Варвициотис: Исходот од Самитот на ЕУ не е пријатна разврска за Грција

Разврската од Самитот на ЕУ не е пријатна за Грција и не оди во корист на стабилноста во регионот, изјави грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милтиадис Варвициотис.

– Сигурно е дека тоа не е пријатна разврска за нас. Тоа е разврска што не е во корист на стабилноста во регионот. Но, би ви рекол и дека немаше да биде во корист на стабилноста на регионот и одлука што ќе велеше „да" за Скопје, „не" за Тирана, бидејќи во суштина ќе го радикализираше албанскиот елемент кој има многу големо влијание како во Скопје, така и во Косово, вели Варвициотис, додавајќи дека ставот на многумина, а меѓу нив и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, бил дека „не е во корист на стабилноста на регионот разделување на двата случаи".

Како што jави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис, објасни дека и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и премиерот Мицотакис, но и тој лично, минатата седмица на состаноците на ЕУ, излегле со став дека првпат во историјата постои можност „на север да се граничиме со земји кои полека го добиваат статусот член на Европската Унија".

Во однос на ЕУ перспективата на земјава, тој вели дека таа „не била поништена, туку само одложена".

– Вистина е дека скопската страна беше многу притисната. Заев сите денови на самитот се закануваше дека ако не помине договорот ќе поднесе оставка, за што никој од Европа не му кажа дека би било многу мудро да го стори, бидејќи со одлуката не се поништи нивниот европски тек, туку се одложи за следниот самит што ќе се одржи на балкански терен, во Хрватска, во Загреб и вниманието особено ќе биде насочено на она што се случува на Балканот, рече Варвициотис.

Во интервјуто за грчкото радио тој уште еднаш повтори дека Грција „притиска за спроведување" на Договорот од Преспа, нагласувајќи дека тоа прашање било една од темите на средбата што ја имаше со вицепремиерот Бујар Османи. /MИА

Тетовец измамен, платил преку интернет 21 илјада евра за роба која не стигнала

СВР Тетово информира дека жител на тетовскиот регион пријавил измама во која дал пари на странска фирма за набавка на роба, па открил дека е измамен по информација од германски служби. Тој нарачувал преку интернет.

- На 23.04.2024 година во 11.30 часот во СВР Тетово, Б.Ф.(29) од тетовско, сопственик на правно лице, пријавил дека од 23.03.2024 до денот на пријавувањето бил измамен од странска фирма за продажба и компанија за транспорт. Според пријавеното, тој преку интернет порачал роба за потребите на неговата фирма, за која преку банкарски трансакции во неколку наврати платил околу 21 илјада евра, но на 17.04.2024 од компанијата за транспорт го известиле дека нарачката била блокирана во Германија. Како што е пријавено, Б.Ф. стапил во контакт со надлежна служба во Германија, од каде му било кажано дека кај нив нема регистрирано таква стока, по што сфатил дека е измамен, информира СВР Тетово.

Тетовската полиција работи на расчистување на случајот.

Двајца премиерлигаши уапсени поради силување

Англиските медиуми објавија вознемирувачки вести. Двајца 19-годишници, кои се професионални фудбалери во Премиер лигата, се уапсени поради обвинение за силување минатиот викенд, а информацијата ја потврдија од англиската полиција.

Не е наведено во која екипа настапуваат фудбалерите, ниту е познат нивниот идентитет, но познато е дека и двајцата играат за истиот тим кој се натпреварува во елитното ниво на англискиот фудбал.

Според британски „Телеграф“, еден од играчите бил сослушан на клупскиот стадион, додека другиот е приведен бидејќи е осомничен дека помагал во извршување на кривично дело.

Сексуалниот напад за кој се обвинети фудбалерите се случил во петокот, а жртвата веднаш се јавила во полиција, а неколку часа подоцна поднела официјална пријава.

Се наведува дека клубот нема дополнително да коментира и дека работата е во рацете на полицијата.

Ова не е прв пат да се случи ваква ситуација во Премиер лигата. Претходно беа покренати обвиненија против Мејсон Гринвуд и Бенџамин Менди, но на крајот ниту еден од двајцата фудбалери не беше осуден. /МИА

Сончево, попладне со услови за краткотраен дожд

Времето денеска е сончево со мала до умерена облачност.

Попладне наместа ќе има зголемена облачност со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Во втората половина од ноќта ќе има зголемување на облачноста и на повеќе места ќе има врнежи од дожд. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 25 степени Целзиусови.

И во Скопје е сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во втората половина од ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 21 степен Целзиусов.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има повремени врнежите од дожд, а на планините повремен снег. Локално врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 10, а максималната од 5 до 18 степени Целзиусови. Во Скопје минималната температура ќе биде 8, а дневната ќе достигне до 15 степени Целзиусови.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

притисни ентер