По експедицијата на руската армија во август и септември годинава, островите, кои до сега биле скриени под глечерите, се исцртани на мапи, но сè уште не се именувани, потврди командантот на руската северна флота, вице-адмиралот Александар Мојсеев.
- Оваа состојба, се разбира, главно се должи на промените што се случуваат со мразот. Порано имало глечери, а по топењето, пропаѓањето и промените во температурата, откривме нови острови - објасни Мојсеев на прес-конференција во Москва, пренесува Гардијан.
Состојбата на глечерите на Арктикот од 2015 до 2019 година беше полоша отколку во кој било друг петгодишен период од моментот кога биле направени мерењата, открива загрижувачкиот извештај на ООН за ефектите од глобалното затоплување, објавен минатиот месец.
Студијата, составена од повеќе од 100 автори заснована на 7.000 научни документи, објаснува какви се ефектите од зголемувањето на нивото на океаните, брзото топење на ледените плочи на Гренланд и Антарктикот и намалувањето на глечерите, што ќе се одразат на 1,3 милијарди луѓе, секој што живее во многу ниски области или висорамнини.
Порастот на нивото на морињата може да се зголеми за метар, десет пати повеќе отколку во 20 век, ако емисијата на стакленички гасови продолжи да расте, велат експертите. Покрај тоа, до 2300 година порастот на морското ниво би можел да надмине пет метри.
Русија во последните неколку години отвори голем број воени и научни бази на Арктикот, а интересот на сите најголеми сили во регионот се засили по зголемувањето на температурите, по што се ставени на располагање големи резерви на нафта, гас и ретки минерали.
Адмиралот Мојсеев најави дека наскоро ќе се именува секој од островите.