Британски Оксфам: Десетте најбогати луѓе на светот можат да купат вакцини за сите

Вкупното богатство на десетте најбогати луѓе на светот се зголемило за 540 милијарди долари, и покрај пандемијата на коронавирус.

Со овие пари можат да се купат вакцини за секого, а исто така да се спречи сиромаштија предизвикана од пандемијата, пренесува Би-Би-Си.

Според извештајот на британската непрофитна организација Оксфам Интернешнл, капиталот на десетте најбогати луѓе на светот е еквивалентен на износот на сите влади на Г20, што е планиран за закрепнување на економијата.

Помеѓу 18 март и 31 декември минатата година, богатството на милијардерите се зголемило за 3,9 трилиони долари и сега изнесува 11,95 трилиони долари, колку што владите на Г20 потрошиле за пандемијата.

Меѓу десетте најбогати се светски познати имиња како основачот на Амазон, Џеф Безос, шефот на Фејсбук, Марк Закерберг, пронаоѓачот Илон Маск и филантропот Бил Гејтс.

Само Безос има заработено толку многу од септември, што можел да му плати на секој работник во Амазон бонус од 105.000 долари и да остане богат како пред пандемијата. Амазон вработува повеќе од 1.200.000 луѓе, а 810.000 само во САД.

Оксфам проценува дека поради пандемијата околу 500 милиони луѓе живеат во сиромаштија.

„Ова го гледаме како можност да се преземат радикални чекори, да се оданочуваат богатите и корпорациите и да се зголеми минималната социјална заштита за сите“, рече извршниот директор на „Оксфам“, Дени Срискандарајах.

Многу спортисти, филантропи и претприемачи донирале многу пари за да помогнат во пандемијата.

Коосновачот на Твитер, Џек Дорси, во април објави дека ќе донира милијарда долари во добротворни цели. Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда ќе донираат 305 милиони долари за вакцини, третман и дијагностика, додека Џеф Безос донирал 125 милиони долари, објави BBC.

Путин: Не сум сопственик на луксузната палата, филмот на Навални е лага

Рускиот претседател Владимир Путин денеска негираше дека тој е сопственик на прекрасната луксузна резиденција, како што го обвини приведениот опозициски лидер Алексеј Навални.

"Не сум го видел тој филм, немав време. Ништо од она што е прикажано во филмот, како мое, не ми припаѓа мене, ниту мене ниту на моите најблиски", рече Путин во телевизиско интервју со студенти, разговарајќи за новиот филм на Фондацијата за борба против корупција на Алексеј Навални, објавен на YouTube.

Тој документарец одекна многу во Русија и ширум светот и за само два дена видеото било прегледано повеќе од 86 милиони пати, од кои 40 милиони пати во Русија.

Двочасовниот филм е наречен Палатата на Путин, кој, според Навални, пред се е приказна за корупцијата, детално го прикажува величествениот имот на брегот на Црното Море со површина од скоро 18.000 квадратни метри.

Авторите на филмот тврдат дека околината е скоро 40 пати поголема од Кнежевството Монако и дека зградата наводно чинела 100 милијарди рубљи (околу 1,12 милијарди евра).

Според Фондацијата, палатата била финансирана од руските државни компании „Роснефт“ и „Транснефт“, а со двете управуваат блиски пријатели на Владимир Путин: Игор Сечин и Николај Токариев.

Негирањето на претседателот Путин следува два дена по одржувањето на протестите во повеќе од 100 градови низ целата земја за поддршка на Навални.

Во Москва, повеќе од 20.000 луѓе побарале негово ослободување.

Одговорот на протестите се зголемил по прикажувањето на споменатиот документарец.

По петмесечен престој во Германија, каде што се лекуваше и се опоравуваше од последиците од наводното труење со хемискиот отров новичок, Навални се врати во Русија на 17 јануари и веднаш беше уапсен за кршење на условната слобода.

Навални, 44-годишен адвокат, се наоѓа во московски затвор и чека исход за четири правни случаи, за кои тврди дека се измислени. Тој го обвинува Владимир Путин дека го наредил неговиот атентат. Путин го негира тоа, тврдејќи дека Навални е дел од валкана кампања организирана од САД за да го дискредитираат.

Нови протести за поддршка на Навални се најавени за следната недела, бидејќи е најблиску до датумот 2 февруари, кога Навални треба да се појави пред московскиот суд.

Судот треба да одлучи дали ќе ја смени 3,5 години условната казна затвор во казна затвор.

Моќта на Путин засега изгледа недопирлива, бидејќи 68-годишниот претседател редовно бележи поддршка од над 60 проценти, многу повеќе отколку Навални, објави Би-Би-Си.

Заев – Галовеј: Се интензивира соработката со Велика Британија

Премиерот Зоран Заев, се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во нашата држава. 

На состанокот, соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, заеднички е поздравено интензивирањето на соработката помеѓу двете држави што се случува дури и за време на пандемијата.

Изразено е очекување за уште поактивно унапредување на соработката во сите области, по потпишаната спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Со тоа, како што е оценето, се создадени можности за проширување на билатералните односи во сите области. Како пример за добрата соработка е посочено и обостраното признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји, за што формалните процедури се во фаза на заокружување.

На средбата била соопштена заедничка определба за зголемување на економската соработка, иако Обединетото Кралство и денес е еден од најголемите странски директни инвеститори во земјава.

– Фокусирано работиме на економскиот развој затоа што ни е важен економскиот стандард на граѓаните. Во таа насока веруваме дека НАТО членството е охрабрување и за инвеститорите и од Обединетото Кралство и од другите земји членки, да инвестираат тука. Во тек се и реформите во правосудството, со коишто очекуваме ефикасност и транспаретност во областа, што е важно за европските перспективи на државата, но и за граѓаните и инвеститорите, рекол премиерот Заев, стои во соопштението.

На состанокот биле споделени и информации за справувањето со пандемијата во двете држави.

Премиерот Заев и амбасадорката Галовеј разговарале и за помош и споделување искуства од Велика Британија во областа на безбедноста, владеењето на правото, образованието, медиумите.

Премиерот Заев се заблагодарил на амбасадорката Галовеј за поддршката на кандидатурата на нашата држава за претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и за успешната соработка во областа на одбраната.

притисни ентер