Четири лица потешко повредени во сообраќајки во Скопје

Двајца возачи на патничко моторно возило, сопатник и еден пешак биле тешко повредени во четири од вкупно 30  сообраќајни незгоди што изминатиот викенд се случиле на подрачјето на СВР Скопје.

Во 16 сообраќајки полесно биле повредени 24 лица, а во 10 била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека викендов сообраќајната полиција санкционирала 69 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај исклучила 37 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 48 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и пет почетници, како и 36 нерегистрирани возила.

Санкционирани биле и седум возачи кои поминале коловоз вон пешачки премин, седум возачи поминале на крстосница на црвено светло, двајца возачи не дале првенство на минување на обележан пешачки премин, тројца возачи за неправилно престројување, четворица возачи за неправилно престигнување, A еден возач за не давање првенство на минување на возилата во зона на крстосница. Исто така, осуммина биле санкционирани за не користење заштитен шлем од страна на возачите на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл, девет возачи за не носење сигурносен појас, како и 21 возач кои користеле мобилен телефон за време на управување на моторно возило.

Санкционирани биле и седум пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и двајца пешаци кои поминале коловоз на црвено светло.

Затекнати биле 154 возила непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило „пајак", отстранети биле 144 возила./МИА

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер