европските перспективи, тие се наши вистински пријатели. Ќе продолжиме да ги негуваме придобивките од договорот со Грција и Бугарија, пред сè и најважно, затоа што тие се добри за нашите граѓани и за нашите земји. Точно е дека на средбата во Нови Сад со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Еди Рама е донесена Декларацијата за слободно движење на капитал, производ, услуги и луѓе, со што се олеснува вработувањето, како и преминувањето на границите со лична карта. Ова е навистина вредно за нашите граѓани и затоа сме отворени за другите земји од регионот (БиХ, Црна Гора и Косово) за ваков вид соработка. Исто така, очекуваме ова да влијае и за повеќе странски инвеститори. Зајакнувањето на односите во регионот придонесува за подобар живот на граѓаните на нашата земја. Регионалната соработка е потреба и ние ќе ја развиваме во духот на нашата заедничка стратешка цел – европска интеграција. Европската интеграција нема алтернатива и нашето место е во ЕУ. Можеби сега сум умерен оптимист, но сепак сум оптимист. Сонот за членство во ЕУ не е срушен, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белградска „Политика"./МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

притисни ентер