Русија сака да ја спречи евроатлантска интеграција на земјите од Западен Балкан, обвини американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер, кој воедно додаде и дека сенаторите на САД се разочарани од одлуката на ЕУ - Македонија и Албанија се уште да не започнат преговори за членство, со што се губи и кредибилитетот на Брисел. Палмер оценката ја сподели во обраќањето во Подкомитетот за Европа на американскиот Сенат..
„Примарната цел на Русија е да го држи регионот поделен, слаб и зависен од политичката поддршка на Москва. Русија сака да го спречи договорот меѓу Србија и Косово, Босна и Херцеговина да стане функционална држава, да го спречи патот на Црна Гора и Северна Македонија кон НАТО.“
Македонија се очекува да стане полноправна членка на НАТО најрано во декмеври, а пореално на почетокот од следната година.. Дотогаш, домашните аналитичари, велат дека безбедносната ситуација во Македонија може да се дефинира како „неизвесна“.
Ваквиот став, поранешниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, го темели на дестабилизирачките процеси во балтичките земји и Црна Гора пред пристапувањето во Алијансата.
Аналитичарот Благоја Марковски апелира да не се дозволи да запрат евро-атлантските аспирации.
Марковски нагласи дека без оглед на „вториот Букурешт“, политичката структура што ќе дојде на власт, ќе треба да ги спрведува Договорите со Грција и Бугарија, бидејќи се, како што вели, значаен фактор и на безбедносен план.