Брисел ќе се наврати на преговорите на Македонија и Албанија на Самитот во Загреб во мај следната година, рече Туск во помалку емотивното обраќање. Вели двете земји немаат вина, тие се подготвени за преговори, но за жал, за тоа не беа подготвени неколку земји членки.
-Денеска сакам да испратам порака до нашите македонски и албански пријатели – ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, бидејќи заслуживте, а не добивте. ЕУ е комплексен политички ентитет и вистина е дека некогаш носењето одлуки трае предолго. , изјави Доналд Туск, претседател на Европскиот Совет
А, дека одлуките и натаму можат да траат долго потврди и францускиот претседател Макрон на засебна прес-конференција. Иако соочен со низа критики поради непомирливиот став, францускиот претседател не ја омекна реториката. Вели дека со Македонија и Албанија треба да се има стратешка агенда, но оти не е нужно тие да бидат идни земји членки. Призна дека Македонија имала добра шанса да биде одвоена од Албанија, но оти тој и дел од лидерите го пресметале таквиот ризик.
-Зелено светло само за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција
Таквиот став околу раздвојувањето го дели и германската канцеларка Меркел. Рече дека жали за комплетната одлука, а не се поштеди јавно да го посочи троецот, кој бил најгласен против пакетот Македонија – Албанија.
-Не е тајна ако кажам дека три земји имаа резерви, Франција, Данска и Холандија. Прашањето кое секако го дискутиравме беше за ефектите кои ќе ги има сето ова, секако дека ќе работиме многу за да останеме во близок контакт со овие држави со цел да го намалиме импактот од оваа одлука што е можно помал, вели Ангела Меркел, канцеларка на Германија
Ваквото сценарио можеше да се насети и вчера, а го потврдија и денеска балканските лидери, по како што пренесоа дел од медиумите, играта на нерви што се случувала до два часот утрината со конечен неповолен исход за двете земји.
-Неколку пати пред Советот долго разговарав со Зоран Заев и мојот совет до него беше да не си поднесува оставка зашто заврши многу работа и има уште многу што да се направи., изјави Бојко Борисов, премиер на Бугарија
Еврокомесарот Хан на твитер напиша дека одговорноста за недобивање датум е кај ЕУ, а не во Северна Македонија и Албанија.