Просветниот кадар за две недели стапува во генерален штрајк. Освен основните и средни училишта, кон штрајкот ќе се приклучат и високообразовните установи, доколку властите во најкус можен рок не изнајдат компромис со СОНК. Оттаму ја отфрлаат понудата на МОН за 10-настотно покачување на платите од април – бараат зголемување од јануари, но не за 10 проценти, туку повеќе.
Премиерот Зоран Заев апелира разговорите меѓу СОНК и Министерството да продолжат, но повика и синдикатите да се разумни во барањата.
На плеќите на властите ново синдикално барање. Денеска и Самостојниот синдикат за здравство побара покачување на 16% за сите здравствени работници веќе од јануари. Од Лекарската Комора засега немаат став за барањата на Синдикатот, а одговор не пристигна ниту од ресорното Министерство.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ, кој вели – доколку им се исполнат барањата ќе гласаат за СДСМ, Неделков нагласи дека тоа е храбра одлука, која е практика во повеќе земји.
Владата донесе одлука во септември за покачување на платите во јавниот сектор за 5 проценти, а на лекарите и просветарите им вети покачување и следната година.