На овој начин, земјава се вклучува во одбележување на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Во текот на четири седмици, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, семинари, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост. Целта на Деновите на медиумската писменост, меѓу другото е да ja подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи (деца, млади, возрасни и пензионери), да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост.
Како што информираше директорот Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Деновите на медиумска писменост, учествува со неколку настани. Отворени денови за посета на Агенцијата се 31 октомври и 1 ноември, кога сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност одблизу да се запознаат со нејзините надлежности, но и да научат нешто повеќе за медиумската писменост.
На Конференцијата на 14 и 15 ноември, ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето на нивото на медиумска писменост кај возрасните и кај бруцошите, реализирано со поддршка на ОБСЕ, ќе се одржи дебата на тема онлајн потрошувачка и работилница за медиумска писменост со подмладоци на политички партии. Меѓу планираните настани е и Саем на кој ќе биде претставена работата на членките на Мрежата.
На прес-конференцијата се обратија и претставниците на Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Конеду Глобал, Советот за етика во медиумите на Македонија, Евротинк, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, Младинскиот образовен форум, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Лице в Лице, Македонска радио телевизија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската граѓанска иницијатива Антико, кои се активно вклучени во реализацијата на Деновите на медиумска писменост.
За потребите на Деновите на медиумска писменост, со поддршка на Јавниот сервис, адаптиран е аудио и видео спот на македонски и албански јазик, кој во оригинална форма е изработен од Мрежата за медиумска писменост на Ирска и нивното регулаторно тело БАИ. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел граѓаните да се информираат за настаните за медиумска писменост.