Конференција за демографските промени во Југоисточна Европа

Конференција за одговор на демографските промени што се случуваат во Југоисточна Европа, преку зајакнување на човечкиот капитал, родовата еднаквост и човековите права, ќе се одржи утре и задутре во Сараево, Босна и Херцеговина.

Регионалната конференција на тема „Динамика на населението, човечки капитал и одржлив развој во Југоисточна Европа" ја организира Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, во соработка со Министерството за надворешни работи на БиХ, Советот за регионална соработка (RCC) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE).

Настанот се одржува со поддршка на канцелариите на постојаните координатори на ООН во државава, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија, како и на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Високиот комесар за бегалци.

На конференцијата ќе учествуваат претставници на владите од регионот, на Обединетите нации, академци, претставници на граѓански организации, како и на меѓународни мултилатерални институции во Југоисточна Европа.

Ќе се дискутира за демографските трендови, како што е ниската стапка на фертилитет, стареење на населението и миграцијата и како може овие предизвици да се претворат во можности преку инвестирање во човечки капитал, проширување на родовата еднаквост и почитување на правата на сите луѓе, вклучувајќи ги и оние што се на маргините на општеството.

Преку дискусиите ќе се обезбедат препораки за преземање активности од страна на државите од регионот со цел да се развијат политики засновани на докази и човекови права, како и за зајакнување на регионалната соработка во врска со динамиката на населението и развојот на човечкиот капитал, најавуваат од УНФПА кои оваа година одбележуваат 50-годишнина и 25-годишнина од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD)./МИА

Земјотрес кај грчкиот остров Хидра

Слаб земјотрес со јачина од 4 степени по рихтер е измерен југоисточно од грчкиот остров Хидра.

Атинската национална опсерваторија соопштила дека потресот бил забележан во 10:15 во море на 51 километар од островот, пренесе „АНА“.

Како што се наведува епицентарот бил лоциран на 122 километри јужно од Атина.

На лондонскиот аеродром уапсен маж кој подготвувал терористички напад

Се сомнева дека тој учествувал во кривични дела во Сирија.

Британската полиција на лондонскиот аеродром Хитроу, уапсила маж кој пристигнал со лет од Турција заради сомнеж дека извршил кривични дела во Сирија, по што против него е покренато обвинение за тероризам.

Мамун Рашид утре ќе се појави пред судот заради обвинение за подготовка на терористички чин, соопшти британската полиција.

Ројтерс наведува дека тој е уапсен во вторник заради сомнеж дека е вмешан во кривични дела поврзани со конфликтот во Сирија.

Британската агенција, исто така наведува дека Турција почнала од своите затвори да праќа поранешни припадници на ИД во нивните матични земји.

Ројтерс не наведува од која земја е уапсениот Рашид.

Папата на ручек угости 1.500 бездомници

Римокатоличката црква денес го одбележува Денот на сиромашните.

По повод тоа Папата Франциск угости на ручек 1.500 бездомници и луѓе во неволја. Гостите во Ватикан биле донесени од волонтери од хуманитарни групи кои секојдневно помагаат на луѓето во неволја.

На менито на ручекот во Ватикан имало лазањи, пилешко во сос од печурки, компир, колач, овошје и кафе.

притисни ентер